Во писмо до германскиот парламент, германската влада оценува дека реформскиот биланс на македонската влада говори во корист на почеток на преговори за членство во ЕУ, објави ДВ.
Во писмо упатено до германскиот Бундестаг од германското МНР од име на Владата во Берлин, се наведува поддршката за одредување датум за почеток на преговори со Македонија на претстојниот ЕУ Совет и самит следната недела.
„Одобрувањето ќе биде вистинскиот позитивен сигнал за македонската Влада, која фокусирано го следи реформскиот курс наспроти политичкиот притисок од внатре и однадвор. Сепак, условеноста мора да биде задржана“, се наведува во писмото.
Во него се додава дека Македонија ќе мора да направи јасно видливи чекори за враќање на независноста на правосудството, натамошни напори за реформа на јавната администрација, на пример во делот на кадровската политика; како и приоритизирање на борбата против организираниот криминал и корупција; и притоа да се прикажува редовен успешен биланс.