28 Март, 2024
0.0475

Додека има овци, ќе има и волна, но до кога тие што стрижат ќе удираат и заушка?!

Објавено во: Колумни 05 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Утро е, полека се подготвувате да го започнете работниот ден, онака крадешкум потпивнувајќи од утринското кафе додека ги собирате клучевите, и внимавате нешто да не заборавите, орни за долгиот ден што ве чека. Само што сте се упатиле кон работното место ѕвони телефонот...непознат број, кој ли е сега?!

Љубезно се јавувате, кога од таа страна на линијата, ви го кажуваат името и презимето, прашувајќи дали сте тоа вие и кога ќе одговорите потврдно, следи дека ви се јавуваат по овластување на вашата банка со предупредување дека имате доспеан неподмирен долг на вашата кредитна картичка и имате блиц прашање, кога ќе извршите уплата?! Убеден сум дека најголем број од граѓаните на републикава имаат доживеано вакво непријатно искуство, но уште понепријатно е кога во наредниот извештај ќе забележите дека за таа опомена ви наплатиле како телефонски да ве барале од Австралија.

Да, точно е дека во секој договор што се склучува со која било банка стои дека банката го задржува правото да ги искористи сите инструменти за наплата, како што е блокирање на трансакциската сметка; ангажирање на нотар, на извршител, но не и вклучувањето на ваквите фирми за вршење дополнителен притисок врз граѓаните, кои никаде не стојат во договорите дека можат да ве прогонуваат и да ви вршат притисок; дали коминтентот, граѓанинот се согласил некој во име на банката да му се јавува, да го вознемирува во текот на денот и сето тоа да оди на негова сметка, за што банката солидно наплатува?!

Секој граѓанин - должник, знае дека има долг кон банката, кој најверојатно не е подмирен заради тоа што во моментот нема пари и уште на сето тоа некој од некаде ќе го предупредува за да му направи дополнителен долг?! Дали банката не пресметува камата на долгот со секој изминат ден, за да мора да ангажира некаква фирма која секој повик го наплатува како вам да ви направила услуга?! За каква тоа услуга станува збор и дали воопшто тоа е услуга?!

Несомнено, бројни се начините на кои од граѓаните се наплатува за сѐ и сешто, но ова, без јасно изразена експлицитна согласност од страна на граѓанинот, не би смеело да се дозволи. Во овие стории има и едно сензитивно прашање, тоа е заштитата на личните податоци. Познавам многумина што својот телефонски број јавно го немаат објавено во единствениот телефонски именик на Република Македонија. Но, тоа не е пречка, банките да ги даваат броевите со кои располагаат и адресите на кои живеат должниците. Така, има случаи кога за нечие долгување се јавуваат на лица што живеат на иста адреса или користат број што некогаш го користел должникот. Со кое право тоа го чинат, кој им го дозволил тоа?!

Се прашувам зошто уште некој не се сетил да оформи некоја служба од градот, што ќе ви заврти на вашиот мобилен за да ви соопштат дека надвор воздухот е загаден и дека дишењето е на ваш ризик, за потоа, да ви се испорача сметка за укажувањето како да сте пиеле чај со рум некаде на Алпите.

Очигледно оваа земја е многу богата, за минатата година четирите водечки банки оствариле чиста добивка од преку 67 милиони евра...од два милиони жители и од кое стопанство?! Познато е дека банкарскиот сектор се наоѓа меѓу оние сектори во кои се исплатуваат највисоки плати, и треба, меѓутоа редно е еднаш да се стави крај на не фер договори, кои граѓанинот и да сака не може да ги промени, бидејќи банките тоа не го дозволуваат (впрочем иста е состојбата и со договорите од телефонските оператори, за кои АЕК молчи како риба во аквариум; договорите на јавните претпријатија и тн. Има ли некој што успеал запирка да промени во нив или до толку се совршени договорите, што кога ќе ги прочитате сите обврски се наведени, но тие се само за граѓанинот); договори со договорни клаузули напишани со мали букви преку кои граѓаните се вовлекуваат во лихварски однос кон банките, телефонските оператори, јавните претпријатија, ЕВН, за што сите тие си ангажираат и истерувачи на ѓаволи во свое име, а за сметка на граѓаните, убедувајќи ги дека кога го потпишале договорот за кредитна картичка, потпишале и согласност за ваква услуга.

Во овој контекст посебна приказна се нотарите и извршителите. Се прават бројни малверзации со доставите до граѓаните, кои имаат и процесуални импликации.
Неспорно е дека на граѓаните им се товарат трошоците за достава, но тие изнесуваат околу 200 денари ако доставата уредно се изврши преку поштенски оператор, но истата таа достава ако ја изврши лице од канцеларијата на нотарот или извршителот, граѓанинот ќе го чини 1.200 денари. Малверзациите се прават во непосреден договор со доставувачите или со лице кое тие ќе го испратат да ја однесе доставницата, лице кое е без овластување и без можност да се легитимира кога ќе ја изврши доставата. Ова особено ако се знае дека ниту нотарите, ниту извршителите намаат толку доставувачи.
Контрола, или инспекциски надзор од страна на надлежни институции, меѓу кои и Министерството за правда кое по сила на закон има надлежности кон нотарите и извршителите, нема, нема ниту желба, ниту има капацитети, но затоа граѓаните и натаму ќе ги полнат џебовите на банкарите, лихварите, нотарите, извршителите и останатите кесеџии кои се множат како плевел во државата, а одговорните, избраните и именуваните ќе ветуваат и остваруваат подобар живот...но за себе и блиските на нив. Едноставно било и ќе биде, се додека има овци, ќе има и волна, но до кога тие што стрижат ќе удараат и заушка?!

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?