ФРЛЕНИ 22.000 ТОНИ ПРОЕКТИЛИ: Ќе се утврди бројката на загинати при агресијата на НАТО врз Југославија
Објавено во: Балкан 12 Февруари, 2020
Комисијата што ќе го утврдува точниот број на загинати во текот на агресијата на НАТО врз СР Југославија во 1999 година, ќе биде формирана на иницијатива на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пренесува „Спутник“.
Комисијата би требало да почне со работа на 24 март, на годишнината од почетокот на бомбардирањето, пишуваат „Вечерње новости”, а ќе биде формирана со одлука на српската влада, која ќе обезбеди и средства за нејзината работа.
Засега се знае дека за 78 дена агресија, загинале најмалку 79 деца и 754 припадници на војската и на полицијата. Ако се анализира периодот од 1 јануари 1998 година до крајот на бомбардирањето, убиени се 1.002 припадници на војската и полицијата.
За 11 недели секојдневни воздушни напади, НАТО извршил 2.300 удари на тогашната СР Југославија и фрлил 22.000 тони проектили, меѓу кои и 37.000 забранети касетни бомби и бомби со збогатен ураниум.