ЕПП му постави услов на Орбан за да не го „исклучи“
Објавено во: Свет
06 Март, 2019
Добивај вести на Viber
Европската народна партија (ЕПП), најголемото политичко семејство во Европарламентот, му постави услов на унгарскиот премиер Виктор Орбан да му се извини на Брисел за навредите ако не сака да биде исклучена Фидес, неговата владеачка партија во Унгарија.
Ова го потврди лидерот на парламентарната група Манфред Вебер и наведе дека причината за таквиот потег се „неоснованите критики“ на адреса на Европската унија. Орбан е обвинет за ширење евроскептицизам и за популистичко владеење, како и за наклонетост кон Истокот.
Вкупно 12 партии членки на Европската народна партија официјално побараа исклучување или суспензија на популистичкиот унгарски премиер и неговата партија Фидес од европската партија. По ова прашање ќе се одлучува на состанокот на 20 март.
„Виктор Орбан и Фидес повторно ги поминаа сите ‘црвени линии’“. Сите опции се на маса, а особено исфрлање и продолжување на нашата иднина без Фидес“, изјави Вебер, кој исто така е кандидат на ЕПП за претседател на Европската комисија.
Семејството на конзервативни партии му дава уште една шанса на Орбан, но за возврат тој треба да ја прекине кампањата против вредностите на Европската унија.