ФИЛИП ПЕТРОВСКИ: Наследник на Мицкоски ќе биде Александар Николовски, тој веќе работи на формирање лоби кое би го поддржало
Објавено во: Македонија 22 Ноември, 2020
Филип Петровски, поранешен функционер во ВМРО-ДПМНЕ и екс пратеник, а сега жесток критичар на актуелното раководство на опозициската партија, на својот фејсбук профил сподели видео, со еден дел од неговото гостување во емисијата Во центар, која треба да се емитува вечерва.
Во него тој вели дека според неговите информации, се подготвува смена на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а на тоа кумува поранешниот претседател на партијата, Никола Груевски. Според Петровски, за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ се подготвува Александар Николовски, потпретседател на оваа партија.
„Тука е споната Александар Николовски, за кој што се зборува дека по абдицирањето на Мицкоски, треба да биде неговиот нов наследник, нели, со амин од Груевски, за тој да го задржи своето влијание во партијата. Моите информации говорат дека Николовски работи на создавање на коалиција на создавање на медиуми, на прибирање на новинари и на влијателни луѓе, кои тоа би го поддржале. Тоа Мицкоски го знае и мислам дека е свесен дека не може од тоа да избега, доколку промената се случи. Според мене, тоа е тотално неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ и ќе биде погубно, бидејќи партијата е во многу лоша состојба сега“, вели Петровски во емисијата.