Дали Димитров се уште е оптимист дека ќе има решение за името?
Објавено во: Македонија 12 Март, 2018
Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров изјави дека ситуацијата со преговорите со Грција се менува секојдневно и од тоа зависи оптимизмот за евентуалното решение.
Македонија, како што наведува Димитров, прави сѐ за да се дојде до достоинствен компромис кој така ќе биде доживеан од двете страни. Не се плашиме, смета тој, да им погледнеме на проблемите во очи, но не зависи сѐ од нас.
„Се обидуваме да најдеме решение што ќе ги покрие грижите на двете страни во смисла на дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција, но дистинкција што ќе биде достоинствена и нема да навлезе во идентитетските прашања на двете страни. Две европски држави во 21 век кои споделуваат географски регион Македонија треба и мора да најдат начин како да споделуваат и такви културни наследства, дури и тогаш кога под поимот подразбираат различни работи или ставаат различен акцент“ – кажа Димитров на прес-конференцијата со неговиот полски колега, Јацек Чапутовиќ.
Тој вели дека ако се суди по она што го направија со договорот со Бугарија, може да се види дека македонското општество не се плаши да затвора тешки прашања и да им гледа директно в очи на проблемите.
Димитров објаснува дека кај него прво како граѓанин, а потоа како одговорен, односно меѓу одговорните за ова прашање се менува практично дневно.Чапутович се надева дека разговорите меѓу Македонија и Грција, ќе завршат успешно.
Тој додаде дека иако јавноста има потреба да биде запознаена со текот на преговорите, не е добро јавно да се пласираат сите информации.