Европската унија повлече две земји од црната листа на даночни раеви
Објавено во: Економија 26 Мај, 2018
Министрите за финансии на 28-те земји членки на ЕУ извадија од црната листа со даночни засолништа две земји - Сент Китс и Невис и Бахамите, пренесоа агенциите. Така, седум јурисдикции остануваат во листата.
Во распространето коминике на Советот на министрите за финансии се наведува 7-те земји, кои остануваат во црната листа: Гуам, Намибија, Палау, Самоа, Американска Самоа, Тринидад и Тобаго и американските Девствени Острови.
"Да имаме се помалку јурисдикции на црната листа го покажува успехот на оваа постапка", рече министерот за финансии на Бугарија Владислав Горанов.
Сент Китс и Невис и Бахамите, две земји од Карибите, ги исполниле обврските за добро однесување во даночната материја и минуваат во сивата листа - онаа на земјите кои се обврзаа да се справат подобро.
Црната листа на ЕУ, беше усвоена на 5 декември 2017 година и е прва во историјата на Унијата. На почетокот таа вклучи 17 земји.
Почетната листа беше намалена за осум земји, вклучително и Панама, на 23-ти јануари. Овие земји ги исполниле обврските за добро однесување и беа преселени од црна во сива листа.
Намалувањето на листата предизвика незадоволство на голем број невладини организации.
Усвојувањето на оваа листа беше преземена по серијата скандали за даночно затајување: „LuxLeaks“во крајот на 2014 година, Панама пејперс (Panama Papers) во април 2016 година и Парадајс пејперс (Paradise Papers) во ноември 2017 година.
До крајот на годината ќе се одлучи дали земјите од сивата листа ќе се вратат во црната, во случај дека не ги исполнат преземените обврски.