29 Март, 2024
0.0262

Да ги потсетиме функционерите што е тоа морална одговорност

Објавено во: Колумни 18 Февруари, 2018

Добивај вести на Viber

Директори, функционери, министри ... за сите нив во Македонија изгледа поимот морална одговорност не е познат. Барем до овој заклучок не упати последниот случај од кој јавноста се запрепасти и уште еднаш се запраша какви луѓе директоруваат, управуваат, министеруваат со институциите во државичката.

Конците се испуштени дотаму што промакнало сексуално злоставување на малолетно девојче згрижено во Јавна установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 мај”. Директорот чувствува морална одговорност, ама се сѐ случувало надвор од установата.

Кога веќе државата преземала одговорност, се грижи ли некој за тие деца таму воопшто? Каде е вредноста на моралната одговорност? Заглавена ли е и таа во некоја фиока? Ќе чекаме пет дена да за се каже кој ќе ја преземе одговорноста за уништен млад живот кој допрва треба да му се насладува на се што значи ЖИВОТ?

Залудни се секакви тврдења, убедувања дека има морална одговорност кај одговорните кога очигледно ја нема. Одамна вие имате заборавено што значи морал. Тој за вас важи само на хартија. Наместо да идеме напред, ние тонеме. Се поголема разочараност на секој агол, на секое поле, каде и да се свртиш е само насилството, злоставувањето, политиката.

Има ли нешто убаво да слушнат граѓаните барем еден ден? Некој успех? Нешто што ќе им влее надеж, а нема да биде ветување? Што ќе ги натера младите да кажат: тука сум роден, тука пораснав, тука ќе останам фамилија да гледам, тука платата ми е супер...Дека нештата навистина мрднуваат од мртва точка, дека одиме напред?

Политиката. Главно секојдневие па на секој втор човек. И млад и стар, каде и да отидеш зборува само за политика. Оти таа е најважна. Не се важни вредностите, платите, дружбите како некогаш...Браќа и сестри се замразија, пријатели си ги затворија вратите на другарството ..само поради неа. Политиката пуста да остане.

И да, поентата ми беше за моралот ... да ве потсетам само оти сте го изгубиле сеќавањето.

Во уредените европски држави, носителите на функции не се држат слепо за фотеља и не чекаат притсок на јавноста, туку сами си одат кога проценат дека треба. Моралната одговорност има многууу поголема тежина отколку овде.

Политичките функционери немаат морален интегритет и затоа никогаш не преземаат одговорност за своите дела.

Просто е. Некој има морална компонента, некој друг нема. Политичарите кај нас имаат потреба да се држат до фотељата и да делуваат недопирливо. Некои други го имаат тој морален трепет или култура и пресечат кога сфатат дека згрешиле.

Причината за тоа што е така кај нас е што нема силна критичка јавност, политичарите мислат дека се сами на светот.

Еве ќе ви набројам поради што се странски функционери поднесуваа оставки:

Белгија

Министерката за сообраќај Жаклин Галин поднесе оставка бидејќи во јавноста се појавија тајни извештаи на ЕУ во кои се наведени безбедносни пропусти на аеродромот после терористичкиот напад во Брисел.

Англија

Британскиот пратеник и претседател на парламентарниот одбор за внатрешни работи Кејт Вац поднесе оставка после скандалот кога е снимен како договара купување на кокаин и секс со малолетни мажи.

Шведска

Шведската министерка Аида Хаджиалиќ поднесе оставка бидејќи полицијата ја фати како вози во алкохолизирана состојба. Испила две чаши вино и е запрена со 0,2 промили алкохол во крвта.

Италија

Министерот Маврицио Лупи си отишол од позицијата бидејќи неговиот син од бизнисменот Стефан Пероти добил „ролекс“ часовник вреден 10 000 евра. Лупи истакнал дека тој би одбил да му бил понуден нему часовникот, но дека на својот син не му кажал да го врати.

Јапонија

Градското собрание на Токио ја прифатило оставката на гувернерот на тој град Јоши Масаузе поради вмешаност во финансиски скандали и обвинувања дека наводно ги злоупотребил средствата во приватни цели....

А кај нас? Колку криминали се открија, колку пропусти се направија, колку млади деца и животи отидоа неповрат, па ниту еден чесно да кажеше, така е давам оставка, мамев, крадев, пустев ве запустив, ама образ имам и ќе преземам одговорност.

Тоа чудо уште не го дочекавме.

И.С.

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?