28 Март, 2024
0.0234

ДОСИЕ „ШПИОН“: Кој е кој во аферата што ја потресе македонската јавност?

Објавено во: Анализа 18 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Од дваестината осомничени за шпионажа најголемиот дел се припадници на безбедносните служби, непознати за пошироката јавност. Но, има и неколкумина јавни личности: 1. Генерал Горан Стојков Поранешниот генерал, кој пред десетина години веќе беше притворан за Раштански лозја и сомнителни набавки од 2001 година, е 11-то осомничен во случајот „Шпион“. Која била неговата улога во групата се уште не е познато, но веќе е извесно дека судско-притворската голгота на 43 годишниот Стојков ќе продолжи и во следните години. Неговата кариера беше метеорска за време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, 1998-2002.. Во МВР засновал работен однос во февруари 2000 година, а во април 2001 година се здобил со чин мајор и бил унапреден во чин потполковник, за по кратко време, вонредно да биде унапреден во чин генерал мајор. Брзото напредување се должеше пред се на тоа што Стојков за време на конфликтот и по тоа беше Командант на единицата за брзи интервенции „Лавови“. Од функцијата си поднесе оставка кон крајот на 2002 година, поради како што рече тогаш, усно добиената наредба за намалување на бројот на Лавовите. „Планот со кој е замислена операцијата за растурање на единицата и методите со кои тоа се изведува ги сметам за непристојни и недостојни. За мене како командант на единицата е прашање на чест да не учествувам во еден неетички чин кој некои луѓе заради свои лични интереси или заради свои лични кариери сакаат да го спореведат“ - рече тогаш Стојков. По промената на власта, тој веќе беше во немилост. Пред да започнат судските процеси, за кои беше ослободен по неколку години судења во сите инстанци, тој прво беше деградиран во службата, со тешки обвиненија од МВР. "Да биде апсурдот уште поголем за здобивање со чин, макар и мајор, потребно е високо образование, за кое во работното досие на Стојков нема доказ, и најмалку четири години работно искуство во еден чин за да може да се премине во наредниот повисок. Таканаречениот генерал Стојков не го исполнувал ниту тој услов, поради што е прераспореден на работно место со соодветно образование, а чинот му е одземен врз основа на законското право на директорот на БЈБ за одземање на чинот кој го следи работното место", соопшти тогаш МВР на чие чело беше Хари Костов. Потоа следеше неговото апсење за Раштански лозја. Во притвор со уште неколкумина беше една година, за во 2005 та Основниот суд Скопје 2 им изрече ослободителни пресуди, кои подоцна беа потврдени и од Апелација. "Пукав оти тие пукаа. Да ме осудат на милион години јас пак ќе пукам за да ја одбранам државата", кажа Горан Стојков пред судиите во Аплеациониот суд. Генералот кратко беше во притвор и за обвинение за злоупотреби во набавките за Лавовите, а откако пред неколку години конечно се чинеше дека судниците и затворите се зад него, се повлече од јавниот живот и се посвети на бизнис. Формираше професионална спасувачка служба. Во политичкиот живот повторно кратко се појави пред изборите во 2011 година, кога ги повика бранителите да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. - Апелирам  на лојалноста на  безбедносните сили кон тие што можат и тие што сакаат да им помогнат. Мојот авторитет го заложувам за опцијата на ВМРО-ДПМНЕ, да можеме утре сите заедно гордо да бидеме исправени  пред нашите деца и нашите внуци. Ги повикувам затоа сите бранители со трезвена глава да размислат што понатаму, истакна генерал Стојков во една изјава пред изборите. По нив, се шпекулираше дека е можен министер за внатрешни работи, но најавите не се исполнија, па се досега јавноста за него немаше слушнато ништо. 2. Ване Цветанов Цветанов, кој сега има 35 години, стана познат на македонската јавност во 2006 година, кога од новата власт на ВМРО-ДПМНЕ беше именуван за директор на Управата за перење пари. На функцијата остана 4 години, се до 2010 година, кога не очекувано си поднесе оставка. Тоа, како што наведе тогаш, го направил поради  „лицемерната политика и незаинтересираност за борба против вистинскиот криминал од страна на Владата“. Потоа одреден период беше надвор од земјава, но се врати пред околу две години и веднаш политички се активираше во партијата на Љубчо Георгиевски, ВМРО-Народна, и важеше за жесток критичар на власта. - Јас бев во власта како директор на една реномирана институција, која впрочем стана таква благодарение на мојата четиригодишна работа. И, во моменти кога имав огромна политичка моќ, јас излегов од таа влада, со која не се согласував, пред се, во однос на борбата против организираниот криминал. Така што, доколку ми било до власт, ќе си седев мирно и немаше две години наназад да се борам внатре во ВМРО-ДПМНЕ.  Имено, ВМРО-ДПМНЕ целосно избега од идеолошкиот концепт на партијата до 2006 година. Оттогаш, оној тренд на србизација на партијата се повеќе се засилуваше и се повеќе стануваше актуелен. Оттргнувањето на десничарската матрица на партијата се гледа по секојдневните популистички методи. Постои и уште еден факт - демократијата во земјава е мисловна именка, но тоа е само последица. Главната причина за тоа е ослабувањето на капацитетите на институциите кои треба да ја гарантираат демократијата - рече Цветанов во едно интервју од минатата година. Сега полицијата го сомничи дека во 2011 година остварил контакт со првоосомничениот Марјан Ефремов и новинарот Зоран Божиновски, и предал доверливи документи кои не смеел да ги поседува. Инаку, ова не е прва првијава за Цветанов. Во 2011 година против него МВР поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба, бидејќи го оштетил буџетот за околу 12.000 евра. Дали и како заврши процесот, јавноста не дозна.  3. Александар Диневски Исто како и претходните двајца, и Диневски има минат труд во ВМРО-ДПМНЕ. Во 90-тите беше дел од информативниот центар на партијата, познат како КСИО. Инаку, тој речиси целиот свој работен век го поминал  како дел од безбедносните служби во Македонија, пред се во Службата за државна безбедност.  Тој е еден од познатите „осуммина од МВР“, кои пред распадот на Југославија ја најавија демократизацијата на земјава. Тој, говорејќи за својот професионален ангажман, во една статија објавена неодамна вели дека дводеценискиот демократски амбиент во кој живее земјата не променил ништо во функционирањето на безбедносниот систем, кој според него во многу сегменти се уште функционира според старите методи и принципи наследени од периодот на едноумието. - Сите досегашни Влади, без исклучок во демократска Македонија обилно ги користеле тајните служби за политички цели, особено во пресметката со политичките опоненти. Некогаш тоа се манифестирало јавно, грубо, а некогаш помалку видливо но секогаш било присутно. Всушност, не постои суштинска разлика помеѓу времето кога тајната полиција беше продолжена рака на политиката на единствената партија на власт во едноумието, и денес. За тоа најмалку е виновна самата Служба туку системот кој овозможува злоупотреба на нејзината функција и моќ за остварување на партиски или политички интереси на владејачката гарнитура во даден момент - оценил Диневски. Тој последните години имаше сопствена приватна детективска агенција. 4. Марјан Маџовски Маџовски можеби е малку познат на пошироката јавност, но тој веќе 8 години се наоѓа на многу висока позиција - шеф на Кабинет на Претседателот на Собранието. Прво, на сега покојниот Љупчо Јордановски во времето на СДСМ, па потоа, по промената на власта и на двајцата претседатели од ВМРО-ДПМНЕ - Љубиша Георгиевски и Трајко Вељановски. Која е неговата улога во „Шпион“ се уште не се открива, но неговата пасија за досеија и тајни служби се насетуваше уште кога беше промовиран како еден од творците на законот за лустрација, за што добил околу 2.000 евра. Еве што за ова изјавил за еден од дневните весници: "Зедов помалку од 150 илјади денари. За 15 илјади купив шпорет Беко, платив две рати во Стопанска банка за станбен кредит, што ме чинеше 300 евра. 15 илјади денари потрошив за сметки за комуналии, си купив капутче од 5.500 денари, и нешто ми остана. Жена ми е новинарка, не зела плата, имам три деца, и ако не беа овие пари јас немаше да преживеам до Нова година" - изјавил Маџовски. Инаку, тој минативе години важеше за човек кој силно се залага процесот на лустрација да продолжи и земјава да расчисти со кодошите. - Сега, со овој Закон, тој кој сака да биде функционер треба да докажува дека не ги кршел човековите права само затоа што некој поинаку размислува, дека не земал пари токму поради тоа со години, дека не напредувал во кариерата со дебели скриени полициски врски и конечно дека поради тоа не дозволил и се уште не дозволува нови лица да се појават во сите сфери на животот. И се разбира кога ќе дојде на дневен ред примената на еден ваков закон се појавуваат бројни реални и лажни контраверзи и свесно пласирани дефокусирања, па во последно време и заплашувања - изјавил Маџовски во едно интервју. 5. Зоран Божиновски Контроверзиниот новинар, кој веќе пет години не живее во Македонија, е последен на листата, но е најблиску до првообвинетите. Иако е далеку од земјава, веројатно во Белград, тој имал чести контакти со повеќето од групата. Осомничен е дека преку него се остварувале заканите за тие бизнисмени што не сакале да платат за уцените со компромитирачки документи. Божиновски во земјава имаше чести проблеми со законот, пред се тој за клевета и навреда. Има околу 70 кривични пријави. - Со истражување на оргазираниот криминал во новинарска смисла започнувам во Мај 1999год. кога почнувам соработка со неделникот “Фокус”. За кратко време се определувам за аналитичко истражување на (Шверцот на цигари, Пропаста и проблемите на тутунската индустрија. Од тогаш (Мај 1999год.) до денес имам напишано неколку стотини стории за тобако криминалот - напишал Божиновски во својата биографија. Пред околу 10-тина години, тој во кумановското радио Тумба беше крвнички претепан. Заврши на интензивна нега со гипс на едната рака, скршени три прсти, левата дланка и подлактницата во лонгета, а од удар со кундак во темето на главата доби и пет конци. "Без ниту еден збор, двајца со метални прачки се нафрлија врз мене. Махинално ги испружив рацете за да се заштитам. Така ги добив повредите на рацете. Додека се случуваше ова, добивав удари од третиот напаѓач, одзади во главата. Се се случуваше не повеќе од една минута, како на филм. Следното на што се сеќавам беа лекарите над мене", сведочеше тогаш Божиновски. Тој потоа работеше за повеќе редакции, а заедно со Миленко Неделковски се обиде да стартува и дневен весник, но безуспешно. Потоа замина од земјава, а неговите текстови и коментари, најчесто со жестоки критики и напади кон актуелната власт, луѓето ги читаа на интернет. Контроверзниот новинар минативе години го привлече и вниманието на балканските медиуми, со тврдењето дека Тоше Проески не загинал во сообраќајната несреќа. “Тврдам дека сообраќајната несреќа не се е случила и имам докази за тоа. Во историјата на Хрватска никогаш не е пуштен возач, веднаш по сообраќајна несреќа. Зошто возачот на камионот го нема веќе четири години? Зошто прво пристигнаа пожарникарите? Каде беше брзата помош? Во Хрватска се должни за време на ставањето на телото во сандакот да присуствува полицаец, вештак, член на фамилијата и доктор, а докази за тоа не постојат. Не сум сретнал човек што ќе каже – Го видов мртвото тело на Тоше!” - изјавуваше Божиновски, според кого Тоше или е убиен на некое друго место или е скриен во некој одалечен изолиран манастир, под заштита на британската протестанска црква или во Ватикан. Во последниот период, тој објави неколку верзии за смртта на Никола Младенов. Редакција Фактор

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот