Димитров: Да не гледа Делчев, нема да е среќен
Објавено во: Македонија 19 Септември, 2020
Никола Димитров, вицепремиерот за евроинтеграции, во своето синоќешно гостување во емисијата 360 Степени на Алста М рече дека Гоце Делчев не би бил среќен доколку го видел Меморандумот на Бугарија упатен до земјите-членки на ЕУ пред почетокот на преговорите со Македонија.
„Малку треба да мислиме и за суштината. Јас мислам Гоце Делчев ако од некаде не гледа, ова нема да го прави многу среќен. Бидејќи тоа е херој што животот го посветил и го дал за оваа кауза, којшто е многу важен и за нив и за нас, којшто меѓу другото, во однос на тоа како ја креирал политиката во револуционерното движење, него треба да го гледаме низ неговите писма и други изјаснувања, таму веќе се чувствува една тенденција дека ова е наша битка. Тој го чува тоа дело и битката од влијанијата од страна и тоа се чувствува. Што ние ќе правиме сега што ќе влијае врз иднината ќе покаже како кон нас ќе гледа историјата“, рече Димитров.
Димитров констатира дека младите, од основно училиште до студенти, треба да ги читаат неговите писма и повеќе да се учи за неговите дела, како и тоа дека Делчев не сакал мешање од страна, вклучително и на Софија.
- И затоа мислам дека тој да е жив и да ја слуша денешнава дебата нема да му се верува на кое дереџе сме во оваа дискусија, вели тој.
Вицепремиерот рече дека ние заслужуваме нашите соседи и комшии да не не ставаат во ситуација да имаме некаква си фусноста.
- И во таа смисла македонскиот јазик, којшто се разбира е во согласност со уставот, но и со направената кодификација, е наша работа. Нас не ни требаат печати од други држави, признавања или непризнавања, наведе Димитров.