ЕВН: Голем интерес кај домаќинствата за продажба на електрична енергија
Објавено во: Економија 06 Август, 2022
Од ЕВН Електрани потврдуваат дека има зголемен интерес кај домаќинствата, со промената на правилникот, за промена на броилата од едносмерни во двосмерни, со пто би се исполнил условот за продажба на електрична енергија од нивна страна преку изградба на фотонапонски централи до 6 киловати.
Од таму велат дека се бараат информации повеќе околу промената на броилата и кој ќе го сноси трошокот за тоа, но и за бројните сложени процедури за да се произведува струја за себе, а евентуалниот вишок да се продава.
„Граѓаните покажуваат зголемен интерес за поставување на фотонапонски централи до 6kW на сопствените кровови, при што едно од главните прашања е одговорноста и трошокот за промената на едносмерното броило во двосмерно. Тие се упатуваат до Електродистрибуција со претходни насоки околу спроведување на процесот на регистрација на домаќинствата како нов учесник во дистрибутивниот систем – „потрошувач-производител“, велат од ЕВН за ДВ.
Интерес има, но сепак проблем претставува тоа што институциите кубурат со кадри и капацитети. Од ЕВН велат дека моментално се соочуваат со преголема ангажираност на ЕВН Електрани и на под-изведувачите, како и недостиг на капацитети за изведба на проекти на пазарот.