16 Декември, 2019
0.0150

Илија Господинов, директор на Ендава Македонија

Господинов: Државата да застане зад ИТ секторот и да го намали персоналниот данок

Објавено во: Економија 22 Јули, 2019

Одливот на ИТ кадар се случува не заради подобри услови за работа – условите за работа и бенефитите кои ги нудат компаниите кај нас се целосно компарабилни со фирми од развиениот свет, вели Илија Господинов, директор на ЕндаваМакедонија. Додава оти она што ја прави разликата е квалитетот на живот. 

„Булевари со дупки, пропаднати шахти, ѓубре и отпадоци, ужасно јавно здравство, загадување опасно по живот – ова се само неколку фактори со кои треба да се позанимаваме, а кои се многу важни во овој процес, вели Господинов кој е и заменик претседател на Управен одбор на МАСИТ. Во интервјуто одговара и за тоа како влијаеше зголемувањето на даноците во зеемјава за ИТ секторот и за тоа како треба да биде новиот закон за работни односи

Господинов вие сте во ИКТ бизнис секторот подолго време, во какви околности функционира тој во Македонија?

Господинов: Да, речиси 20 години работам во нашите комуникациски и ИТ бизнис сектори. Имам интересна перспектива - ИКТ секторот во овој изминат период е основа на технолошкиот развој во нашата држава, како и носител на најмодерните концепти на управување, односно водење на компаниите кон поголем раст и поголем придонес во нашата економија. Од една страна, сервисите кои ги нудат нашите телекоми се неопходна потреба во ова време на константна поврзаност и комуникација. Многу е поедноставно да се работи и да се развива, кога комуникацијата тече непрекинато, во национална или интернационална бизнис околина. Оваа отворена можност за комуникација е нешто што денес го земаме здраво за готово, но не треба за заборавиме дека видео конференција со деловни партнери од далечна земја не беше возможна до пред десетина години, барем не за секого. Мора да сме свесни за битноста на квалитетот и достапноста на овие комуникациски сервиси.

Од друга страна, имаме и релативно нов сектор за ИТ сервиси кој опфаќа развој на софтвер, како и консултантски услуги од различен карактер. Овој бизнис сектор е во постојан раст во последните 10 години, раст кој е резултат на големата интернационална побарувачка на вакви сервиси. И покрај тоа што овој раст е целосно спонтан, односно без системска поддршка и фокус кон овој бизнис сектор, пристигнуваме до момент кога се’ повеќе се разбира потенцијалот на нашиот сектор, како во краткорочна така и во долгорочна конотација. Во моментов, вработените во ИТ секторот се убедливо најплатените професионалци, работат во убедливо најдобри услови и придонесуваат најмногу со даноци и придонеси во нашата држава.

Треба да ни е јасно дека како популација сме мали, за да можеме да бидеме фактор во индустрии кои бараат огромен број на работници и единици производ. Она што можеме да го сториме, е стратешки да се фокусираме кон бизнис сектори кои се докажуваат како успешна приказна. Младите професионалци од ИТ секторот се оние кои сега планираат семејства и домови, и јас би сакал да видам стратешки фокус кој ќе им покаже дека иднината им е тука, а не во странство.


Нема дилема, а тоа станува јасно и од статистичките показатели и од барањата на таа заедница, дека впрочем, и покрај нараснатиот број вакви компании, во земјава тешко се наоѓа кадар за работа. Каква е состојбата и какви се изгледите за решение?

Господинов: Нашата земја има фантастичен ИТ кадар, кој своите технички способности ги надополнува со одлично познавање на англискиот јазик. Тоа се луѓе со став, кои секогаш се подготвени да дадат дополнителна вредност за големи интернационални клиенти. Точно е дека ИТ секторот има голема побарувачка за сервисите кои ги нудиме, и дека би сакале да има што повеќе квалификуван ИТ работен кадар. Ова за мене не бара размислување, станува збор за win-win ситуација. Имаме трајна побарувачка, нудиме одлична работна околина и бенефити, и сакаме секторот уште повеќе да расте за да вработува што повеќе луѓе во вакви завидни услови. На системско ниво, треба да се согласиме дека ова е наша стратешка позиција за долгорочен раст и да воспоставиме вистинска врска помеѓу државата, образованието и приватниот сектор за ова да се случи. Мислам дека приватниот сектор и образованието веќе имаат консензус по ова прашање. Останува третата страна.

Од друга страна, невработеноста на младите е на највисоко ниво во Европа. Какви системски решенија се потребни, од ваш аспект, а во поглед на образованието на младите?

Господинов: Одговорот веќе го начнавме со претходното прашање. Ситуацијата во образованието е лоша, и тоа не е само мое мислење. Тоа се воспоставени факти од повеќе инцијативи, последниот од ОЕЦД / УНИЦЕФ. Оптимизација и tweaks веќе не можат да помогнат. Станува збор за реинженеринг проект од национална важност, со огромна одговорност пред следните генерации. Низ образованието сметам дека треба да се задоволат два критериуми.

Првиот, најважен, е младите низ образовниот систем да добијат не само знаење, туку и вредности. Да можат (подобро) да прават разлика помеѓу добро и лошо, во семејно-социјално-општествени услови кога ова е многу тешко. Младите треба да знаат што е интегритет а што манипулација, и која од овие две особини е пожелна во нивниот личен и професионален живот.

Вториот критериум сметам дека мора да биде вработливоста на младите професионалци кога завршуваат со (високо) образование и излегуваат на пазарот на труд. Според истиот извештај, вработливоста на младите професионалци кај нас е 55 отсто, наспроти 85 проценти во развиениот свет. Оваа бројка вели дека нешто навистина не е во ред. Ова значи прво, дека не се генерира квалификуван кадар според побарувачката. Второ, дека квалификациите и вештините се недоволни и бараат повеќе време.

Системското решение би требало да е структуирана и трајна врска помеѓу државата, образованието и приватниот сектор. Не само национален дијалог, туку заеднички долгорочен проект меѓу трите засегнати страни.

Какви сугестии нудите вие приватните компании и кои конкретно активности треба да се иницираат на краток рок за да може проблемот да се убажи на среден и на подолг рок?

Господинов: Повеќе ИТ компании и во моментов имаат редовна комуникација со сите образовни инситуции и универзитети кои образуваат ИТ професионалци. На кус рок, може да имаме иницијатива на национално ниво која ќе го зголеми интересот за технологија, хардвер, софтвер и програмски јазици, и која ќе го потенцира квалитетот на работните места во ИТ секторот. Треба да се демистифицира работата со технологија и програмски јазици, и тоа треба да започне многу рано – уште од основно училиште. Нашите деца сеуште, многу често, учат информатика со диктирање и запишување во тетратка. Од основно училиште, а неретко и од средно, излегуваат со минимални ИТ вештини кои се недоволни за понатамошен развој во оваа насока без подолг период на дополнително учење или реквалификација.


Владата иницира измени на Законот за работни односи. Дел од нив во голем дел ги засегаат и ИТ компаниите. Вклучени ли сте во дебатата и кои се вашите забелешки/сугестии?

Господинов: Апсолутно. Законот за работни односи е основната правна рамка за ИТ бизнис секторот. МАСИТ како ИКТ комора активно учествува во јавната расправа по предложениот текст на новиот закон. За поздрав е воспоставувањето на новата правна рамка за практиканти, а сега останува подобро да се дефинира правната рамка за работа од дома. Сметам дека новиот закон треба да земе во предвид дека повремена работа од дома, особено во ИКТ секторот, е привилегија која ја бараат вработените, а која компаниите во голема мера се подготвени да ја дадат. Ни треба само разумно дефинирана правна рамка за ова да може да се практикува.

Од друга страна, јасно е, има одлив на наш кадар во странство токму во оваа специфична област. Може ли тој процес да стане обратен и кога?

Господинов: Многу тешко е овој процес да го замислиме сам за себе. Одливот на ИТ кадар се случува не заради подобри услови за работа – условите за работа и бенефитите кои ги нудат компаниите кај нас се целосно компарабилни со фирми од развиениот свет. Она што ја прави разликата е квалитетот на живот. Булевари со дупки, пропаднати шахти, ѓубре и отпадоци, ужасно јавно здравство, загадување опасно по живот – ова се само неколку фактори со кои треба да се позанимаваме, а кои се многу важни во овој процес.

Владата најавуваше даночни измени, а единствено од стартот на годинава се измени Законот за личен доход. Колку таа промена (прогресивен персонален данок) влијаеше на ИТ секторот?

Господинов: Оваа промена силно влијаеше, и тоа на повеќе начини. Прво, државата им покажа на младите ИТ професионалци дека сака повеќе да ги даночи, точно во момент кога ја планираат својата иднина, семејства и домови. Второ, со оглед на компетитивноста на пазарот на труд во ИТ секторот, концептот на „праведен данок“ е неиздржан затоа што речиси во сите случаи компаниите ја покрија разликата за своите вработени. Со ова се ограничуваат можностите за раст на ИТ секторот и се намалува интересот за нови инвестиции.

Да појаснам. ИТ бизнис секторот и во моментов има силен удел во системите за даноци и придонеси. Сметам дека државата најпрвин треба да воспостави вистинска правна и даночна контрола над целата територија, да видиме колку даноци и придонеси нашата држава навистина треба да прима, па дури тогаш да пресметаме дали треба да се зголемат или намалат даноците. Во овој момент, мерката за прогресивен данок се чувствува само како таргетирано дополнително оданочување на сектор кој има огромен потенцијал за раст и задржување на младите професионалци тука, кај нас.


Ќе има ли подобрување на состојбите и колкав ќе биде импактот за оваа индустрија ако се намали данокот на добивка како што се најавува?

Господинов: Начелно, намален данок секогаш отвора нови врати за реинвестиција и развој на оваа или друга индустрија. Сепак, ова за нас не е најбитно. Многу побитно е државата да им покаже на младите ИТ професионалци дека стои зад нив и зад растот на ИТ секторот, преку намалување на персоналниот данок и други иницијативи. МАСИТ има официјален став по овие прашања кој активно го дискутираме со сите засегнати страни.

Поголема конкуренција со странски компании на ова тло. Дали е ова реалност или тешко остварливо и на подолг рок?

Господинов: Не се согласувам со поделбата на странски и домашни компании. Брзо растечки интернационални компании се присутни во нашиот ИТ сектор повеќе години, преку домашни компании кои креираат работни места за наши граѓани и плаќаат даноци и придонеси во нашата држава. Конкуренцијата на нашиот ИТ пазар на труд и во моментов е многу голема, согласно (не)достапноста на ИТ работен кадар за уште поголем раст. Сметам дека ова ќе остане вака се додека немаме стратешка ориентација кон развој на ИТ секторот.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

Се што треба да знаете за наградната игра „Мој ДДВ #MojaНаграда“

Се што треба да знаете за наградната игра „Мој ДДВ #MojaНаграда“

Кој заработува повеќе: нотари versus извршители?

Кој заработува повеќе: нотари versus извршители?

Меркел со повик до Балканците да живеат и работат во Германија: што носи новиот закон?

Меркел со повик до Балканците да живеат и работат во Германија: што носи новиот закон?

Меркел е загрижена затоа што германските компании немаат квалификувани работници

Меркел е загрижена затоа што германските компании немаат квалификувани работници

Министерство за финансии: Од денес започнува наградната игра „Мој ДДВ #MojaНаграда“

Министерство за финансии: Од денес започнува наградната игра „Мој ДДВ #MojaНаграда“

Лукаревска: До крајот на месецот граѓаните кои скенирале фискални сметки ќе добијат поврат на ДДВ

Лукаревска: До крајот на месецот граѓаните кои скенирале фискални сметки ќе добијат поврат на ДДВ

ПЛАТИ ВО ГЕРМАНИЈА: Лекарите заработуваат скоро пет пати повеќе од фризерите

ПЛАТИ ВО ГЕРМАНИЈА: Лекарите заработуваат скоро пет пати повеќе од фризерите

MИНИСТЕРСТВО ЗА ФИНАНСИИ: Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+ стабилен

MИНИСТЕРСТВО ЗА ФИНАНСИИ: Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+ стабилен

ВАКВО НЕШТО НЕМАЛО ОД 90-ТЕ: Политички настан доведе до скок на фунтата

ВАКВО НЕШТО НЕМАЛО ОД 90-ТЕ: Политички настан доведе до скок на фунтата