23 Април, 2024
0.0294

Ексклузивно интервју: Стојче Тасков-Претприемач со исклучителна креативност, кој создава нови вредности

Објавено во: Мои пари 13 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Стојче Тасков е бизнисмен, визионер, иноватор, човек кој има создадено неколку старт-уп брендови во и надвор од Македонија и кој храбро се носи со сите технолошки предизвици. Професионалец кој креира иновативни бизнис модели, и инспирира со своето знаење,  страст и енергија. Поседува богато меѓународно бизнис искуство и образование на престижниот универзитет Харвард во полето на финансии и  стратегии на иновации. Најновата иновација беше повод за овој разговор.


На почеток,  едно лично прашање, од каде ја црпите инспирацијата и како одредувате каде треба да инвестирате.

Тасков: Се инспирирам од луѓето кои создаваат промени. Ги следам луѓето што со визија зборуваат за УТРЕ а се трудам да ги избегнувам токсичните луѓето што зборуваат за вчера, дури и тие што зборуваат за денеска после 12:00 напладне. Вчера помина! Вредноста што може да се создаде почнува од денеска и се создава утре. Нема иднина ако фокусот ви е во минатото.

Првиот критериум за инвестирање ми е смислата на крајната цел. Што е тоа што ќе го создадам доколку мојата инвестиција успее.  Дали тоа ќе го направи животот на луѓето поедноставен, поквалитетен, поискористен, позабавен,  и генерално подобар. Иако имам 15 години искуство во Управување со финансиски сервиси и сертификат за финансиски експерт од Харвард, немам ниту фантазии ниту нагон да создавам бизниси според финансиските принципи за максимално оплодување на вредноста на парите. За мене оплодувањето на парите неможе да биде смисла сама за себе. Тоа ми е премногу себичен пристап, кој едновремено ме прави мене непотребен. Постојат многу подобри финансиски експерти кои од пари ќе направат повеќе пари. Јас многу реално и внимателно ги анализирам бизнисите од перспективата на смислата поради која постојат и крајната цел што можат да ја постигнат. Доколку некоја идеја прво и основно се вклопува во сверата на моите човечки вредности или мојот животен стил дури тогаш ја пресметувам финансиската перспектива на идејата.  И ако двете перспективи се поклопат, таа идеја станува предмет на мој инвестициски интерес.

Вие сте еден од малкумината во Македонија кои се образувале на  најпрестижниот универзитет во светот, Хардвард и можеби единствен со специјализација на темата “Стратегии за Иновации“. Какво е вашето искуство од  Харвард и колку тоа знаење влијае на вашиот професионален развој.

Тасков: Мојот професионален развој во континуитет трае веќе 20 години и во поглед на практично искуство и во делот на континуирано формално и неформално образование. Најголемите бизнис одлуки, бизнис модели и професионален успех ги создадов и живеев многу време пред да одлучам да аплицирам за едукација на Харвард.  Мотивот беше сериозна промена на мојата професионална улога од Извршен директор кој работи и создава вредности за други, во приватен инвеститор кој создава бизнис концепти со сопствениот финансиски потенцијал. Од тој момент ефективно се наоѓав на врвот на пирамидата на одговорност и природно ми се зголеми стравот дека “немам маргина на грешка“. Дека нема никој над мене да ме исправи или подучи да не направам некоја катастрофална грешка.

Јас знаев дека имам многу искуство во финансии и водење бизнис и дека тоа знаење сум го материјализирал во многу бизнис концепти, Но чувствував дека ми треба нова методолошка матрица, каде тоа знаење ќе биде многу подобро структурирано и низ таа организираност подобро употребено. Харвард ми докажа,  Прво дека сум немал толку знаење колку што си мислев, и второ ми даде многу длабока основа на знаење од кое добив поголема самодоверба дека работите што ги правам ги правам правилно, но дека е потребно длабинско разбирање на концептите за стратегија и иновации. Најголема вредност е припадноста на клубот Харвард, и исклучителната можност преку алумни клубот да споделувам мислење и идеи со светски лидери и иноватори. Едноставно, Хардвар ми отвори многу нови перспективи.

Што е суштината на иновациите, дали е интуиција, генијалност или е организирано и фокусирано постапување кое може да се претпостави и управува.

Тасков: Суштината на иновациите е способноста на креативните луѓе од научни и технолошки достигнувања да создаваат нови производи или услуги или на постојните да им додадат нова вредност или ново корисничко искуство. 

Интересно е дека научните и технолошките достигнувања сами за себе не создаваат општествена и економска вредност, и дека некој треба да им овозможи тие да бидат применети и прифатени во општеството. Тука настапува исклучителната креативност на претприемачите кои тие нови знаења и достигнувања ги ставаат во економска или општествена функција, и им даваат употребна вредност.

Обично за иновациите се мисли дека се резултат на  научно – техничка генијалност. Но, тоа не е вистина. Најзначајните иновации кои го менувале и менуваат светот во себе немаат технолошка генијалност туку бизнис генијалност. Замислете што е суштината на Фејсбук. На позната технологија – интернет кој постоел 10 години и бил достапен на сите, создадена е бизнис идеја која самата за себе не е технолошка иновација, но која го промени начинот како функционира општеството, создавајќи нови можности за поврзување на луѓето.

Иновациите некогаш немаат никаква технолошка компонента.  Менаџментот како пракса и подоцна наука,  може да биде иновација. Тој не постоел отсекогаш и неговата појава не е врзана за нова технологија, туку ново знаење, чија  имплементација носи огромен економски просперитет. Или на пример да го спомнеме плаќањето на рати. Можноста да се плаќа со идни приходи, а не со минатата заштеда, многукратно го мултиплицира потрошувачкиот потенцијал и со тоа генерира страшен економски раст.

Во серијата на Иновативни бизнис модели, ваша последна бизнис иновација е компанијата ИНБОХ. Која е приказната на Инбох, што е иновативно, до каде оди вашата визија со ИНБОХ.

Тасков: Јас со Инбох не измислив ништо ново, туку направи спој на добро познати технолошки достигнувања во нов бизнис модел. Нешто многу слично како примерот со фејсбук кој го објаснив во ова интервју. 

Кога барате документ, дали навистина ви треба документот или ви требаат информациите што се напишани во тој документ? Во 95% од случаите ви требаат само информациите, а не самиот документ како парче хартија. Тоа е смислата на ИНБОХ, тој многу организирано и ефикасно, електронски ги копира информациите и ви ги доставува без физички да се движи документот – се разбира доколку не ви треба оригиналот.  За да може да функционира моделот, претходно е потребно да се изработи електронски регистар на архивата каде ќе се запишат и мапираат архивските планови на клиентот и неговите пребарувачки индекси.

Тоа е бизнис модел што интегрира 3 технологии. Самиот за себе не е 100% физичка архива ниту е 100% дигитална архива. Но, употребените технологии дозволуваат по потреба на клиентот да се претвори во едно или друго. Тоа е неговата уникатност.

Што е вредноста што Инбох ја создава за своите клиенти. Како вашата услуга им помага на вашите клиенти да бидат подобри и поуспешни?

Тасков: Смислата на постоењето на Инбох е значително да ја подобри организациската ефикасност на своите клиенти, преку зголемувањето на достапноста на информациите. Ефикасно да го добиете документот што го барате, без притоа да мора да станете од вашето биро и да го барате. Замислете си колку непотребно одење по ходници, спратови и подруми се заштедува, бидејќи  таа постапка се елиминира. Клиентот работи од своето биро, со алатка што му е достапна и треба само  да  издава налози кон инбох, толку! Сите други дејства се на страната на инбох, а не на страната на клиентот.

Втора клучна вредносна компонента на бизнис моделот на Инбох е односот кон безбедноста на документите и информациите. Филозофијата е следна: Оригиналот е еден и тој најстрого мора да се чува во безбедносно депо. Од него се прави електронска копија која може да се употребува само доколку имате авторизација да ја користите. Нема можност за бај-пас на ова безбедносно правило. Не можете да станете, да отидете до документот и да си го земете, отворите и употребувате бидејќи документот не се наоѓа кај Вас. Тој се наоѓа во Инбох, а за да го добиете ќе мора да го побарате, а тогаш ќе се утврдат привилегиите за пристап, потоа се прави запис за барањето што ќе остави трага, и така се креира можност за тотална контрола кој, кога и што барал.

Безбедноста и комплетната контрола на документот се природна придобивка и многу рационална причина клиентите да соработуваат со Инбох.

Како врвен експерт за иновации, дали можете да предвидите што ќе се случи во медиумската индустрија. Можат ли традиционалните медиуми да се заштитат од пропаѓање во ерата на интернет и социјални медиуми. 

Тасков: Интернетот овозможи промена на начинот на достава на информациите. Побрзо и поефикасно, дигиталните медиуми имаа шанса да пренесат новости и затоа станаа доминантна форма за пренос на информации.  Интернетот го загрози постоењето на пишаните медиуми и телевизиските информативни програми бидејќи обезбеди подобро корисничко искуство во кое можете да се информирате кога Вие сакате наспроти информирањето кога другите сакаат ( вестите се во даден термин кој треба да го погодите, весниците се со 1 ден задоцнување и така натаму)

Следната голема промена која во моментов се случува а е овозможена од социјалните медиуми е прекинувањето на врската помеѓу изворот на информациите и  корисникот на информациите. Едноставно не ви треба никаков медиум за да слушнете што следно ќе каже претседателот Трамп. Тој сам ќе ви каже, директно. Се што треба да направите е да го вклучите во портфолиото извори на информации што ве интересираат и што сакате да ги следите. Де факто, Вие си правите сами уредувачка политика на содржините што се важни или интересни за вас и сакате да ги конзумирате.

Најсликовито иднината ќе изгледа вака. Исто како што една телевизија е само еден канал во рамките на интегрираната понуда на кабловскиот оператор, дигиталните медиуми ќе бидат само еден канал на социјалната платформа која корисникот ќе одлучи дали ќе ја вклучи “следи“ или нема да ја следи.

Што за останатите медиуми, дали се загрозени? Апсолутно Не. Напротив ќе имаат многу повеќе работа. Како што веќе кажав не е важен каналот, типот на медиум, важна е кредибилноста на изворот на информации (независно за каков тип на медиум станува збор) Твитовите и постовите ќе се користат како “тизери“  за да предизвикаат дополнителна желба за одредена тема и истражување за изворот на информации. А корисниците ќе “бараат кредибилни извори на целосната информација“. Ќе бараат експерти за таа тема. Бидејќи изворите на информации ќе се мултиплицираат до бесвест, ќе биде многу важно за корисникот да одлучи кому ќе му верува, кој ќе биде “ вклучен и следен“  а кој исклучен. Опасноста од бизнис перспектива е огромна бидејќи за разлика од порано, корисникот ниту има трошок ниту технички проблем да ве вклучи или исклучи од својата уредувачка политика за 1 секунда. Кога “cost of switching” е маргинализиран, Вие како медиум немате право на пауза и право на грешка. Вашата тема мора да ја покривате и први и целосно и без ефтини финти. Специјализираните и кредибилни медиуми ќе бидат многу успешни.

Живееме во ера на дигитална економија,  каде секоја информација стигнува многу брзо од еден до друг крај на светот, каде времето се мери во стотинкиЖивотните циклуси на успешни бизниси се скратуваат и се побрзо се менуваат или заменуваат со нови. Како делуваат промените на Вас, дали ви создаваат стрaвови, или напротив се дополнителен предизвик за работа?

Тасков: Дали промените се закана или нова можност, се зависи каков е вашиот однос кон нив. Можете да се браните од нив односно да ги негирате, да ги прифатите или имплементирате и самите да ги создавате или иновирате.

Јас лично во промените секогаш гледам нова можност. Целата моја професионална кариера е изградена на прифаќање или создавање на промени. Практикувам филозофија дека неможам ништо да направам за тоа што било вчера, тоа поминало, а секој нов ден е можност да се промени иднината. Животот ме научи дека немора да бидеш генијалец и да измислуваш нови револуционерни работи за да бидеш успешен. Доволно е да бидеш свесен и за малите промени што секојдневно се случуваат во сите индустрии, да размислуваш глобално и во спојот на повеќе мали промени да создаваш решенија за подобар начин за работење и живеење. Тие промени многу полесно ќе бидат прифатени од заедницата и побрзо ќе создадат позитивни ефекти.

Според Вас, Колку Македонските компании се иновативни, од што зависи капацитетот да иновираме и создаваме економски раст?

Тасков: Генерално, стимулот да се иновира доаѓа од комплексноста на предизвиците со кои се соочува едно општество и бизнисите во него, од достапните знаења, методи и модели за решавање на тие предизвици. За да општеството и компаниите имаат нагон да иновираат потребно е да бидат изложени на некаков предизвик а за тој предизвик да нема веќе измислено и достапно решение.  Кога постои достапно и  доволно добро решение, стратегијата е да се оди во  ефективна имплементација а не иновација. Според мене, екстремно е ниска веројатноста Македонските компании први да  бидат изложени на социјален или економски предизвик (демографска експанзија, комуникациски проблем, технолошки предизвик, екстремно брзо растечка побарувачка или слични трендови)  за кои веќе нема решение кое постои и веќе во неколку генерации е подобрено и усовршено.

Капацитетот да создаваме раст не е врзан за стимулот и споосбноста да иновираме, тој е поврзан со способноста ефективно и креативно да имплементираме нови познати технологии и да применуваме сериозни менаџмент и бизнис модели во СТАБИЛЕН И ПРЕДВИДЛИВ бизнис амбиент.  Најдобар пример ви е Кинеската економија. Таа економија има огромна стапка на раст веќе со години а ефективно нема ниту една иновација за која сте слушнале. Без разлика каде се иновира, економските ефекти од нови знаења и технологии ќе се остварат таму каде што има најдобра економска подлога тие знаења и технологии одржливо да се развиваат и транспортираат во глобално поврзаната светска економија. Пеницилинот научно (намерно или по грешка) е измислен во Англија но најголемите економски ефекти ги остварува американска компанија која му овозможува долготрајна употребна вредност.


Можеби ќе ве интересира

Инграм Микро: За ИТ професионалците денес е задолжително да инвестираат во својата експертиза и вештини со цел да останат конкурентни на пазарот

Инграм Микро: За ИТ професионалците денес е задолжително да инвестираат во својата експертиза и вештини со цел да останат конкурентни на пазарот

А1 за сите при пејд корисници на мобилната телефонија - БЕСПЛАТНИ ГИГАБАЈТИ СО А1 ПРИПЕЈД!

А1 за сите при пејд корисници на мобилната телефонија - БЕСПЛАТНИ ГИГАБАЈТИ СО А1 ПРИПЕЈД!

IQOS караванот пристигна во Струга

IQOS караванот пристигна во Струга

„Фактот што сме помеѓу 10-те финалисти на НЛБ проектот „Рамка за помош“, става печат за тоа дека сме вистински општествено одговорна компанија“: Георги Михаилов основач на платформата Разговор.мк

„Фактот што сме помеѓу 10-те финалисти на НЛБ проектот „Рамка за помош“, става печат за тоа дека сме вистински општествено одговорна компанија“: Георги Михаилов основач на платформата Разговор.мк

МАРТИН И ДАРКО ШАМПИОНИ ПО ДОБИВКИ НА 2win.мк ЗА ИЗМИНАТАТА НЕДЕЛА

МАРТИН И ДАРКО ШАМПИОНИ ПО ДОБИВКИ НА 2win.мк ЗА ИЗМИНАТАТА НЕДЕЛА

Култниот знак „СКОПСКО“ на Ристиќева добива нов лик

Култниот знак „СКОПСКО“ на Ристиќева добива нов лик

Со спектакуларна забава Grand Casino Admiral ги отвори вратите за љубителите на игри на среќа

Со спектакуларна забава Grand Casino Admiral ги отвори вратите за љубителите на игри на среќа

Глобална средба на HR тимот на Костал во Охрид: Успешното менаџирање со човечките ресурси се најголемиот предизвик на компаниите во светот

Глобална средба на HR тимот на Костал во Охрид: Успешното менаџирање со човечките ресурси се најголемиот предизвик на компаниите во светот

Оливера Зуловиќ, авторка на романот „Прирачник за солиден живот“: Би сакала денес да има повеќе деца како Љубо и Љубица, кои ќе реагираат на неправдите!

Оливера Зуловиќ, авторка на романот „Прирачник за солиден живот“: Би сакала денес да има повеќе деца како Љубо и Љубица, кои ќе реагираат на неправдите!