19 Април, 2024
0.0273

Г20-Самит во вистинско време

Објавено во: Колумни 07 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

„Господине Путин туку што нашите воздухопловни сили извршија напад врз цели во Северна Кореја. Ова е од витален национален интерес на САД за спречување и одвраќање на ширењето и употребата на нуклеарното оружје“. Може ли вакво нешто да се случи денес попладне во текот предвидените полчасовни разговори меѓу делегациите на САД и Русија предводени од претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин во германски Хамбург на Самитот на Г20?. Веројатноста е многу мала, но знаејќи ја непредвидливоста на американскиот претседател, а и целата психоза што е создадена во САД околу неговата средба со Путин и вкупно односите со Русија, тоа не може да се исклучи.

Во реалноста такво нешто се случи на 7 април годинава на средбата на Трамп со кинескиот претседател Си Џинпинг во Мар-а-Лаго на Флорида, кога за време на средбата Трамп го извести гостинот за воздушниот напад врз сириска воена база со цел да се покаже „виталниот национален интерес на САД за спречување и одвраќање на ширењето и употребата на хемиското оружје". Си Џинпинг го одмолчи настанот.

Самиот вовед во текстов зборува за можноста Самитот на Г20 во Хамбург да мине во сенката на првата средба на двата претседатела на нуклеарните велесили. Во светот повеќе се зборува за таа средба, отколку за она што треба да се расправа на собирот на десетици лидери од најразвиените земји во светот. А темите не се малку. Почнувајќи од климатските промени, светската трговија, борбата со тероризмот, глобалниот економски раст, дигиталната економија…Секако нема да се избегне расправа за Северна Кореја и нејзината нуклеарна и ракетна програма, па миграциите, развојот на Африка…

Домаќинката на Самитот канцеларот Ангела Меркел денес и утре ќе мачи мака како да не го провоцира Трамп и да биде кооперативна и покрај тоа што не може да се помири со одлуката на американскиот претседател да го напушти Парискиот договор за климата. Таа за сојузник овде ќе ја има Франција, но и Кина и многу други држави. Но каква корист од тоа ако Трамп останува на реченото. Ќе мачи мака Меркел и со напнатоста околу Северна Кореја што ќе се јави меѓу Трамп и Џинпинг, а не помалку и Путин. Кинескиот и рускиот претседател пред два дена во Москва изготвија заеднички предлог за ситуацијата со северна Кореја и нејзиното нуклеарно оружје. Меркел вчера рече дека нема да биде посредник меѓу Русија и САД. И нема потреба. Двајцата претседатели се среќаваат за прв пат и колку и да не се сакаат, сепак добро е да се видат во очи, па понатаму нека си ги градат меѓусебните односи. Едно е да слушаш Трамп е ваков, Путин е онаков, а сосема друго во заедничка средба сето тоа да се потврди или отфрли.

На Трамп ќе му биде потешко, бидејќи доаѓа со „руски багаж“, натоварен од антируската хистерија во САД. Вчера група демократски сенатори дури му дадоа домашна задача. Тие во писмо од него бараат да го „притисне“ Путин во врска со „мешањето на Русија во изборите“ што е потврдено од разузнавачката заедница, дека „Русија се обидела да го поткопа либерлано-демократскиот поредок“ за време на изборите во 2016 година. Дури велат дека „доколку тоа прашање не го поставите пред претседателот Путин, тоа ќе биде грубо нарушување на обврската од должноста на која ве избраа“, пишуваат сенаторите.

Знаејќи го сето ова Трамп сигурно има подготвено своја домашна задача. Ако се суди според она што вчера го искажа во Полска, кога ја обвини Русија дека се однесува дестабилизирачки во Источна Европа и дека Полска била окупирана не само од Германија, туку и од СоветскиотСојуз, а исто така дека организирала хакерски напади, тогаш сето тоа секако ќе влијае врз средбата со Путин. Можеби тоа е само жесток вовед во темата, а се понатаму може да биде ублажено. Да не се заборави дека Трамп во предизборието зборуваше за потребата од нормализирање на односите со Русија. Конечно, тој секогаш вели дека над се се американските интереси. Тоа го вели и Путин за неговата земја. Барем во тоа се согласни. Значиќ е имаме судир на интересите на две држави, се разбира на преговарачка маса.Тука се и интересите околу Сирија и Украина.Кој ќе биде победник ќе дознаеме денес приквечер.

Интересно е што на патот во Хамбург кинескиот претседател Си Џинпинг се задржа во Русија. Во разговорите со Путин беше потврден стратешкиот сојуз меѓу Кина и Русија, кој зацврснува се повеќе. Можеби и благодарејќи на однесувањето на Трамп. Кој еднаш ќе каже едно, а потоа друго. По средбата со Џинпинг на Флорида Трамп деловаше триумфалистички, демек решил важни прашања во односите меѓу двете земји, за по некое време одново да ја обвинува Кина за сите зла што доаѓаат од Северна Кореја. Тоа го направи и во средата кога се закани во поглед на трговската соработка со Кина. 

Каде е во сето ова Европската Унија? Ако Трамп дојде во Хамбург по средбата со „Иницијативата три мориња“ за која се вели дека може да прерасне во еден вид блок во Унијата што ќе може да води и кон нејзин распад, тогаш „Стара Европа“ ќе мора да биде повнимателна. На прв поглед изгледа дека Трамп со поддршката на „Нова Европа“ забива клин во Унијата. А сите до вчера го обвинуваа Путин дека тој сака да внесе раздор во неа. Трамп, како да му е сојузник во таа работа!

Ова ќе биде уште една причина за несоница на Меркел денес и утре. Зашто Кина и Русија го засилуваат својот пол во повеќе поларниот свет, САД се пол сами по себе, а Европа е на патот да бара поголемо единство. Меркел тоа го најави пред некој месец кога виде со кого си има работа западно од Европа и кога повика Европа да си ги земе работите во свои раце. Во интервју за весникот „DieZeit“ непосредно пред денешниот Самит на групата Г20 во Хамбург, Меркел изјави дека Германија заговара соработка во меѓународните односи, во интерес на сите, додека администрацијата на САД, на тоа повеќе гледа како на процес, на оние кои добиваат и оние кои губат. Меркел смета дека погледите и ставовите на еден од советниците на Трамп, за тоа дека на светот треба да се гледа како на арена (за борба),, а не како на глобална заедница, се сосема спротивни од позициите кои гиимаГерманија и нејзината влада. Според неа секоја земја треба да има полза од економските процеси, а не само некои и оттука разбирањето и поддршката за предлозите на францускиот претседател Емануел Макрон, за потребата од создавање на една„економска влада“„ за земјите од евро-зоната и за постоење на еден европски министер за финансии.

Сето ова навестува интересни два дена во Хамбург. Напнатост, кавги, лутења…А можеби тоа ќе донесе некаков прогрес. Како што е сега состојбата во светот, со неколку воени жаришта на широк простор од Аденскиот залив, преку Ирак и Сирија до Авганистан, да не зборуваме за Украина, тероризмот, забавената глобализација… добро е што ќе се одржи Самитот. Доаѓа во вистинско време. За расчистување на многу работи и секако за меѓусебни запознавања од кои се очекува да внесат јаснотија во која насока ќе се движи светот во наредниот период.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок