25 Април, 2024
0.0293

ДВЕТЕ ЕКОНОМСКИ ДАМИ НА ТЕСТ - знаеше ли НБМ навреме за прогресивниот данок

Објавено во: Економија 08 Ноември, 2019

Добивај вести на Viber

Раст за годинава  од 3,5 проценти и 3,8 отсто за идната година, толку прогнозира Народна банка за македонската економија. Вчера се одржа традиционална прес конференција, на која монетарните власти пред домашната јавност ги соопштуваат клучните макроекономски ноемвриски проекции.

Но, дали последниот настап на централните банкари беше сосема вообичаен, или имаше нешто поинакво од досега, иако не можеше да се забележи разлика во однос на досегашните презентации?

Извори на Фактор велат дека тимот на Народна банка, кој извесен период наназад ги подготвувал најновите макроекономски проекции, додека ги правел пресметките, не знаел една многу важна работа – а таа е дека Владата за идната година планира да го замрзне прогресивното оданочување, и да се врати на рамниот данок. Или, преокциите се правени како да ќе остане прогресивниот данок. 

Ова би значело дека од НБМ ги немале навреме соодветните бројки за даночните приходи што ќе се соберат идната година, со оглед што прогресивниот данок носи повеќе пари во буџетот, а рамниот сигурно ќе обезбеди помалку средства, но и другите ефекти што ова оданочување ги има врз економските прилики.

Тоа би го поставило прашањето дали постои некоординација меѓу двете клучни економски институции. Двете дами кои се на нивните кормила, министерката Нина Ангеловска и гувернерката Анита Бежовска- Ангеловска, вообичаено имаат одлична соработка.

Фактор ги праша и Министерството за финансии и Народна банка дали се точни овие неофицијални информации до кои дојдовме. Одговорите одат на линија на нашите сознанија.  

Од Народна банка велат дека иако даночните промени беа објавени, нивните ефекти попрецизно ќе се видат со новиот буџет и Фискалната стратегија, кога ќе бидат познати на јавноста.

„Макроекономските проекции во себе вклучуваат претпоставки, коишто во моментот на проекција се расположливи, или пак можат да се оценат. Во нашите последни проекции, вклучена е фискалната позиција, со којашто официјално се располага, и којашто предвидува умерен дефицит од околу 2 отсто од БДП на среден рок. Сите дополнителни информации коишто во меѓувреме беа јавно расположливи, а чиишто ефекти можеме попрецизно да ги оцениме, исто така се инкорпорирани во одделни сегменти на нашите последни прогнози. Промените во даночната политика беа објавени и искомуницирани и во јавноста. Но, попрецизната оцена за нивните фискални и економски ефекти ќе ја видиме во новиот Буџет за 2020 година, и во новата среднорочна Фискална стратегија. Не очекуваме дека овие мерки би значеле значајно отстапување од засега проектирана вкупна фискална позиција, но по усвојувањето на Буџетот и на Фискалната стратегија ќе се направи оценка дали тие би значеле  некакво отстапување од основното макроекономско сценарио. Секако, сите промени во вградените претпоставки, и надворешните и домашните, ние постојано и редовно ги следиме и оценуваме дали може значајно да ги променат нашите оцени“, велат за Фактор од Народна банка на Северна Македонија.

Од ресорот за финансии, пак, објаснуваат дека ставањето во мирување на прогресивниот данок, нема да значи и намалување на даночните приходи во следната година.

„Министерството за финансии редовно врши ажурирање на Фискалната стратегија (за што се запознаени домашните и меѓународните институции), во кои се опфатени преиспитувања кај проекциите, како на макроекономските, така и на буџетските, односно на приходите и расходите. И покрај ставањето во мирување на прогресивниот и повисок данок на личен доход, буџетските приходи и понатаму ќе растат како резулат на ефектот од природниот економскиот раст, намалување на невработеноста и порастот на минималната плата и субвенционирањето на социјалните придонеси, кои се очекува да дадат особено позитивен ефект. Даночните ослободувања ќе останат непроменети (односно истите нема да се вратат на нивото од 2018 година). Пониските даночни стапки по дефиниција го шират кругот на даночни обврзници, кои се демотивираат во обидот за изнаоѓање на алтернативни решенија за намалување на товарот на оданочувањето. Дополнително, очекуваме да се вратат во системот евенуталните доходи кои можеби даночните обврзници ги префрлиле во други даночни системи. И секако адресирањето на сивата економија на кое ќе се работи во текот на 2020 ќе влијае на зголемувањето на даночните приходи“, потенцираат од Министерството за финансии.

Од таму додаваат дека релаксирањето на даночната политика, со мирувањето на прогресивниот и повисок данок на личен доход, може да влијае и позитивно на економскиот раст, едно од психолошки аспект, а друго бидејќи намаленото даночното оптоварување за компаниите значи дека им остануваат повеќе пари за инвестирање, а од друга страна, за вработените и другите физички лица, тоа значи поголем доход и поголема потрошувачка.


А домашната јавност завчера беше збунета и од тоа што предлог буџетот за идната година завчера прво беше ставен на разгледување на владина седница, но не беше усвоен, туку одложен за наредната, која ќе се одржи во среда, следната недела. Досега не беше пракса буџетот да се стави на гласање, а да не се изгласа на истата седница.

Од Финансии велат дека е логично за вака значаен документ, да има конструктивна дебата.

„Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ја отвори расправата за Предлог-буџетот за 2020 година. Согласно предвидената динамика - расправата продолжува и на владината седница следната недела, кога се очекува да се дефинира Владиниот Предлог-Буџет за 2020 година. Предлог-буџетот е Предлог, се додека не се усвои од Собранието. Значи Министерството за финансии доставува Предлог-Буџет до Владата, Владата доставува Предлог-Буџет до Собранието и за цело време Предлог-Буџетот е отворен документ за конструктивна демократска дебата - бидејќи Буџетот е од граѓаните - за граѓаните“, велат од кабинетот на министерката Нина Ангеловска.

Од Владата велат дека кавга меѓу министерите за буџетот немало, а најбитно е што буџетот ќе помине на Влада во законскиот рок, 15 ноември.

„На седницата се отвори расправата за буџетот, и секој настапи со свои предлози. Во последниот еден месец министерството за финансии направи координација со сите министерства за буџетот. Сите дадоа свои предлози. Се зборуваше општо за буџетот, немаше кавги, немаше тензична атмосфера, барем во отворениот дел на седницата. Расправата заврши не затоа што имаше некоја конкретна пречка, туку затоа што тоа го дозволува законскиот рок. Ќе го изгласаме Буџетот во вторник или среда наредната недела. Законскиот рок е до 15 ноември“, велат за Фактор од Владата.

Буџетот за годинава тежи 3,7 милиони евра. Дали оној за 2020 ќе биде поголем за 100 милиони евра, како што предвидува последната Фискална стратегија, или, пак, ќе дотера до 4 милијарди евра, како што очекува пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се знае за неколку дена. Она што е извесно е дека барања и најави за зголемени плати, пензии и субвенции има многу, за кои ќе мора да се обезбеди и соодветен извор на приходи.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?