28 Март, 2024
0.0326

Екоцентар 97 со појаснување околу работата за активностите во рамки на Охис

Објавено во: Мои пари 05 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Компанијата Екоцентар 97  дава појаснување до сите заинтересирани субјекти во врска со сите отворени прашања кои циркулираат во јавноста, а се однесуваат на активностите на компанијата “Екоцентар 97“ дооел Скопје во рамки на ОХИС.

Нивното соопштение го пренесуваме во целост:

-

За проектот Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје беше распишан Јавен Оглас на кој, според условите за учество Компанијата “Екоцентар 97” дооел Скопје беше избрана како најповолен понудувач за Изведување на услугата за отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС – во стечај со Решение донесено од Основен Суд 2 на 12.10.2018 година.

Проектот опфаќа третман на 11 различни видови на опасен отпад кои беа лоцирани во кругот на фабриката АД ОХИС – во стечај, складирани во дотрајани и оштетени садови повеќе од 20 години.

Дополнително, количините објавени во Јавниот Оглас се базирани на информации кои датираат пред повеќе од 20 години, односно, пред објавување на Јавниот Оглас не биле извршени мерења за конкретно утврдување на хемиските супстанци и настанати соединенија со текот на годините, како и евиденција со точни количини.

ПРОЦЕДУРИ

Согласно условите наведени во Јавниот Оглас, Компанијата - Понудувач треба да поседува или да има склучено Договор со Подизведувач кој поседува Дозвола за складирање, третман и транспорт на ваков вид опасни отпадни хемикалии.Компанијата “Екоцентар 97“ дооел Скопје има основна дејност: собирање, третман и складирање на неопасен и опасен отпад, со работно искуство повеќе од 20 години. За третман на хемиските материи и супстанци предвидени со Јавниот Оглас, а со оглед на фактот дека шифрата за третман на конкретниот тип на отпад не ја поседува, “Екоцентар 97“ дооел Скопје склучи договор со странски Подизведувач кој поседува таква дозвола и истовремено, поседува референтна листа на проекти од оваа област реализирани во земји од Европската Унија и Руската Федерација и истиот беше вклучен во тендерската документација кон Јавниот Оглас.

Како дел од процедурите во фазата на подготовка, пред започнување на реализацијата на Проектот, “Екоцентар 97“ достави Писмо за Намери до МЖСПП каде што детално се опишани сите планирани активности и од Управата за Животна Средина при МЖСПП, беше задолжена да достави Елаборат за безбедно отстранување на хемиските материи.

Пред започнување на било какви активности на локација ОХИС, “Екоцентар 97“ ангажираше двелиценцирани фирми за изработка на:

- План за Безбедност и Заштита при Работа кој содржи: а. План за справување со различни вонредни ситуации и б. Елаборат кој содржи мерки за заштита на животната средина и здравјето на луѓето во случај на настанување на хаварија, несреќа или вонредни состојби. Согласно утврдените процедури, документацијата беше доставена до Стечајниот Управител, како надлежен за нејзин понатамошен институционален третман;

- Елаборат за безбедно отстранување на хемиските материи/отпад во АД ОХИС во стечај кој е изработен за потребите на овој Проект и е јавно достапен на: https://bit.ly/2OI24gO

Дополнително, “Екоцентар 97” ја ангажираше лиценцираната фирма “Технолаб” за обука на вработените од областа на Безбедност и Здравје при Работа конкретно за овој проект.

РЕАЛИЗАЦИЈА НА ДОГОВОРОТ

- Елаборат -Откако беше склучен Договорот за “Безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје”, “Екоцентар 97“ преку Компанија - Подизведувач ги започна активностите на терен преку изработка на Елаборат за безбедно отстранување на хемиските материи/отпад во АД ОХИС во стечај, документација која содржи информации базирани на увид од лице место.

Првата фаза од подготовката на Елаборатот (Период: Февруари – Април 2019 година) вклучува инвентаризација на секоја хемиска материја/отпад преку преглед на лице место: каде се наоѓаат супстанците, во што се складирани, каква е состојбата со садовите, дали има течење на хемикалиите, дали се достапни за земање на примероци (вклучително и тоа, дали се неопходни подготовки за да може безбедно да се изврши земање на примероци од содржината во садовите), сé со цел: Класифицирање на супстанците како хемикалии или отпад и начин како соодветно со нив да се ракува.

По целосната изработка, согласно предвидените рокови, Елаборатот беше навремено доставен до МЖСПП, разгледан, по барање на Министерството ревидиран и дополнет и финално одобрен во Јуни 2019 година.

- Третман на супстанците -

Врз основа на финално одобрениот “Елаборат за безбедно отстранување на хемиските материи/отпад во АД ОХИС во стечај”, “Екоцентар 97“ започна теренска работа за безбедно отстранување на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС Скопје.

Како прва активност (јуни 2019 година), беа санирани садовите под притисок со хлор (81 боца и еден контејнер). Садовите со хлор беа товарени во АДР возило и испратени во специјализирана компанија во Србија каде што се изврши санација на оштетените вентили, а потоа хлорот беше извлечен од садовите со процес на дегазација и соодветно истретиран. Садовите беа исчистени од остатоците од Хлор, а потоа вратени во седиштето на ОХИС.

Заклучно со денес, останатите 9 хемиски супстанции се: преточени, препакувани во соодветна амбалажа (АДР Буриња), уредно складирани во магацин во рамки на ОХИС и подготвени за транспорт за што се обезбедени сите потребни дозволи. Во моментот се очекува финална координација со Компанијата од Швајцарија која треба да го изврши процесот на согорување.

За времетраење на постапката на препакување на отпадните хемикалии постојано се мереа температурата и токсичните гасови во просториите каде се вршеа процесите.

- Обезбедување и заштита -

За целокупниот временски период на вршење на предвидените активности, преземени се сите мерки пропишани во рамки на “Елаборатот  за безбедно отстранување на хемиските материи/отпад во АД ОХИС во стечај” и “Планот за Безбедност и Заштита при Работа”. Согласно планот, а во согласност со Европските стандарди за Безбедност и Заштита при Работа (БЗР), лицата кои работат на локацијата постојано носат соодветна заштитна опрема. Воедно, сите вработени редовно посетуваат обука за БЗР, прилагодена кон спецификациите на работното место.

Согласно Договорот, “Екоцентар 97“ обезбедува дваесет и четири часовен (24/7) надзор од физичко обезбедување на магацинот во кој се складирани спакуваните хемикалии, со цел да се спречи пристап од страна на неовластени лица. Сите празни цистерни и складишни места во кои беа складирани хемикалиите пред нивното преточување, по принципот на добра деловна пракса се измиени (во моментов нема складирани супстанци) и согласно Договорот, не се предмет на надзор.

Во рамки на договорените активности, “Екоцентар 97“ врши секојдневно мерење на температура и токсични гасови во просториите каде што во моментот се складирани АДР бурињата, за што уредно се водат записници.

- Метил Акрилат Мономер -

Во врска со третманот на празниот резервоар во кој во минатото бил складиран Метил Акрилат Мономер, во рамки на добрата деловна пракса, а со цел: целосно да се измијат и отстранат остатоците од хемикалии, резервоарот бил наполнет со вода (07.11.2019). При процесот на полнење не е забележано течење или неисправност на резервоарот. Во текот на ноќта, едниот вентил попуштил и дошло до истекување на вода со остатоци од Метил Акрилат Мономер во безбедносните бетонски базени - танквани. Водата се задржала во самите базени и нема истекување во почвата и подземните води.

Согласно Протоколот за справување со вонредни ситуации, веднаш се повикани екипи од: а. АРМ и б. Дирекција за Заштита и Спасување, исклучиво и единствено надлежни за ваков вид ситуации во кои треба да се утврди степенот на опасност.

Според процедурата, присутните екипи на терен (вклучително и лабораторијата “Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип), извршија мерења на воздухот.

По извршеното мерење, согласно процедурите за ваков вид процес, истечената вода со остатоци на Метил Акрилат Мономер е собрана во соодветни АДР буриња, складирани и подготвени за транспорт и согорување, еднакво како и сите останати, до овој момент, складирани супстанци. При овој процес утврдено е дека се работи за 2 тони вода со остатоци од Метил Акрилат Мономер, количина утврдена со земање мерка при пакувањето.

Според резултатите од извршените мерења и детекција на хемиска контаминација на локацијата на резервоарот со Метил Акрилат Мономер извршени од страна на Единицата за атомско, биолошка и хемиска одбрана на АРСМ, утврдено е: а/ во 17:00 часот, на 08.11.2019 година на местото на истекување на течноста од резервоарот детектирано е средно ниво на контаминација и во непосредна близина на резервоарот ниско ниво на контаминација; б/ во 13:30 часот на 11.11.2019 година на локацијата на резервоарот не е детектирано присуство на хемиска контаминација.

Според резултатите од мерењата извршени од страна на лабораторијата “Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, реализирано во непосредна близина на местото на истекување на течноста направени во 11:00 часот на 09.11.2019 година, не е детектирана контаминација во воздухот.

Евентуално извршување увид за здравствената состојба на граѓаните кои живеат во околината е во надлежност на соодветните Институциите.

- Винил Хлорид -

Согласно Договорот, “Екоцентар 97“ има обврска за соодветен третман на хемиската супстанца Винил Хлорид во рамки на А.Д. ОХИС Скопје. При извршениот теренски увид, утврдено е дека винил хлоридот е складиран во херметички сад под притисок (цистерна) до која недостасува соодветната инфраструктура (шини).

Заклучно до денес, не се знае: а. Во каква агрегатна состојба се наоѓа оваа супстанцата и б. Во каква хемиска реакција постои можност да стапила супстанцата во изминативе 30 години.

Според стручното мислење на д-р Светомир Хаџи Јорданов, Професор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, температурата на која треба да се чува Винил Хлоридот зависи од точната структура на хемикалијата, која што во моментов не е позната. Меѓутоа, добра практика е истата да се чува под 25 степени целзиусови.

За таа цел, “Екоцентар 97“ има монтирано соодветен систем за ладење врз целиот сад (цистерна) со автоматизиран систем за активирање во случај кога надворешната температура ќе надмине 20 степени целзиусови.

Истовремено, постојано се мерат: притисокот во цистерната, температурата и токсичните гасови во близина на самата цистерна.

Процесно, за третман на Винил Хлоридот во моментот се спроведува техничка постапка и координација со подизведувач за соодветно преточување на залихите, во соодветна амбалажа.

За конечно завршување на оваа обврска, “Екоцентар 97“ има договор со Компанија која поседува соодветен инсенератор (согорувач) за согорување на оваа хемиска материја.

КОЛИЧИНИ

Согласно увидот, беше изготвен Инвентар на хемиските материи/отпад по методологија на: а. Претпоставени количини врз основа на декларирана количина истакната на постоечките пакувањa на хемикалиите/отпадот и б. Димензиите на садовите и резервоарите во кои истите беа складирани. Инвентарот е прикажан на страна: 28, 29, 30 и 31 од Елаборатот.

Од изготвениот Инвентар на хемиските материи/отпад за потенцирање се следните индикатори:

- Боци со хлор: Податок од Јавниот Оглас: 48 парчиња. Податок од увид: 81 парче;

- Хемиски супстанци: Податок од Јавниот Оглас: 4 иницијатори,  количина: 3.2 тона. Податок од увид: 5 иницијатори, количина: 4.6 тона;

- Mетил акрилат мономер: Податок од Јавниот Оглас: 11 тони. Податок од увид: празен резервоар;

- Акрилонитрил Мономер: Податок од Јавниот Оглас: 35 тони. Податок од увид:11 тони;

- Метанол: Податок од Јавниот Оглас: 50 тони. Податок од увид:30 тони;

- Стари хемикалии со непознат состав: Податок од Јавниот Оглас: 18 - 20 тони. Податок од увид: 24 тони.

Утврдување и прецизно евидентирање на точните количини од секој поединечен тип на опасен отпад, предмет на Јавниот Оглас, се вршеше при самиот процес на преточување и препакување на супстанците, процес кој започна по одобрувањето на Елаборат (Јуни 2019 година) и досега, сите количини на опасен отпад, со исклучок на Винил Хлоридот, се уредно измерени и евидентирани при процесот на преточување и препакување.

Сите реално констатирани количини, од секој тип на опасен отпад кој е досега третиран, се внесени во Извештаи кои се уредно доставени до Стечајниот Управник.

ИЗВЕШТАИ

“Екоцентар 97“ доставува месечни извештаи до Стечајниот Управник со цел да го информира за прогресот и за сите завршени активности.

Согласно Законот за Управување со Отпад, “Екоцентар 97“ е должен да го известува Државниот Инспекторат за Животна Средина при МЖСПП за своите активности. Врз основа на добиените известувања, а согласно своите обврски, инспекторатот врши редовни и вонредни контроли за активностите спроведени на терен.

Согласно обврската предвидена во Договорот за овој Проект, “Екоцентар 97“ има должност да достави Извештај за сите преземени активности по нивно целосно завршување, односно по целосно отстранување на сите хемиски материи и отпад од локацијата ОХИС, нивен транспорт до инсенератор (согорувач) и нивно конечно согорување.

Во рамки на овој процес, лабораторијата “Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип е назначена од страна на Стечајниот Суд како Стручен Надзор, чија задача е да утврди дали целата количина на отпадни хемикалии е соодветно отстранета од локацијата ОХИС и испратена на согорување во лиценциран инсенератор (согорувач).


Можеби ќе ве интересира

Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството

Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството

Склучен Меморандум за соработка со Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје

Склучен Меморандум за соработка со Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје

Општина Центар е лидер во промени, Иницијативата за конфискација на дивоградби се преточи во закон

Општина Центар е лидер во промени, Иницијативата за конфискација на дивоградби се преточи во закон

Прилепска Пиварница одбележува 100 години постоење

Прилепска Пиварница одбележува 100 години постоење

Откријте го врвното искуство на гледање со FUEGO Electronics и новата серија 720GTV на Google TV

Откријте го врвното искуство на гледање со FUEGO Electronics и новата серија 720GTV на Google TV

Сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров ќе биде промовирана во Струмица на Светскиот ден на книгите за деца

Сликовницата „Рокчето“ од Никола Маџиров ќе биде промовирана во Струмица на Светскиот ден на книгите за деца

САМО СО DINERS CLUB КУПЕТЕ МЕБЕЛ И ПРОИЗВОДИ ЗА ДОМАЌИНСТВО СЕГА, А ОДЛОЖЕТЕ ГО ПЛАЌАЊЕТО ЗА ЈУНИ

САМО СО DINERS CLUB КУПЕТЕ МЕБЕЛ И ПРОИЗВОДИ ЗА ДОМАЌИНСТВО СЕГА, А ОДЛОЖЕТЕ ГО ПЛАЌАЊЕТО ЗА ЈУНИ

Македонски Телеком ја гаси старата 3G технологија

Македонски Телеком ја гаси старата 3G технологија

Комерцијална банка го одржа редовното Годишно собрание на акционери

Комерцијална банка го одржа редовното Годишно собрание на акционери