28 Март, 2024
0.0128

Детските бракови во пораст, институциите немоќни да ги сопрат и контролираат!

Објавено во: 12 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

Расте бројот на детски бракови, но не сите надлежни институции ги третираат истите како повреда на правата на децата, дејствуваат во случаи кога тие се идентификувани на терен, ниту пак водат точна  евиденција за нивниот  бројот - реагираат од невладината организација ROMA S.O.S.

Браковите помеѓу малолетници, како што велат  се најизразени помеѓу ромската националност. Оттаму потенцираат дека само во Прилеп во периодот од јануари-јуни 2015 година, неофицијално се забележани  повеќе од 20 формирани вонбрачни заедници во ромската заедница помеѓу и со малолетни лица.

“Детските бракови се уште не се доволно посочени како проблем и на нив често се гледа како дел од традицијата на Ромите односно културна карактеристика што треба да се почитува, одржува и премолчи. Во отсуство на посебни институционални обврски за спречување на овие случаи, практиката покажува дека бројот на бракови кај Ромите е постојано висок и во споредба со другите заедници драстично повисок.Постоењето на вонбрачни заедници помеѓу и со малолетници придонесува за девојчињата да го напуштат образовниот процес, а со тоа се зајакнува и родовата нееднаквост”-велат од прилепската невладина организација која работи со оваа популација.

Тие објаснуваат дека податоците добиени  од  Мултииндикаторското  кластерското истражување од 2011 година покажуваат дека детските бракови се актуелен проблем во Македонија и притоа постојат големи разлики кај различните етнички заедници.

Во категоријата девојчиња на возраст од 15 до 19 години кои се во брак или живеат во заедница националната стапка изнесува 4%.  Кај Македонците е 2%, кај Албанците е 6%, а кај Ромите е 22%. Во однос на млади жени на возраст од 15-19 години кои родиле или моментално се бремени, националната стапка е 3%, а кај Ромите оваа стапка е 18%. Покрај тоа, во однос на сиромаштијата, националниот просек на  испитаниците е 5% и 25% за Ромите, а во однос на основното образование, националниот просек е 12%, а кај жените Ромки 24%.

“Ако се анализира состојбата до денес бројките се сигурно поголеми, но сепак процентуално е видливо најдрастично одскокнување кај ромската популација. Детските бракови се бракови кои се формирани пред стекнување полнолетство, а возрасната граница во согласност со законите на Република Македонија е полни 18 години. Според Кривичниот законик, детските бракови се забранети, а живеењето во вонбрачна заедница со и помеѓу малолетни лица се смета за кривично дело односно претставува повреда на правата на децата.Оттука е потребна сериозна институционална грижа за контрола и проверка на состојбата на терен” -велат од ROMA S.O.S.

Тие објаснуваат и за останатите законски постапки кои го усложнуваат контролирањето на овие бракови бидејќи законски надлежните тела се ограничени во дејствијата за случаи кога детето со полни 16 години формирало вонбрачна заедница без согласност на родителите. Според домашната регулатива истото лице има стекнато деловна способност како постар малолетник и може да живее надвор од неговиот дом со друго лице.

“Законот за семејство им дава можност на лицата помлади од 18 години да стапат во брак со согласност од родителите.  Дозвола за склучување на брак на лице кое наполнило 16 години може да даде и  надлежниот суд во вонпроцесна постапка доколку утврди дека лицето има достигнато физичка и ментална зрелост потребна за извршување на правата и должностите во бракот. Судот донесува одлука по рагледување на мислење дадено од страна на здравствена установа и стручна помош од Центарот за социјална работа.Вонбрачни заедници се склучуваат помеѓу и со лица на возраст од 14-16 години и притоа може да бидат со или без согласност на родителите, па дури и со или без своја согласност. Домашното законодавство ги категоризира овие лица во група на помлади малолетници без посебни права и одговорности, а институциите се должни кривично да ги гонат одговорните возрасни лица”-објаснуваат од невладиниот сектор.

Детските бракови според нив директно влијаат и на психо-физичкиот развој на детето но и во формирањето на личноста, што остава трајни последици низ натамошниот период.

“Сексуалната активност на многу рана возраст го попречува развојот на гениталните органи, може да предизвика сексуално преносливи болести како и рана бременост. Покрај тоа, се поставува прашањето за нивната подготвеност да едуцираат и воспитуваат идни генерации, како и нивниот личен психолошки развој бидејќи со склучувањето на брак на рана возраст лицата се подложни на неочекувани стресни ситуации.Ако некое лице склучи брак пред 18 години, се поставува прашањето за можноста на лицето да го заврши образованието, а истовремено да посвети време на новоформираното семејство и исполнување на брачните и родителски должности. Ова директно влијае на способноста да се обезбеди економска стабилност на партнерите, како и на децата што ќе се одгледуваат во тоа семејство”-нагласуваат од невладината ROMA S.O.S.

Интернационална регулатива!

Активистите ги посочуваат препораките на Комитетот на ОН од каде разгледувајќи го прогресот при имплементација на Конвенцијата за правата на децата од страна на земјава, се истакнува дека „минималната”  законска возраст за брак е 18 години и притоа ја советуваат  државата раните и присилни бракови да ги прогласи за ескплицитно противзаконски, а одговорните за тие дела да се казнат.

Меѓу препораките се бара да се имплементира постојното законодавство и да се  обезбеди браковите на деца под 18 да се дозволат само во исклучителни случаи со судски налог и само кога тоа е во најдобар интерес на детето. Меѓу другото интернационалната регулатива бара да се спроведат истражувања со цел да се процени бројот на деца кои се под влијание на раните и присилни бракови, вклучувајќи ги и традиционалните бракови кои не се регистрирани кај надлежните органи, да развие конкретни мерки за намалување и искоренување на оваа практика.

Дополнително се нагласува дека е потребна  обука и поддршка за професионалците кои работат со семејствата и децата со цел да им се помогне на оние кои се во опасност од рани и присилни бракови, но и да се работи со засегнатите заедници за да се спроведат кампањи за намалување на негативните ефекти од раните и присилните бракови, особено за правата и развојот на девојчињата.

С.Б