ГИ ЗАГАДУВААТ ПОЧВИТЕ, ВОДИТЕ, ВОЗДУХОТ: Колку време е потребно за распаѓање на пластичните кеси?
Објавено во: Македонија 24 Септември, 2021
Временски период подолг од просечниот човечки живот е потребен за распаѓање на пластичните кеси.
Митко Шопов, координатор на проекти во еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица вели дека само тенките пластични кеси се распаѓаат за 50 години, а за сите други типови се потребни од 100 до 500 години. Тој смета дека мерката за поскапување на пластичните кеси на 15 денари, од 1 декември, ќе даде придонес за заштита на животната средина.
„Има различни типови на пластика, различни видови на кеси, зависно од густината се распаѓаат доста долго. Тие ги загадуваат почвите, водите, а со спалување и воздухот. На тој начин загадувањето може да се прошири и на 50 до 100 километри оддалеченост. Потрошувачкото општество направи хаос. Но, 15 денари за кеса за посиромашните граѓани ќе биде трошок и најверојатно ќе се откажат да ги користат. Сепак, треба многу повеќе да се работи на свеста кај луѓето, но и со компаниите, и индустријата затоа што многу продукти ги купуваме во пластично пакување’, вели Шопов.
Павлина Тренчовска од еколошкото друштво „Солза“ од Пехчево, смета дека мерката за поскапување на пластичните кеси, со цел дестимулација на нивна употреба требала да се воведе и порано, но верува дека ќе даде ефект. И таа нагласува дека овие кеси досега ги имаше насекаде, ја загадуваа и валкаа околината, а да дојде до распаѓање треба да помина еден век.
„Ова ќе ги „удри по џеб“ граѓаните и ќе има ефект. Луѓето ќе одат на пазарење со торби. Кесите се штетни не само за води, водух, почва, туку и за животинскиот свет. Ги имаше распространето насекаде, и со нивно голтање, страдаа животните“, рече Тренчовска.
Собранието ги усвои Законите за управување со отпадот, за управување со пакување и отпад од пакување, за управување со дополнителни текови на отпад и за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад.
Според новите закони, покрај другите промени, од 1 декември 2021 година пластичните кеси кои граѓаните ги купуваат по продавници ќе чинат 15 денари.
Многу земји во светот ја намалуваат, а некои и целосно ги забрануваат употребата и производството на пластични кеси. Според податоци од Заводот за статистика, во 2019 година се произведени 5.168 тони вреќи и кеси од полиетилен. Годишно македонските граѓани користат најмалку 120 милиони пластични кеси. Во 1970 година во светот се покренува прашањето за штетноста на овие кеси.
Сања Атанасовскаfoto freepik