Дали името ќе се реши по Велигден како што пишуваат грчките медиуми?
Објавено во: Балкан 13 Март, 2018
Грчкиот весник Ифимерида пишува дека решавањето на спорот се очекува да се случи по Велигден кога грчката Влада уште посериозно ќе му се посветела на прашањето.
Но, весникот отвора и дилеми за иднината на актуелната владина коалиција на Ципрас. Имено, партијата Независни Грци на Панос Каменос веќе отворено пресече дека нема да гласа за можно решение кое ќе го вклучува терминот „Македонија”. Според Ифимерида постои веројатност партијата Потами предводена од Ставрос Теодоракис да биде нов коалиционен партнер на Ципрас затоа што Теодоракис неколку пати потврди дека ги поддржува ставовите на Владата во однос на името.
Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас ќе дојде во Скопје на 22 и 23 март, пишува грчкиот весник Та Неа. Иако официјално не е потврдено ниту во Скопје ни во Атина, според Та Неа, станува збор за важна посета бидејќи на неа ќе се дискутирало за предлозите на двете страни за постигнување на меѓународен договор. Во фокусот се очекува да бидат евентуални измени во Уставот на државава и за начинот како да се спроведе договорот со цел да и се овозможи на земјава да добие покана за НАТО и да добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.