ЕВЕ КОИ СЕ ПЕТТЕМИНА ПРАТЕНИЦИ - или „лошо стиснаа“, или ги изневери системот
Објавено во: Македонија 17 Февруари, 2020
Али Ахмети и Џеват Адеми од ДУИ, Амди Бајрам, Љуљана Поповска и Самка Ибраимовски, се петтемина пратеници за кои на првиот листинг се гледа дека не гласале за Законот за јавно обвинителство, на првичниот обид на кој беа регистрирани 74 гласа „за“, по што претседателот Талат Џафери го поништи гласањето. Додека, пак, за пратеничката Мерал Узеири Ферати од ДПА, на листингот стои дека не била присутна.
Собранискиот спикер Талат Џафери го поништи ова првично гласање, бидејќи, како што објасни, не видел дека претходно пратеничката Љиљана Поповска од ДОМ барала да говори процедурално.
Собраниски извори тврдат дека петтемина пратеници всушност гласале и биле присутни, но затаил собранискиот систем, па тие иако го стискале копчето „за“, системот тоа не им го регистрирал, и затоа на крајот листингот исфрлил 74 пратеници.
Откако го поништи првичќното гласање, претседателот на Собранието Џаџери повторно ги повика пратениците да гласаат, по што беа регистрирани 80 гласа „за“ и со тоа Собранието го донесе Законот за јавно обвинителство.