18 Април, 2024
0.0415

Европски мрак од градот на светлината за Македонија

Објавено во: Колумни 05 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Последната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон, дека „не постои минимална шанса за проширување на Унијата, без нејзино претходно реформирање“, е огромен „студен туш“ врз сите балкански политички елити, вклучително и нашата. Голем број на европски влади, политичари, бирократи, упорно инсистираат да ни се даде датум за отпочнување на преговорите, и наше одвојување од „пакетот со Албанија“, односно ветувањата на европските челници да добијат и своја верификација на практика. Се поставува прашањето, дали, со кој интензитет и како ние како договорна страна во Преспанскиот договор ( со кој се реши спорот за името), треба да продолжиме со негова „ имплементација“, кога од официјален Париз, ние добиваме изрична порака дека проширувањето ќе почека. Уште поголем апсурд е што грчката влада, предводена од Алексис Ципрас (се уште), воопшто не го условува отпочнувањето на преговорите, туку тоа го прават „старите демократии“, како Франција, Холандија, па дури и Данска. Ноторен  и  непобитен  факт  е дека во Македонија се уште има голем степен на корпуција, неказнивост на кривични и криминални дела, хаотичен и нефункционален судско-обвинителски систем, низок животен стандард, и ред други работи, односно како што нагласи и високиот американски дипломат  Хојт Ји  дека „лидерите на Западен Балкан, глумат реформи“, но исто така непобитен факт е дека, евроинтегративниот процес претставува катализатор на општествените промени и процеси на земјите- претендентки за полноправно членство во ЕУ.

„Историска“ непревда кон македонските евроинтеграции

После  големото  проширување  на Европската Унија во 2004, кога западноевропската асоцијација се прошири на Исток и Североисток (Словенија, Словачка, Унгарија, Полска, Чешка, Естонија, Летонија и Литванија), како и со двете медитерански островски земји ( Малта и Кипар),  самата  Унија, ги заостри критериумите за влез во ова големо европско семејство. Балканските Бугарија и Романија во 2007, како и Хрватска во 2013 година, беа последните примени полноправни членки на ЕУ, со голем број забелешки за нивната општествена и институционална подготвеност за да станат дел од Унијата. Забелешките се однесуваа  на корумпираноста, организираниот криминал, партизираноста на судско- обвинителскиот систем, нискиот животен стандард, односно  недоволни реформи во политичкиот и економскиот  живот на овие општества. Македонија беше прва држава од земјите во т.н Западен Балкан, која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во дамнешната 2001 година, како официјален старт на нејзиното евроинтегрирање. Во тој период, европските институции, земјава, ја класифицираа како најнапредна, односно  најреформиски подготвена земја за полноправна членка на ЕУ. Сите претпоставки, на аналитичари, политичари, општественици,  и целиот административно- институционален апарат, беа дека Македонија ќе постане земја членка за десетина години од тој момент, односно преговорите за членство ќе траат 5-7 години ( добивме статус на земја-кандидат исто така во далечната 2004 година).  Ветото кон евроинтегративниот пат, од кабинетот на Костас Караманлис  ( 2008, на самитот на НАТО), работите околу нашето членство во ЕУ/ НАТО, ги одведе во сосема друг, лош и непосакуван правец  за нас како држава, и за сите граѓани. Ултимативниот услов „ решение на спорот за името, па потоа  членство  во НАТО, и отпочнување на преговорите за полноправно членство  во ЕУ“, донесоа десетгодишна стагнација на земјава, и целосна  блокада на институционалниот процес  за полноправна асоцијација во овие сојузи. Непринципиелниот услов, „ без кој не се може“, односно „ решавање на спорот за името“ ( читај: промена на уставното име за севкупна употреба), беше тргнат од „ дневен ред“ на Унијата, со решавањето на овој апсурден и ирационален спорт, летото минатата 2018 година. Европските челници, ја убедуваа  земјава, односно нашите политички елити, дека решавањето на спорот, ќе ги откочи  евроинтегративните процеси, и Македонија ќе го започне својот  макотрпен пат на реформирање на општеството, се со цел да се прилагоди кон стандардите на ЕУ. 

Балканското буре-барут

Горенаведените  источноевропски земји, денес полноправни членки на Унијата, како и останатите балкански, исто така тонеа во корупција, криминал, лоши институции, но нивната голема општествено- економска , та дури и менталитетна  промена, се случи  токму во претпристапниот процес. Унијата може и мора да се рефомира паралелно со европскиот процес на интеграција, бидејќи  самото „ рефомирање “ на Унијата претставува внатрешен проблем  на европските институции и бирократи.  Зарем  европските челници, забораваат дека пред безмалку  две децении, овој регион беше во „ крв до колена“ зафатен од меѓуетнички  и граѓански војни, и дека во општествената меланхолија на западнобалканските држави, можеби  единствен начин да се избегнат овие „ темпирани бомби“ е токму ветувањето за нивно полноправно членство во Унијата како „ ветена земја“. Суетата, дневнополитичките калкулации ( популарноста на Марин Ле Пен), и личните интереси, не треба да бидат оправдана причина на францускиот претседател да ги посипа со пепел балканските надежи. Едноставно од  земја лидер на ЕУ, земја која се смета за „ мотор “ на самата организација заедно со Германија, е во најмала рака недржавнички, неодговорно и непринципиелно да се однесува така.  Последиците кои се веројатни, можат да бидат трагични и далекусежни, особено што станува збор за регион кој е на самата периферија на Унијата, односно регион заобиколен од земји-членки на Унијата.

Како да продолжиме понатаму

 Во оваа новонастаната ситуација за нас, што треба да правиме ние? Искусниот дипломат и професор на Правниот факултет во Скопје, Денко Малески, вели дека треба „ да се прилагодиме на новонастанатата ситуација“, но прашањето е до кога, и уште колку „ прилагодувања“ ќе треба да понесеме на наш грб.  За жал, геополитичките констелации на односите меѓу големите сили, европскиот „ кризен “ идентитет, проблемот со мигрантите, ја смени перцепцијата на Унијата кон тоа што се вика „ голем  европски сон за обединета Европа“, но дали тоа е фер за на нам и останатите западнобалкански држави да ни се затворат вратите , што би се рекло народски „ пред носот“. Онаа  стара девиза „ Македонија нема време за чекање“, е тридецениска девица, која е толку патетична , бидејќи Македонија и нејзините граѓани се уморени во чекалната. По сите отстапки, компромиси  и „ горчливи пилули“ кои ги проголтавме , време е „ некој таму горе“ да си го исполни ветувањето. Европа можеби е „ најсекси девојка“, но во овој случај се однесува како „ ку**ата од Вавилон“. Со право балканските граѓани , немаат  доверба во ЕУ-кредибилитето. Ако единствена цел на европските првенци е овој регион да стане дел од ЕУ, само заради бајпасирање на  „ руското“ , кинеското , па дури и турското влијание, благодариме, но такви прегратки нам не ни се потребни. Потребна ни е искрена помош, подадена рака да се извлечеме од балканската кал, и конечно да го заземеме нашето место кое велат дека „ природно ни припаѓа(ло)“. Тоа во обединета, цивилизирана, културолошка, шаренолика Европа, каде што нели „ и сонцето ќе биде ѕвезда“. 


Благојче Атанасоски, политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок