Денеска се урива најпознатата плажа на Охридско езеро, менаџерот вели дека приходот бил 216 милиони денари
Објавено во: Економија 09 Јуни, 2021
Под силно полициско обезбедување денеска започна отстранувањето и демонтирањето на платформата во езерото пред „Куба Либре”, една од најатрактивне плажи и локации на источниот брег на Охридското Езеро.
Маријан Маловчев, менаџер на „Куба Либре“, рече дека прометот изнесувал 216 милиони денари, 516.000 евра биле реинвестирани, а 300.000 евра биле платени како данок за државата. Менаџерот вели дека до 28 февруари 2021 биле исплатени сите обврски кон концесијата.
– Плажата е изградена со проект, со обезбедени сите потребни дозволи од општината и државата. Никој од надлежните не дојде да ни каже како треба да изгледа просторот, што ние треба да преземеме. Доброволно ќе направевме се што треба, но за жал, не добивме ниту известување, уште помалку некој да праша какви се нашите проблеми, изјави Маловчев.
Во меѓувреме операторот го одјави своето работење и најави брзо отворање.
„Куба Либре ви се заблагодарува на сите што години наназад бевте заедно со Нас.Се гледаме во подобри времиња за брзо!“, беше напишано на Фејсбук.
Од Општина Охрид е најавено дека акцијата на уривање ќе ги опфати сите пет плажи што се опфатени со Генералниот урбанистички план, односно „Куба Либре, „Кадмо“, „Бела Виста“, како и „Канео“„ и „Потпеш“.