Една земја бара да се казнат одговорните за НАТО бомбардирањето на Југославија
Објавено во: Свет 13 Март, 2019
Русија усвои документ и бара казни за иницијаторите на бомбардирањето на Југославија.
Овој документ е усвоен по повод претстојната 20-годишнина од почетокот на НАТО бомбардирањето на Југославија, во кој се наведува дека иницијаторите на тоа злосторство мора да одговараат.
Во документот што го усвои Горниот дом на рускиот парламент е наведено дека таа воена операција негативно се одразила на понатамошниот развој на заемните односи и довербата меѓу европските држави, а неказнувањето на одговорните довело до нови трагедии во Сирија, Ирак и Либија, пишува „Спутник“, пренесува „Танјуг“.
Русија ги повика парламентите од државите ширум светот, но и меѓународните организации како и Европскиот Парламент да ја осудат агресијата на НАТО против Југославија и да преземат чекори за да ги санираат последиците.
Во документот стои дека лекциите не се научени и НАТО продолжи да користи воена сила во други суверени држави – Ирак, Либија и Сирија, а денес истото им се заканува и на Венецуела, Куба и Никарагва.
Руските сенатори потсетуваат дека НАТО во бомбардирањето на Југославија користел муниција полнета со осиромашен ураниум, што предизвикало многубројни цивилни жртви.