28 Март, 2024
0.0237

Гноиво од кое расте сето зло

Објавено во: Колумни 10 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

Тоа што ни се случува на политичката сцена е навистина за рубриката верувале или не. Нема никаква предвидливост на настаните, таман на повидок ќе се појави некаква надеж дека ќе тргне на подобро, што по редот на нештата би било логично после сите силни предизборни ветувања, наеднаш изненадување, се промовираат некои нови давачки; некои нови клинци летаат на наш трошок во бизнис класа до Аргентина; наместо професионализација и скратување на администрацијата сведоци сме на бројни огласи за пополнување на нови позиции и тоа огласи правени по мерка и партиска нарачка; 

ДИК си дели бонус плати, а граѓаните кои едвај го врзуваат први со триесетипрви, а тоа не го дознаваат од некој од домашните институции од Собранието или Владата, туку од амбасадорот на САД во земјава. Каква срамота, каква бламажа ?!

Што значи ова, дали има надлежни институции кои треба веднаш да реагираат, не се сеќавам дека вакви промени, беа најавувани. 

Впечатокот е дека, барем од етички аспект ништо не е сменето, освен поставувањето на новите играчи, се надевам дека нема да ни се случи онаа народната - симни се Мурто, да се качи Курто. Изговорот е дека тоа биле лица од вториот или третиот ешалон, па ги повела инерцијата од претходните и сега им треба време да се навикнат на новите позиции.

Но не е така, тоа се високи партиски активисти, најголем дел од нив се анонимуси кои никогаш за ништо јавно не проговориле, во јавноста се препознаваат како риби во аквариум. Тие постојано се тука, на сите договарања и преговарања, мешетарења и мошне се гласни зад кулисите, ко кафулињата и кафеаните, даваат коментари и ставови со кои ги етикетираат луѓето кои тоа што го мислат, јавно, гласно и без страв го кажуваат и објавуваат во медиумите, тие се дел од кројачкиот апарат на партиските кадровски решенија.

Боже, до кога државата ќе ни робува на кафеанска кадровска политика, до кога безгласните риби од партиски послушници (говорам генерално, бидејќи во сите партии е иста состојбата и се служат со исти методи) во кулоарите ќе одлучуваат за капацитетот, стручноста, компетентноста, интегритетот, способноста, моралноста и човечноста на луѓе кои за нив се недостижна човечка величина. До кога се некој од сенка што никогаш за ништо јавно не се произнел, ќе кажува за тие што секогаш и за се имаат свој став?!
В'прочем, од секогаш било и ќе биде, дека полтроните и подлизурковците се најголемото општествено гноиво од кое расте секое зло, од кое се изведуваат најдлабоките кризи и човечки страдања. Да законот за лустрација престана да важи и сега најсреќни се токму тие партиски риби - кафански кадровици, кои анатемисуваат луѓе, им лепат етикети, а при тоа дури не ги познаваат тие за кои говорат, но битно е да остават впечаток и да се допаднат на партиските шефови.

Ова е прозивка до џганот, до полтроните и подлизурковците што секогаш, и за секого имаат лош збор, освен за шефот се разбира, прозивка на тие што ништо корисно  не сториле во своите животи за доброто на заедницата, за оние што го чинат општественото гноиво од кое расте сето зло и сета глупост, во иднина, или тоа што го мислат гласно да го кажат или да престанат да се кријат зад партиските функции што ги добиле молчејќи, ползејќи или клеветејќи, да се појават и јавно да проговорат кое е тоа добро што го испорачале на заедницата.

Не е етички, уште помалку државнички, тие таквите кои го хранат егото на партиските шефови, самите да се правдаат или некој друг да ги оправдува дека се неискусни, неконцентрирани, ги повела инерцијата од претходните и ете се случило да направат превид.

Функциите и позициите никогаш никого не го направиле попаметен, почовечен, напротив, тие даваат шанса на човекот во нив побргу да се оттуѓи, отчовечи и корумпира, особено ако е без интегритет и без етички сопирачки. Знаењето, креативноста и повисоките стандарди во работењето на институциите треба да ги донесе и постави тој што доаѓа на одредена позиција во општеството.

Дали имавме можност да видиме подомаќинско работење во изминативе неколку месеци, дали имаме некои повисоки стандардите во работењето на јавната администрација, дали престана партизацијата на институциите...до сега ништо од ова, само алчност, ребрендирање и множење на партиската бирократија низ институциите, нови давачки...времето минува, а со него полека тонат и високите очекувања кои беа најавувани во изборната кампања на позицијата - живот со чист воздух во институциите, без партиска смрдеа во нив.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?