ЕЛЕМ нема да гради „Рајски градини“ и непотребни проекти
Објавено во: Македонија 06 Декември, 2017
Државната енергетска компанија ЕЛЕМ повеќе нема да може да финансира градежни или било какви проекти кои не се од нејзината основна дејност и поврзани со енергетиката.
Ова е новата одлука на Владата донесена на вчерашната седница со што треба да прекинат сите планови со кои ЕЛЕМ прераспределуваше големи средства за небулозни проекти кои немаат допирни точки со електрани или било каков вид на енергетска оправданост, туку се трошеше на незапирливите владини проекти кои и онака добиваа силни критики од јавноста.
Меѓу нив, најпознат е проектот Рајска градина во општина Аеродром со кој ЕЛЕМ требаше да гради огромен парк, во вредност од петнаесетина милиони евра, но проектот беше откажан.
Исто така Владата му наложи на ЕЛЕМ да ги прекине сите планирани несуштински проекти за 2018 и да најде начин доколку е возможно тоа да го стори без правни импликации кои би донеле нови трошоци.