Готово е: Ким го стави потписот
Објавено во: Свет 12 Јуни, 2018
Севернокорејскиот авторитарен владетел Ким Јонг Ун на историскиот самит со американскиот претседател Доналд Трамп потпиша „целосна денуклеаризација“ на Корејскиот Полуостров.
Обврската за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров е содржана во документот кој Ким и Трамп го официјализираа на крајот на самитот во Сингапур. За возврат, американскиот претседател ветува „безбедносни гаранции“ за Северна Кореја, јавуваат агенциите повикувајќи се на завршниот документ.
Двајцата лидери сакаат „брзо“ и „целосно“ спроведување на договореното, стои натаму во документот.
Трамп на крајот на петчасовниот самит изјави дека изградил „посебен однос“ со Ким. Тој го поканил севернокорејскиот властодржец во Вашингтон. Трамп рече и дека „уште многупати“ ќе се среќава со Ким. Американскиот претседател претходно оцени дека сѐ минало „подобро отколку што кој било можеше да очекува“. Според негови наводи, самитот донесол „многу напредок“.
Ким Јонг Ун од своја страна го пофали „оставањето на минатото зад себе“. Светот ќе доживее „голема промена“, изјави тој.