29 Март, 2024
0.0739

Економија пред спринт на удолница

Објавено во: Економија, Колумни 10 Април, 2017

Добивај вести на Viber

И додека власта во заминување си игра држава, а „патриотите“ ја бранат државата од „непријателот“, економијата ни е во состојба пред спринт на удолница. И додека дузината криминалци се‘уште се обидуваат да ги наметнат разобличените спасоносни политики, со цел да ја заштитат сопствената загрозена кожа, опстанокот на Македонија сериозно е доведен во прашање. 

Не заради разнебитување на унитарноста, туку заради безперспективноста, сиромаштијата и поставените искривени вредности. Ако пред само петнаесетина годинин, светот се воодушевуваше како тоа нашите деца кои заминуваат во странство се доминантни во школските средини со знаењето кое го покажуваат, денеска имаме проценка дека две третини од младите до 15 години се функционално неписмени. Со ваква младина сите треба да се плашиме  за нашата иднина. Но, најмалку се виновни младите за ваквата состојба. Виновен е системот кој продуцираше луѓе на клучни  позиции, на кои во нормални земји не би им дале овци да чуваат, а не да одлучуваат за цели образновни програми и протежираат високи вредности. На крајот не‘ информираа дека сме ја утнале и со кембриџ наставната програма. А само колку пари фрливме да ги уништиме претходните методолошки концепти на образование, за да го воведеме она што не  се импламентира веќе и во земјата од која е произлезено. 

И така сега имате осиромашен народ, неписмена младина, искривоколчени вредносни системи и „патриоти“ кои вејат партиски и државни знамиња од коли со бугарски регистарски таблички и ја бранат унитарноста на државата. И што е уште потрагично, како поминува времето тие се однесуваат како тие да се народот и во негово име се закануваат дека и со сила ќе го спречат  формирањето на нова влада од страна на парламентарното мнозинство. А оправдувањето на „јуначењето“ е во патриотската должност да ја бранат држава од бинационализирање и кантонизирање. Само прашање на време е кога истите тие „јунаци“ ( со бугарските таблички) ќе ја заборават унитарноста при првата условена љубов од „мајка Блгарија“, или бугарски или македонски пасош. А тоа што во моментов одработуваат, повторно е за некој валкан интерес, се бранат дузината криминалци, со намера да ја избегнат одговорноста за криминогените постапки и однесувања во вршењето на власта во изминатата декада. 

Колку и да се бара пристрасност во ставот, не може да се избегне констатацијата  дека состојбата само што не тргнала „низбрдо“. Тековните движења во стопанството ги потврдуваат досегашните негативни трендови и го најавуваат влошувањето со побрзо темпо. Растот на БДП опаѓа. Во 2015 година изнесуваше 3,8%, а во 2016 година само 2,4%. Прогнозата на Светска банка за годинава изнесува 2,8% а за 2018 година 3,3% (под услов да се надмине кризата). Прогнозираните стапки се под просекот за земјите на Западен Балкан и најниски меѓу нив. Се забавува и растот на индустријата. Од раст од 11,5% во 2014 година, индустриското производство во наредната година се сведе на 6,9%, а во минатата беше дури за 1,3% помало отколку во претходната година. 

Се забавува и динамиката на растот на извозот на стоки. Од 15,8% во 2014 година, стапката се намалува на 9,1% во наредната и паѓа на 5,9% во 2016 година. Во изминатите три години постојано се зголемува учеството на дефицитот на тековната сметка на платниот биланс во БДП. Од 0,5% во 2014 година учеството се зголеми на 2,1% во 2015 година, а во минатата достигна 3,1% од БДП. А тоа зборува за зголемување на зависноста од странски средства. Минатата година, во однос на претходната, за еден процентен поен се намали и учеството на буџетските приходи во БДП.Тоа е знак дека стопанството почнува да дише на „шкрги“. Веќе виси и прашањето, доколку дојде до оневозможување да се зголемува јавниот долг од странство, дали нема да се притиска и Гувернерот да ги поддржи владините политики. Системски не смее, но кога се работи за „спас“ на државата, како што кај нас се сфаќа патриотизмот, ништо не е исклучено. 

Извозот од ТИРЗ-овите „мрда“, меѓутоа, домашните компании се борат со проблеми за преживување. Воздржани се за инвестиции, а проблемот со дневна ликвидност станува се поголем. Забавувањето на растот на кредитите на приватниот сектор забележан минатата година продолжи и годинава. Регистриран е и пад на кредитирањето на компаниите. Се регистрираа и знаци за пораст на инфлацијата, по неколку годишното минимално опаѓање. 

Со спречувањето на трансферот на власта само дополнително се оневозможува што побрзо да се сопрат неповолните тенденции и  да се создадат услови кои ќе го ослободат бизнисот од досегашните стравови (уцени, насилни преземања, рекетирања).  А и кога ќе се случи трансферот, задачите на новата власт ќе бидат гигантски. Посебно што уште не се знае каква е вистинската состојба  во економијата, со оглед на дубиозите во обврските на државата.  Земјоделците бараат субвенции и за 2015 година, некои дури и за 2012. Бизнисмените бараат исполнување на обврските од страна на државата по основ на извршени услуги и враќање на ДДВ. Прашање е дали ќе можат да одговорат на таквите обврски, а веднаш да не пристапат кон задолжување. А таму веќе се достигнати горните граници. 

Затоа, неопходно е да се создадат рамноправни пазарни услови за стопанисување во кои успехот на компаниите зависи од порастот на продуктивноста и економичноста во нивното работење, а не од блискоста и привилегиите што на „избраните“ им ги дава државата. Во пазарна економија апсурдно е владата да биде најголем бизнисмен и центар на економските случувања. Практично се покажа дека низок и ограничен е дострелот на нејзиното учество во динамизирањето на растот преку пораст на инфраструктурни инвестиции и на потрошувачката. И такви интервенции се потребни, меѓутоа, нема одржлив развој без пазарна мотивираност на приватниот бизнис. Тоа е клучна претпоставка  да се запре спринтот на удолница. А ако почне, нема кој нема да биде погоден. Некои повеќе, некои помалку. Ова мора да го имаат предвид и „патриотите“. 

Со силеџиство, спрема легалисти, може да се  оддолжува трансферот на власта, меѓутоа,  цехот од јуначењето на „патриотите“ ќе го платат граѓаните, а тогаш одговорност ќе побарат од јунаците. А тие, не можат да се прават на удрени дека не биле информирани. Нема толку опасна „Тиранската изјава“ колку што има  криминална власт која се бори да ја спаси, единствено сопствената кожа, па макар пропаднала и државата.

д-р Крсте Шајноски


Можеби ќе ве интересира

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПОЗНАТИОТ ГОТВАЧ ЏЕЈМИ ОЛИВЕР ОТВОРИ РЕСТОРАН ВО НАШЕТО СОСЕДСТВО - еве каде точно се наоѓа и какви се цените

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

ПЛАТЕНИ СЕ 45 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 27 АКЦИИ НА „РЕПЛЕК“ - кој е инвеститорот во фармацевтската компанија

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

Од 1 април зголемена минимална плата во Грција

ДУИ со експанзија во угостителството

ДУИ со експанзија во угостителството

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

ПРОДАЖБАТА НА ВИНО ДОНЕСЕ ПРИХОДИ ОД 950 ИЛЈАДИ ЕВРА, НО ОВА НЕ БЕА ЛЕСНИ ДЕНОВИ ЗА „ПОПОВА КУЛА“ - скапа струја и шишиња, недостиг од работници...

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

КИНЕЗИТЕ ДОБИВААТ УШТЕ ДВЕ ГОДИНИ РОК ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТОТ КОН ОХРИД: измените на законот пред пратениците, кој ќе го гласа?

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

Во што „Стопанска банка Скопје“ вложи 40 милиони евра? Се спрема кредитна офанзива!

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

БРИТАНЦИТЕ ПЛАТИЛЕ ОДЛИЧНО ЗА НИВНИТЕ СВЕЧЕНИ ОДЕЖДИ, АМА „ЕДИНСТВО“ СЕПАК ОТИДЕ ВО МИНУС - еве што е маката на струмичкото претпријатие

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи

Фокус во Кина: Европските претпријатија гледаат на можностите за инвестирање во кинескиот Хубеи