25 Април, 2024
0.3551

Давутоглу за Фактор: Четирите политички земјотреси кои го потресоа светот по Студената војна

Објавено во: Колумни 07 Мај, 2017

Добивај вести на Viber

Ексклузивна колумна на поранешниот премиер на Турција за Фактор

Падот на системот на Студената војна вети дека ќе поттикне нов глобален поредок. Сепак, тоа не се случи. Наместо тоа, светот мораше да се справува со многу монументални кризи, пресвртни точки, и преобразувачки настани без да ги научи лекциите, што резултираше со реактивни и нагаѓачки формули кои ги влошија проблемите. Меѓународниот систем постепено акумулираше редица прашања, проблеми и кризи, секоја изградена врз остатоците од претходно нерешената или замрзната криза. Затоа, кога зборуваме за тековните кризи треба да сме свесни за опасноста од нагаѓање, краткорочност и партикуларизам при нивното анализирање. За жал, додека одговорите и реакциите на денешните изборни циклуси на Западот- кој великодушно награди популистички, ксенофобични и нео-националистички групи доведе до одредено преиспитување помеѓу политичката и интелектуалната класа, како и помеѓу загрижените граѓани на Запад и на други места, малку покажаа подготвеност за анализа на коренот на овој тренд преку сместување на истиот во историски контекст. Последните случувања не се одвиваат еволутивно, и како што веќе еднаш спомнав, најдобро може да одговориме на нашите сегашни циклуси на промени ако ја разбереме бурата на земјотреси која го обликува нашиот свет.

 1.  Земјотреси во светската политика

Глобалниот систем за првпат беше потресен од геополитички земјотреси по крајот на Студената војна. Во овој период, се прецрта картата на Евроазија, заврши геополитиката на Студената војна, и се појавија новите земји. Со распаѓањето на авторитарните политички структури на комунистичкиот блок, надојде нов бран на демократизација во Централна и Источна Европа, како и нови регионални иницијативи, каква што е Европската Унија. Потоа, нешто повеќе од една деценија подоцна, глобалниот систем посведочи на безбедносен земјотрес на 11 септември 2001 година. Додека вредностите како што се слободата и демократијата беа во центарот на геополитичкиот земјотрес, основната концептуална рамка по 9/11 се вртеше околу прашањата на безбедност, создавање на атмосфера на анимозитет, вознемиреност и недоверба во меѓународната сфера. Третиот голем земјотрес, што се почувствува уште подлабоко, ги погоди финансиските системи, прво во САД во 2008 година, по што следеше кризата во Еврозоната во 2010 година и следствено глобалната финансиска криза. Четвртиот голем земјотрес се појави во арапскиот свет од 2010 година па наваму и беше социополитички/ економски во својата природа. Сѐ додека, и под услов овој земјотрес не го исполни своето првобитно ветување да донесе достоинство, слобода, демократија и економски напредок на арапските народи, ќе продолжи да го тресе целиот регион во неговите темели.

Краткорочноста и нагаѓачките политики биле првенствено употребени за справување со овие земјотреси, оставајќи ги нерешени и отворајќи го патот за она што сега се случува: системски земјотрес кој се карактеризира со растечки бран на екстремизам кој опфаќа сѐ од терористички активности на групи како ИСИС до популистички бран на скорешните избори во Европа и во САД. Една од позагрижувачките последици на овие земјотреси е порастотна популистичките автократии, ексклузивноста, унилатерализмот, себичната потрага по тесно дефинираните национални интереси на сметка на заедничките вредности и добра.

На лична нота, Турција е во центарот на сите овие земјотреси. Како академик кој посветипоголем дел од својот интелектуален и академски живот во преиспитување на основните причини за овие земјотреси, а подоцна и како Министер за надворешни работи и Премиер на Турција, кој мораше да формулира одговори преку креирање на политики за овие сеизмички настани, препознав шема на кратокрочни и реактивни национални, регионални и меѓународни реакции кои не успеаја да се справат со пошироките прашања на глобалното владеење и системскиот поредок.

2. Предизвици и недостатоци на сегашниот поредок

Пост-вистина, пост-поредок, пост-факти и слични концепти обилно се користеа за да се опише она низ коешто проаѓа светот. На пример, додека поимот "пост-вистина" се користи за да даде осврт на контекстот- факторите кои го отворија патот за она што ние сега го доживуваме, терминот "пост-поредок" се користи за да се опише глобалниот систем, или недостаток од истиот. Ако не ѝм се пристапи со доза на скептицизам и дистанца, овие концепти внесуваат недостаток на интелектуална или аналитичка строгост, и ѝ служат на непосакуваната цел на ослободување на чинителите од нивната одговорност за она што се случува. Необременетото размислување кое не е заложник на ново- популаризираните концепти треба да се комбинира со сфаќањето дека традиционалната употреба на еднаш описните концепти, како што се десно и лево, е значително ограничена во поимањето на тековниот феномен.

Денешниот меѓународен "поредок" одржуван во голема мера од американската моќ, наводно поткрепен со вредности како што се демократијата, владеењето на правото, слободните пазари, и од страна на институциите, како што се ОН, Г-20, ММФ, Светска банка, СТО, се соочува со сериозни предизвици. Прво, администрацијата на Трамп со својата политика на "Америка на прво место" се чини дека се дистанцира од системот, која е најактуелната од сите денешни кризи. Веројатно, нејзиното влијание може да се намали или преку посветеноста на естаблишментот на САД на светскиот поредок, или преку поголема колективна сопственост на истиот. Второ, декларираниот систем на вредности на постојниот поредок или се применува селективно или не се применува во многу контексти. На пример, за време на четвртиот земјотрес кој произлезе од бунтовите во арапскиот свет, меѓународните актери во голема мера усвоија краткорочни и поразителни политики, наместо да застанат позади декларираните вредности на поредокот како што е демократијата. Ова ги остави луѓето со невкусниот избор на тероризам наспроти полициските држави, што за возврат значително ја намали легитимноста на меѓународниот поредокот за големите сегменти од светското население. Трето, институциите во најраспространетиот меѓународен поредок се во очајна потреба од реформа и надградба. Земете го примерот со ОН: тоа е институција во голема мера испразнета од успешни приказни, а со тоа и од кредибилитет. Покрај тоа, управувачката структура на овие институции не е инклузивна, така што тие дејствуваат како ексклузивен клуб првенствено наменет да ѝм служи на интересите на моќните на сметка на слабите. Сѐ додека меѓународните институции вака се поимаат, нивниот легитимитетот секогаш ќе биде доведуван во прашање.

”Необременетото размислување кое не е заложник на ново- популаризираните концепти треба да се комбинира со сфаќањето дека традиционалната употреба на еднаш описните концепти, како што се десно и лево, е значително ограничена во поимањето на тековниот феномен"

Неодамнешните дебати за иднината на меѓународниот "поредок" се активираа со Брегзит и изборот на Трамп. Сепак, вриечката сегашност не треба да ги води нашите одговори на оваа длабока криза. Некои концепти, прашања и "факти" треба сериозно да се преиспитаат. Идеите за промена и поредок, како и застапниците на промена и поредок, треба темелно да се проучат пред да ви понудиме одржлив, инклузивен и праведен одговор на моменталната системска криза.

3.  Нужноста за промена и модалитетите на поредокот 

Со оглед на актуелните системски земјотреси, политичките и интелектуалните класи треба да препознаат дека промената е неопходна и неизбежна. Откако ќе се утврди ова, следните прашања ќе бидат за она кое мора да се промени, и како да се промени. Еден од основните недостатоци на сегашниот меѓународен "поредок" е неговото прекумерно потпирање на технократијата. Таквата е незастапувачка, со демократски дефицит во нејзиното јадро, што пак доведе до прогресивно спласнување на општествената сопственост на системот. Ова пак за возврат создаде маѓепсан круг: колку повеќе општествената основа на тековниот поредок се намалува, толку повеќе се потпира на глобалистичката технократија за да опстане, но потоа колку повеќе се потпира на оваа технократија, толку повеќе луѓето се оттуѓуваат од системот. Голем дел од општествата ширум светот го сметаат овој систем за туторско наметнување на глобално ниво. Оваа поплака игра право во рацете на популистичките автократи. Затоа, тензијата помеѓу технократската природа на системот и зголемената побарувачка да биде позастапувачка, треба директно да се решава.

Откако ова ќе се реши, приврзаниците на одржување на реформираната верзија на сегашниот "поредок" треба да се спротивстават на порегресивните и екслузионистички барања за промена промовирани од популистите со многу понапредна и инклузивна идеја за промена. Ова значи дека меѓународниот поредок кој не се базира на правила и вредности и во суштина не е одраз на вредностите и интересите на голем сегмент од човештвото ќе биде осуден на неуспех. Секако, полесно е да се рече отколку да се направи. Сепак, постојат два пристапи.

Првата опција е да се договорат збир на начела и вредности и да се изгради поредокот врз основа на истите. Така, основата на вредности е јасна за сите. Би имале збир на правила и сценарио применливо за сите. Покрај тоа, овој пристап исто така, ги обезбедува критериумите и одредниците со кои ќе се мери ефикасноста и ќе се откриваат дефектите на системот. Таков инклузивен поредок базиран на вредности ќе понуди легитимитет и широка општествена основа во целиот свет.

Вториот пристап е да се направи обид и да се изгради поредок врз основа на нагаѓање и прагматизам. Оваа форма на поредок ќе лежи на нестабилна основа и ќе се доведува во прашање од првиот ден. Ќе се соочи со циклус на кризи кои ќе произлегуваат од конкуренцијата и ривалството со збир нула. Како такви, инклузивноста базирана на правила, и правичноста поттикната од начелата треба да бидат градивно ткиво на секој еден поредок, сегашниот поредок треба во најмала рака да се стреми да се надогради со овие фактори во предвид. Иако сегашниот систем треба во теорија веќе да го одразува првиот пристап, неговата примена во пракса покажува дека истиот е поблиску до вториот.

... тензијата помеѓу технократската природа на системот и зголемената побарувачка да биде позастапувачка, треба директно да се решава.

Кој ја сноси одговорноста за воспоставување или одржување на поредокот? На национално ниво има два кандидати: естаблишментот или популистичките лидери на новите антисистемски бранови. Проблемот е во тоа што естаблишментот не го поседува потребниот легитимитет за да изгради нов или драматично да го надгради стариот поредок. Но, новите популисти немаат ниту намера, ниту пак знаење и вештини за воспоставување на нов поредок или за значителна измена на постојниот. Интеракцијата, меѓусебната борба ќе го обликува националниот поредок, кој пак понатаму ќе го обликува меѓународниот поредок. На меѓународно ниво, ОН требаше да функционира како примарна платформа за дискусија околу реформираниот или нов поредок, сепак нејзиниот учинок не охрабрува.
 
4.  Потребата од поинклузивно глобално владеење

Сè на сè, растечката популистичка плима и системските кризи јасно покажаа дека сегашниот меѓународен "поредок" е во процес на делегитимизација на две нивоа. Прво, отфрлен е како извор на неправда, неправичност и наметнување, симптом на распаѓањето на глобалната елита и нејзината рамнодушност или дистанцирањето од поплаките на луѓето во општествата ширум светот. Второ, сегашниот "поредок" е доведен во прашање од страна на големите групи на држави, особено растечките сили меѓу кои и Турција, кои со право го сметаат за незастапувачки, како таков кој речиси исклучиво ги одразува проекциите и приоритетите на победничките западните сили од Втората светска војна. Неможноста на системот рамноправно да ги прими и застапува не само што го намалува неговиот легитимитет, туку и го поткопува неговото функционирање. Комбинираното влијание на овие два фактори ја генерира современата криза на легитимитет. Во оваа фаза, клучното прашање е дали овој процес на делегитимизација ќе доведе до целосна дезинтеграцијата на системот. Со други зборови, допрва треба да се види дали овој системски земјотрес ќе кулминира со распаѓањето на сегашниот поредок, или со негова преобразба. За да се избегне дезинтеграција, треба да се преземат големи реформи за да се возобнови легимитетот, кој е единствениот начин сегашниот поредок да го преброди системскиот земјотрес.

Инаку, сегашните трендови се загрижувачки и наликуваат на политиките од 19 век или на оние во периодот пред Втората светска војна. Актуелната економска криза, зголемувањето на изолационистичките тенденции меѓу големите сили, подемот на популистичките политики и автократии, унилатерализмот, перцепцијата на политики и меѓународни односи како игри со збир нула и сличните карактеристики претставуваат застрашувачки трендови кои можат да се вратат назад. Изборот е јасен. Светот или повторно ќе се упати кон взаемно деструктивната "рамнотежа на системите на моќ" или ќе се стреми кон воспоставување на взаемно корисна, поблагонаклонета, инклузивна, правична и хуманитарна структура на глобално владеење. Додека тесно- дефинираните интереси и поразителниот унилатерализам го формираат доминантниот карактер на поранешниот систем, заедничките вредности и правилата, и взаемно корисниот мултилатерализам, ќе ги дефинира општите контури на втората опција.

Неисполнетата надеж од 1990 години беше да се реализира иднина обликувана од глобално владеење. Разликата помеѓу глобалното владеење и меѓународниот поредок е во тоа што меѓународниот упатува на тоа дека националните држави се главните единици и дека поредокот се формира како резултат на односите и дијалогот меѓу нациите. Глобалното владеење е поинтерактивно, повеќе базирано на дијалог и потранснационално. Во таа смисла, тоа не е само дијалог меѓу националните држави, туку и меѓу луѓето, со интерактивен, меѓусебно поврзан систем на создавање на меѓународен поредок. Затоа, човештвото во оваа фаза има потреба од мултилатерална, консензуална, правична и инклузивна форма на глобално владеење кое ќе се базира на правила и вредности.

Автор: Ахмет Давутоглу

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок