Државата купи резервна руска нафта за половина милион евра
Објавено во: Економија 17 Март, 2022
Агенцијата за задолжителни нафтени резерви на 4 март додека воениот конфликт во Украина беше во ек, на „Лукоил“ му исплатила 30.000.000 денари, или безмалку половина милион евра за дизел гориво.
Договорот сепак е постигнат на 16 февруари, а „Лукоил“ треба да испорача до 661.880 литри нафта за државните складишта. Ова е најголема исплата на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви кон Лукоил, надминувајќи го досегашниот рекорд со овој трговец во јуни 2013, кога во еден ден му биле исплатени 23.161.630 денари. Со овој набавувач постои и договор за чување и складирање на горивата. Најголем снабдувач годинава на агенцијата е Окта со исплатени 120 милиони денари за дизел гориво во делливата јавна набавка со Лукоил.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи претходно рече дека граѓаните кои се снабдуваат со нафта од руски компании во земјава, индиректно ја финансираат руската армија.
„Мислам дека Русија, Руската Федерација, главно се финансира преку извори на енергија. Доминантните приходи на Руската Федерација се од готови енергетски ресурси. Секако дека со нивното купување се финансира руската армија, таму нема дилема“, нагласи пред една недела Османи.
Агенцијата за задолжителни нафтени резерви за своите набавки се финансира од надоместок за финансирање на задолжителните резерви и наплаќа по 0,89 денари од литар бензин и 0,3 денари од литар дизел. Надоместок се наплаќа и од другите горива. Очекуваните приходи за 2021 според акцискиот план биле повеќе од 8 милиони евра. Дел од приходите, покрај за набавка на резервни горива, се наменети и за складирање и чување.Македонија има во задолжителните резерви на нафтени деривати вкупни горива кои покриваат потреби за 54 дена, според тврдењето на првиот човек на Агенцијата, Уљуси Бекири. Тој вели дека од дел од горивата има резерви и за повеќе денови. Прашањето за количината на нафтени резерви се актуелизираше со конфликтот, односно по инвазијата на Русија во Украина и растот на цените на енергентите.
А.К.