Екс премиерот Груевски осомничен за „крвавиот четврток“
Објавено во: Македонија 20 Февруари, 2019
Против петмина осомничени за „крвавиот четврток“, Основното јавно обвинителство поведе истражна постапка, а меѓу нив е и поранешниот премиер, Никола Груевски.
Обвинителството до Основниот суд Скопје 1 – Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничените Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Никола Бошковски и Никола Груевски.
Осомничените Вељаноски, Јанакиески и Ристовски веќе се приведени, додека Бошковски и Груевски се во бегство.
Груевски за време на судскиот процес беше посочен како организатор на протестите. Тоа во завршните зборови го кажа и обвинителката Вилма Рускоска, повикувајќи се на изјава на заштитен сведок.
Груевски на 27 април беше надвор од земјава, на службено патување во Виена. Но, во текот на судењето беше споделена СМС порака која Груевски му ја испратил на тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков.