ФИЛИПЧЕ: Кинеските вакцини и вакцините од Фајзер/Бионтек се очекуваат во текот на следната недела
Објавено во: Македонија 06 Април, 2021
Министерот за
здравство, Венко Филипче денеска беше во посета на Спортскиот центар А1 Арена-„Борис
Трајковски“ каде што од вчера почна масовната вакцинација на граѓаните кои се
вработени во државната инфраструктура и во изјава за медиумите посочи дека би
можело на дневна основа да се вакцинираат и до 7.000 луѓе, но дека
зголемувањето ќе оди постепено.
-Ова е нов систем, ќе одиме чекор по чекор, сакаме добро да се воспостави, добро да функционира, истакна Филипче.
Во однос на пристигнување на дополонителни дози количини, министерот истакна дека немаат прецизен датум, но дека е најавено дека меѓу 15 и 20 април во Македонија треба да пристигнат и кинеските вакцини и вакцините од Фајзер/БионТек.
Во периодот од 6. до 9. април пак, како што истакна, ќе се одржи состанок со бордот на Европската агенција за лекови (ЕМА) која треба да го каже ставот во однос на вакцинацијата со АстраЗенека.
-Доколку речат дека може да продолжи вакцинацијата, сите кои беа вакцинирани во Србија, ќе може да бидат тука ревакцинирани. Ние утрово разговаравме со претставници на српското министерство за здравство и ги очекуваме списоците на граѓаните. Тие ќе може тука да се ревакцинираат, но согласно препораките. Германија на пример, даде препорака, после прва примена доза од АстраЗенека, ревакцинирањето да биде со некоја друга вакцина. Но, ние ќе се водиме според препораките на ЕМА.