„ФЕРШПЕД“ ГО ПРОДОЛЖУВА КОРИСТЕЊЕТО НА БАНКАРСКИ КРЕДИТ ОД 6,5 МИЛИОНИ ЕВРА СЀ ДО 2036 ГОДИНА - еве каков имот е ставен под залог

Објавено во: Економија 19 Февруари, 2025 08:20
Бизнисот е стабилен, а истото важи и за приходите и добивката, но тековното работење мора да се кредитира преку банкарските институции.
Шпедитерската компанија „Фершед“ објави дека продолжува да го користи кредитот земен од Халк Банка, на износ од 6,5 милиони евра, а кој им бил одобрен и ставен на располагање во сега далечната 2016 година.
Практично, компанијата соопшти дека се врши измена на времетраењето на договорот за овој кредит, и сега тој практично ќе заврши на крајот на третиот квартал од 2036 година, односно ќе се користи уште најмалку 11 и пол години.
„Фершпед известува дека склучи Анекс кон Договорот за Рамковен Револвинг Кредит Лимит со Халх Банка АД Скопје со вредност од 6.500.000 евра, со кој се изврши измена на времетраењето на договорот, односно времетраењето се продолжува до 29 септември 2036 година“, стои во објавата од „Фершпед“ на Берзата.
Она што е исто така многу интересно во нивната објава, е дека компанијата дава обезбедување на свој недвижен имот, и тоа магацини и деловен простор, со цел тие да служат како гаранција дека ратите на заемот навреме ќе се исплаќаат.
„Како обезбедување за рамката воспоставен е залог врз недвижен имот, и тоа магацински и деловен простор, сопственост на друштвото, во корист на банката. Тука влегуваат магацин бр.1 и магацин бр.3 со адреса на улицата Перо Наков, и со вкупна површина од 14.046 метри квадратни, како и деловен простор на истата адреса, и тоа број на објект 7, со површина од 534 метри квадратни. Врз основа на нотарски акт е склучен Договор за залог на овој имот, кој има својство на извршна исправа“, се нагласува во информацијата од компанијата презентирана преку Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
А, последниот извештај кој го има објавено „Фершпед“ е Билансот на успех за првите три квартали од минатата година, што значи дека за тоа акционерско друштво се уште ги очекуваме резултатите за целата измината година, но претпоставката е дека и тие ќе бидат солидни.
Во нашата анализа за работењето на „Фершпед“ за трите квартали од лани сме
напишале дека на шпедитерскиот
бизнис олицетворн преку компанијата „Фершпед“ воопшто не му одело лошо минатата година, ама дека нема ниту некои приходни или профитабилни скокови во однос на
истиот период од минатата година.
За разлика од, на пример, 2023 година, кога имаше голем раст на добивката за
околу 50 проценти, во првите девет месеци од ланската година чистиот профит е зголемен за три проценти.
Тој документ говореше дека во првите девет месеци лани „Фершпед“ остварил оперативни приходи од безмалку 57 милиони евра, што е раст за 4 отсто, како и дека сите овие приливи се должат на приходите од продажбата, кои тежат 56,9 милиони евра, или тука исто така имаме раст од 4 проценти. Билансот на успех во континуитет покажува дека компанијата на семејството Накови најголемите пари, односно приливи, ги прави дома, па така приходите од продажба на домашниот пазар се 56,5 милиони евра, што е раст за 6 отсто споредено со истиот период лани.На странскиот пазар она што се работело за девет месеци и донело на компанијата прилив од само 390 илјади евра, што и онака е мало како сума, но и има значајно намалување, за цели 67 проценти во споредба со истиот период од минатата година.
Оперативните расходи биле на ниво од 55,3 милиони евра, со исто зголемување како и приходите, за 4 проценти. Главниот трошок, логично, се услугите со карактер на материјални трошоци, на сума од 45,4 милиони евра, а и кај нив има стабилен раст од 4 проценти.Набавната вредност на трговските стоки ја чинела компанијата 5,5 милиони евра, и тука има малку повисок раст, од 11 проценти. А, за вработените се исплатени 2,3 милиони евра, и она што е малку разочарувачки е дека тој трошок е намален за 1 отсто, што значи дека или се намалил бројот на работници, што е поверојатно, или, пак, има некои намалувања на месечните примања, иако станува збор за ситен износ.
Како резултат на сето ова оперативната добивка за првите три квартали била 1,7 милиони евра, зголемена исто за 4 проценти. Позначаен раст за 29 отсто имаат финансиските приходи, и тие изнесувале 127 илјади евра, а најголем дел од нив, 82 илјади евра, се должат на приходи од вложувања, заеми, камати и курсни разлики.
Финансиските расходи, пак, биле само нецели три илјади евра, и добар сигнал е што кај нив има намалување за дури 57 проценти. Но, како на сето ова ќе влијае продолжувањето на заемот, останува да се види во наредните извештаи на компанијата кои ќе се однесуваат за оваа година.
Значи, чистата добивка на компанијата била 1,65 милиони евра, што е скромен раст, но сепак раст од 3 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Инаку, акционерската структура во компанијата е непременета подолг период и изгледа вака. Најголем поединечен акционер во „Фершпед“ е „помалиот брат“ „Макошпед“, со 19,65 отсто од капиталот, а синовите на долгогодишниот директор Штерјо Наков, Драган и Сашо Накови имаат по 11,83 и 11,04 отсто соодветно. Чоколадната фабрика „Европа“ во меѓувреме го има зголемено малку капиталот, и тоа на 9,99 отсто, од претходните 9,66 проценти, а самиот „Фершпед“ поседува сопствени акции од 9,99 проценти.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Украинска телекомуникациска компанија излегува на Берза

ДИЗАЈНЕРОТ КОЈ ЗАРАБОТУВА 60 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ГОДИШНО - тој го тврди она што на многумина нема да им се допадне, а особено на жените

ДАЛИ НИТУ НАЈБЛИСКИТЕ ПОВЕЌЕ НЕ МУ ВЕРУВААТ - братот на Илон Маск продаде акции вредни речиси 30 милиони долари

ПЛАТИТЕ ВО ХРВАТСКА НИКОГАШ ПОВИСОКИ - но само една третина заработува повеќе од просекот

ЗЕМЈА КАДЕ РАБОТАТ МНОГУ МАКЕДОНЦИ: До 2030 година ќе им требаат половина милион работници

УШТЕ ЕДНА ЗЕМЈА ОД РЕГИОНОТ „УВЕЗУВА“ РАБОТНИЦИ: Им требаат градежници, заварувачи, бравари...

ДЗС ОБЈАВИ НОВИ ПОДАТОЦИ: Колку изнесува просечната плата во земјава?
