ФОКУС НА ДЕНОТ: Силјановска собра потписи, имунитетот на Вељаноски виси на конец
Објавено во: Македонија 23 Февруари, 2019
Повеќе од10.000 потписи за само неколку часа се собрани во подрачните канцеларии на ДИК за поддршка за кандидатурата на професорката по уставно право, Гордана Силјановска Давкова за претседател на државата.
Иако претходно професорката ја доби довербата од мнозинството делегати на ВМРО-ДПМНЕ за нивен претседателски кандидат, сепак побара и граѓаните да одлучат. Таа на својот Фејсбук профил изрази благодарност до граѓаните.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска, изрази загриженост за безбедноста на поранешниот собраниски претседател, Трајко Вељаноски, за чиј имунитет се расправа.
Таа е загрижена за неговата безбедност ако биде притворен, по инцидентот во Шутка.
„Како ќе го пратиме Трајко Вељаноски таму? Има нови закани од затворени лица во Шутка, викаат: ‘Ги чекаме политичарите!'”, рече таа.
Ласовска рече дека нема опасност од бегство и влијание врз сведоци од страна на Вељаноски.Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги нарече кукавици осудените за „Диво насеље“ кои се заканија на екс функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој одговори и на заканите кои утрово преку отворено писмо ги испратија осудените за „Диво насеље“ кои порачаа дека ќе ги гонат макар до крајот на светот Никола Груевски, Сашо Мијалков и Али Ахмети, како и дека имаат листа од 13 имиња на кои ќе им се одмаздат.
„Луѓето се обидуваат од внатре да му слугуваат на деспотот Заев, при тоа гледајќи дека со неколку потези може да измени закони. Претпоставувам бараат милост од Заев што е можно побрзо да излезат од таму. Грозоморно и монструозно е да се коментираат едни такви изјави од луѓе што се соочуваат со затворска казна како резултат за она што го сторија во Диво Насеље. Кукавици по Фејсбук се закануваат по луѓе, политичари и граѓани, а при тоа се обидуваат да му слугуваат на владетелот за да добијат што е можно помала казна. Ако сториле нешто, има да одговараат за тоа“ – рече Мицкоски.
Кандидатот за претседател на Република Северна Македонија, кој ќе го поддржи СДСМ и коалиционите партнери ќе биде познат на јавноста неколку дена пред конгресот на СДСМ, што е закажан на 3 март, најави денеска од Штип, министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски.