ФЕНОМЕН: Се истражува зошто повеќето Американци умираат на 62 години
Објавено во: Свет 18 Март, 2018
Се истражува зошто Американците умираат најчесто на возраст од 62 години.
Во САД последниве неколку години интензивно се прават истражувања чија цел е да го објаснат овој феномен. Научниците веруваат дека причината е поврзана со предвременото пензионирање, објави „Wall Street Journal“.
Според новото истражување на американските научници од Универзитетот Корнел, во соработка со Универзитетот во Мелбурн, значително зголемување на смртноста кај Американците се бележи на возраст од 62 години, а на ова многу поизложени се мажите. Истражувачите веруваат дека причината за ова е предвременото пензионирање. Економистите Марија Фицпатрик и Тимоти Мур анализирале податоци за причините за смрт добиени од Националниот центар за здравствена статистика на САД, за периодот меѓу 1979 и 2012 година. Нивниот труд е објавен во февруари годинава во списанието „Journal of Public Economics“.
Некои луѓе во раните 60-ти години го менуваат работното место, работат со скратено време или пак се пензионираат. Поради ова, кај многумина опаѓа нивото на приходи и се менуваат покритијата на здравственото осигурување.
„Околу една третина од Американците на возраст од 62 години се одлучуваат да го остварат своето право на државна пензија. Десет отсто од мажите се пензионираат штом ќе наполнат 62 години“- вели Фицпатрик.
Смртноста на мажите на возраст од 62 години во САД е порасната за два отсто, што е значајна бројка.
„Во период од 34 години кои беа опфатени со анализата, откривме дополнителни 13.000 до 27.000 смртни случаи на луѓе кои починале на возраст од 62 години. Оние два проценти значат двајца на секои 100 мажи во општата популација која наполнила 62 години“- вели Фицпатрик.
Пензионирањето кај некои луѓе може да дејствува позитивно. Меѓутоа, на краток рок, наоѓаме негативни последици, вели истражувачот.
Со пензионирањето се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, инфекции, смртни случаи поврзани со пушењето и болести на респираторниот систем, се наведува во истражувањето.