ГЕРОСКИ ПОВИКУВА: Ако сакате да помогнете, сите кои прележавте ковид, можете да волонтирате во клиниките, побарајте го д-р. Дејан Докиќ
Објавено во: Македонија 21 Ноември, 2020
Новинарот Бранко Героски, денеска се обрати до оздравените наши сограѓани од ковид 19, со препорака до нив како можат да и помогнат на државава во справување со оваа тешка зараза.
Тој ова го сподели во фејсбук групата Ковид 19 искуства и совети, каде членуваат голем број лица, и се споделуваат бројни искуства и препораки за да им се помогне на сограѓаните да ја надминат тешката болест.
„сите вие кои прелеѓавте ковид 19, а сте здрави, способни и имате желба да помогнете, ее како“, пишува Героски.
Многу од вас, почитувани пријатели, ја прележавте болеста ковид-19. Кај дел од вас, таа сигурно оставила последици и сите ние се надеваме дека се минливи, дека набрзо целосно ќе закрепнете и дека ќе бидете во топ форма. Јас тоа искрено ви го посакувам.
„Но, знам дека има и многу од вас што ја прележаа заразата со лесна клиничка слика, што ќе рече „од нога“, а многумина и целосно асимптоматски. Дел од вас веќе се работно ангажирани и придонесуваат во општествениот живот, но дел од вас сигурно имаат време, можности и желба да помогнат во справувањето со кризата, особено во време кога лекарите, сестрите и другиот медицински персонал на првата линија на фронтот веќе се исцрпени.
Вчера имав прилика да разговарам со нашиот угледен пулмолог д-р Дејан Докиќ, кој е активно вклучен во борбата против ковид-19. Разговаравме за многу нешта, меѓу другото и за фактот дека во Клиничкиот центар во Скопје нема доволно персонал и за извршување на најбанални задачи кои можат да им го олеснат животот на пациентите во ковид-центрите. Навистина е страшно да се слушне дека на луѓето често нема кој да им однесе вода и храна, нема кој да ги превезе со лифт или со количка и слично.
Заеднички дојдовме до идеја дека здрави лица што прележале ковид-19, луѓе во добра физичка и психичка кондиција, мотивирани да помогнат, можат да се вклучат во борбата како волонтери. Секако, секој волонтер би добил соодветна заштитна опрема и би се однесувал според стандардните протоколи кои важат за сиот медицински персонал и гарантираат целосна безбедност.
Д-р Докиќ изрази волја да го координира ангажирањето на волонотерите. За таа цел, секој што е способен и подготвен да помогне, да волонтира, молам да му се јави на д-р Докиќ на неговата и-мејл адреса dejand@hotmail.com
Почит за д-р Дејан Докиќ.“, пишува новинарот Бранко Героски.