09 Август, 2020
0.0251

Енергетска сиромаштија - Реалност за над 50 милиони домаќинства во ЕУ

Објавено во: Мои пари 10 Јули, 2020

Што ја прави куќата дом? Домот е нашето безбедно засолниште, место за комфор и удобност, засолниште од студот во зима и високите температури во лето. Место каде подготвуваме топол оброк за себе, за семејството и пријателите, место каде имаме топла вода за оджување лична хигиена и перење на алиштата.

Се проценува дека над 50 милиони домаќинства низ ЕУ живеат без некоја или ниедна од овие основни удобности. Ова е енергетска сиромаштија; итен проблем и уште еден симптом на неправеден социо-економски систем.

Што е енергетската сиромаштија?

Енергетската сиромаштија во моментов е предмет на интензивирани дебати ширум Европа, бидејќи некаде помеѓу 50 и 150 милиони луѓе се погодени од овој проблем. За жал, недостатокот на јасна и унифицирана дефиниција низ земјите за тоа што всушност претставува енергетска сиромаштија, значи дека е тешко да се разбере ширината и длабочината на проблемот, а со тоа и како најдобро да се реши.

Според Прирачникот за енергетска сиромаштија, под „енергетска сиромаштија обично се подразбира кога едно лице или домаќинство не е во можност да го загрее својот дом или да обезбеди електрична енергија во својот дом, до прифатлив стандард и по достапна цена”. Во реалноста, оваа дефиниција опфаќа многу широк спектар на основни активности. Може да се однесува на тоа ако луѓето не можат да си ги загреат домовите соодветно, но и ако не можат да ги оладат домовите во топлите лета; може да значи дека не можат да си дозволат приготвување на топла храна или немање секогаш кога е потребно топла вода за бања и можност за перење на облеката; или пак ги немаат условите за користење на основни уреди во домаќинството (машини за перење, пегла, телевизори, компјутери, итн.)."

Некои земји го дефинираат тоа со поедноставени термини и таквите дефиниции честопати се однесуваат само на неможноста за соодветно загревање на домовите односно неможноста за плаќање на комуналните услуги. Во Шкотска, Велс и Северна Ирска, енергетската сиромаштија е дефинирана како ситуација кога едно домаќинство е принудено да потроши повеќе од 10% од своите приходи за да „одржи задоволителен режим на греење“.

Едноставно кажано, енергетската сиромаштија е предизвикана од ниски приходи, високи енергетски трошоци и неадекватно дизајнирано и изградено домување, а тоа се симптоми на економски систем кој не успева да им ги обезбеди на луѓето дури и најосновните стандарди за достоинствено живеење.

Жртвите и последиците од енергетска сиромаштија

Не е изненадувачки што најчестите жртви на енергетската сиромаштија се веќе ранливите граѓани во општеството. Некои од најризичните групи се луѓето со инвалидитет или заболувања, старите лица, а според Барометарот за енергетска сиромаштија на Кралот Баудуин, семејствата со самохрани родители (повеќето од кои се жени) и домаќинства од едно лице (особено постари самохрани лица) исто така спаѓаат во оваа категорија.

Енергетската сиромаштија значи живеење и спиење во околина каде е премногу топло или премногу ладно, неможност за подготовка на топли оброци и одржување на стандардно ниво на лична хигиена. Ова ги става луѓето во поголем ризик од заболувања, особено од циркулаторни и респираторни заболувања. Покрај овие, постојат и бројни индиректни влијанија на енергетската сиромаштија.

Луѓето кои живеат во енергетска сиромаштија имаат тенденција кон поголема социјална изолација затоа што постои помала веројатност да покануваат други луѓе во нивните домови или пак да излегуваат, освен ако тоа е неопходно, за да го избегнат враќањето во студен дом. Овие луѓе исто така подлежат повеќе на болести како грип и настинки, значи дека луѓето имаат поголема потреба во споредба со нивните колеги од земање денови за боледување, што може да предизвика проблеми во работниот процес. Неможноста за одржување на лична хигиена и одржување на обелката може да создаде ниска самодоверба кај луѓето и тешкотија при наоѓање на работа. Децата што живеат во услови на енергетска сиромаштија имаат помала адаптибилност, полоша емоционална благосостојба и послаби достигнувања на училиште.

Конечно, енергетската сиромаштија е голем товар за здравствениот систем во секоја земја. Сезонските заболувања поврзани со живеење во ладни домови го чини националниот здравствен систем во Велика Британија околу 1 милијарда евра годишно.

Енергетска сиромаштија во ЕУ

Без унифицирана дефиниција за енергетска сиромаштија во земјите-членки на ЕУ, тешко е да се има вистинска и јасна слика за ситуацијата низ целиот континент. Голем дел од достапните податоци се однесуваат на специфични тешкотии, како што се одржување на топлината во домовите, заостанати долгови за комунални услуги за станбени простории и сл. Неодамнешниот извештајна Опсерваторијата за Енергетска Сиромаштија на ЕУ откри дека 7,3% од луѓето не биле во можност да ја задржат соодветната топлина во домовите, 6,6% имаат заостанати сметки за комунални услуги, а 16,2% трошат најголем дел од своите приходи за вакви потреби. Истражувањето открило дека поголемиот дел од луѓето кои се наоѓаат во ваква состојба живеат во изнајмени или во социјални станови.

Население кое не може да го задржи домот соодветно загреан според статусот на сиромаштија, 2018 година (Евростат)

Што прави ЕУ во врска со тоа?

Во декември 2018 година, Европската Унија издаде регулатива за управување со енергетската унија и за климатска акција во која се истакнуваат некои многу важни чекори за ставање крај на енергетската сиромаштија низ целиот континент.

Со регулативата е наведено дека енергетската сиромаштија мора да се реши со интегрираните национални планови за енергија и клима на секоја земја-членка (NECP). Овие 10-годишни планови (од 2021 - 2030 година) мора да бидат развиени од секоја земја која припрема стратегии за справување со климатската криза, вклучувајќи и во области како намалување на емисиите, инвестиции во обновлива енергија и истражување. Националните планови за клима и енергија мора да вклучуваат проценка на бројот на домаќинства во секоја земја кои живеат во енергетска сиромаштија. Притоа мора да се земат во предвид „основните домашни енергетски потреби неопходни за да се гарантира основен стандард на живеење во соодветниот национален контекст, постојната социјална политика и другите релевантни политики, вклучувајќи ги и индикативните насоки на Европската Комисија за релевантни индикатори и географската дисперзија, кои се засноваат на заеднички пристап за енергетска сиромаштија“.

Земјите-членки кои ќе увидат „значителен број“ на домаќинства кои живеат во енергетска сиромаштија исто така ќе треба да вклучат национален план за тоа како да се намали овој број. Регулативата, сепак, не го квантифицира она што претставува значителен број.

Енергијата како основно човеково право

Иако регулативата донесена од ЕУ е дефинитивно чекор во вистинската насока, само времето ќе ја покаже нејзината ефективност.

Енергетската сиромаштија е уште еден резултат на економски систем кој очигледно не работи во интерес на сите. Да ​​бидете во можност да го загреете или разладите вашиот дом, да имате пристап до топла вода и да имате ресурси за приготвување на топли оброци, се основни човекови права. Неприфатливо е милиони луѓе ширум Европа да бидат оставени на маргините на животниот стандард заради политичка неактивност.

Во прирачникот за енергетска сиромаштија се вели дека „за да бидеме сигурни дека постои правичен баланс помеѓу приходите и трошоците за основните услуги, не може да се остави решавањето на овој проблем само на ‘пазарот.’ Само владите можат да имплементираат правична политика за дистрибуција и редистрибуција со која може да се обезбеди гарантирање на основните права, за никој да не остане на општествените маргини и да се затвори јазот на нееднаквоста“.

Граѓански движењата, коалиции и организации на граѓанското општество долги години работат неуморно за да вршат притисок врз креаторите на политики и да постигнат позитивни, конкретни резултати за решавање на овој проблем. Списокот со барања на коалицијата Право на Енергија опфаќа многу од неопходните чекори што треба да се преземат:

  1. Забрана за исклучување со што ефективно се обезбедува правото на енергија;
  2. Снабдување со минимална количина на енергија за сите;
  3. Масовна програма за реновирање низ ЕУ, за да се обезбеди пристојно, ефикасно домување за сите;
  4. Насочување на поддршка кон најранливото население во активностите за реновирање;
  5. Препознавање на улогата на енергијата во секоја заедницата за ублажување на енергетската сиромаштија;
  6. Поддршка за енергетски проекти во заедницата за борба против енергетската сиромаштија;
  7. Европска дефиниција за енергетска сиромаштија, за да се разбере и следи проблемот на ниво на ЕУ.

Неодамнешните пресметки проценуваат дека скоро 25% од Македонија, во споредба со просекот на ЕУ од 7,3%, живеат во енергетска сиромаштија. Во нашата следна статија навлегуваме подлабоко во македонската реалност на енергетската сиромаштија и што прават властите околу тоа.

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач / The Climate Herald ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.


За Авторот:

Џеј Ди Фаруџиа

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.

Превод и адаптација: Симона Гетова


Можеби ќе ве интересира

Telekom MK апликацијата постојано станува подобра

Telekom MK апликацијата постојано станува подобра

Galaxy Tab S7|S7+: нови Samsung таблети за работа и забава

Galaxy Tab S7|S7+: нови Samsung таблети за работа и забава

Квалитетното образование како почетна точка за успешна професионална кариера

Квалитетното образование како почетна точка за успешна професионална кариера

Македонски Телеком со зголемени приходи и раст во интернет и ТВ сегментот во првите шест месеци од 2020 година

Македонски Телеком со зголемени приходи и раст во интернет и ТВ сегментот во првите шест месеци од 2020 година

Huawei започна со продажба на P40 Pro+ и на македонскиот пазар

Huawei започна со продажба на P40 Pro+ и на македонскиот пазар

Претставени новите Samsung Galaxy Watch3 и Galaxy Buds Live

Претставени новите Samsung Galaxy Watch3 и Galaxy Buds Live

Samsung претстави пет нови, моќни Galaxy уреди

Samsung претстави пет нови, моќни Galaxy уреди

А1 Македонија продолжува со подароци за своите корисници

А1 Македонија продолжува со подароци за своите корисници

Дали сте заштитени од Cyber напади: Анти-DDoS заштита од Неотел за безбеден континуитет во работењето!

Дали сте заштитени од Cyber напади: Анти-DDoS заштита од Неотел за безбеден континуитет во работењето!