Франција не ја сака Македонија во ЕУ?
Објавено во: Македонија 21 Јуни, 2018
Франција и натаму се противи за датум за преговори на земјава во јуни и покрај Договорот со Грција.
Продолжуваат расправите помеѓу земјите членки на ЕУ за одредување датум за старт на преговори со Македонија во Советот на ЕУ.
Во обид да се убеди Франција, земјите членки прифатиле да се одреди условена одлука за преговори без временски рок кога конкретно тие би почнале, но ниту тоа не ги убедило Французите.
Париз прифаќа да има „што попозитивен речник“ и охрабрувања за Македонија, но дека преговори во јуни не се можни. Став што им пречи на голем број земји членки, кои сметаат дека Македонија треба да биде наградена како за реформите, така и за договорот за името.
Иако за сега во нацрт заклучоците останува стартот на преговори со Македонија, битката не е извојувана, информираат дипломатски извори во Брисел за МИА.
Меѓу најгласните во одбрана на старт на преговори е Бугарија, која до крајот на месецов претседава со ЕУ, и која исто така оценува дека преговори со Македонија во јуни ќе донесе и „престиж“ за нејзиното претседателство.
Синоќа амбасадорите на земјите членки дебатирале до речиси 22 часот за ова прашање, но не успеале да постигнат компромис, велат извори во Советот за МИА.
Францускиот претседател Емануел Макрон, неодамна на самит во Софија, предупреди да не се избрзува со проширувањето на ЕУ.