Германски министер отиде на Косово да бара негователи
Објавено во: Балкан 16 Јули, 2019
Германскиот министер за здравство Јенс Шпан беше во Косово, каде што се обиде да ги привлече тамошните негователи да дојдат да работат во болниците и домовите за стари лица во Германија.
Во таа пригода беше потпишан документ за зајакната соработка во областа на здравствените системи.
"Во Германија ни требаат добро образовани експерти од странство, а во исто време можеме да му помогнеме на Косово да изгради систем за здравствено осигурување", рече германскиот министер за здравство преку Твитер.
Тој оцени дека "двете страни" можат да профитираат од оваа соработка.
Потпишаниот договор за здравствена соработка треба да го забрза интегрирањето на негователите од Косово во германскиот здравствен систем.
Во исто време, треба да се зголеми соработката во областа на квалификација, здравствено осигурување, здравствено управување и признавање на квалификациите во странство.
Спогодбата со Косово, како што истакна Шпан, треба да служи како модел за слични договори со другите земји.
Шпан истакна дека целта на договорот не е "да му се одземат на Косово професионалците за грижа и нега".
"Има многу млади невработени во Косово, а ние соработуваме со земји кои имаат премногу невработени во оваа област", рече германскиот министер.
Германската влада објави неколку мерки за намалување на тензиите во областа на грижата - покрај зголемената имиграција, исто така се предвидува зголемување на платите во овој сектор.
Според статистичките податоци, во Германија во моментов има 3,4 милиони жители, кои зависат од грижата на другите луѓе, со забрзано стареење на населението кое придонесува за растот на оваа бројка.
Податоците на Сојузното биро за вработување покажуваат дека работодавците во просек чекаат просечно 200 дена пред да го најдат вистинскиот специјалист за работно место во секторот за нега.