Готват на плинска боца оти е евтино, но дали е здраво?
Објавено во: Македонија 14 Август, 2019
Голем број македонски граѓани со цел да заштедат, готват на плински боци, но истите се сомневаат дека храната која е подготвена на плинска боца е здрава.
Сепак, додаваат дека готвењето на струја за нив е скапо, и затоа се трудат да заштедат и да поминат поевтино со подготвувањето на оброците. Но, има истражувања кои укажуваат на тоа дека додека се готви на плин, се ослободува дополнителна количина на јаглероден моноксид, азот диоксид и формалдехид. Се наведува дека ова е истото она трио на загадувачи што несакајќи го конзумирате додека го вдишувате чадот од туѓа цигара т.е. при „пасивно пушење“.
Затоа, кога готвите, особено на плин, се советува да биде вклучен аспираторот во кујната. Аспирацијата го смалува нивото на загадувачи и штетни гасови за огромни 60-90%.
„Штетно е, а јас веќе 7 години работам со боца, електричен шпорет многу ретко користам, само кога треба нешто да се пече. Храната можеби е штетна ако се готви на боца, но сега за сега морам да готвам на тој начин. Исто и мојата ќерка готви на плинска боца и ја советувам да внимава кога ракува со плинска боца“, вели Сузана Петровска, домаќинка.
Дел од граѓаните само во одреден период од годината користат боца за готвење, а пресметале дека со 300 денари потрошени за полнење готват месец дена.
„Летно време надвор готвам на боца, не сакам да ми мириса внатре на храна. Таа храна не знам дали е квалитетна. Луѓето кажуваат дека повкусно им е ако сварат кафе на шпорет отколку на боца, но мене ми е сеедно“, вели повозрасна домаќинка.
Нутриционистот Фани Гулевска вели дека најздрава е храната подготвена на пареа, варената, додека пржената храна е најлош избор.
„Сѐ зависи од подготовката на храната и кои намирници се користат, а во делот на токсини повторно е дискутабилно, бидејќи сѐ зависи од тоа дали се подготвува во затворен или отворен простор. Има одредени научни студии, и во тој дел штетноста не е докажана во огромно ниво, и сѐ зависи која храна се подготвува и каде“, вели таа.
Сепак, македонските граѓани масовно ги користат плинските боци, а често се случуваат и немили настани при нивна експлозија со што доаѓа до опожарување на домовите. Од почетокот на годината имаше неколку такви случаи ширум Македонија.
Сања АтанасовскаFoto: Shutterstock)