Градежните работи на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ставени на „пауза“
Објавено во: Македонија 20 Јуни, 2017
Повеќемесечниот застој на изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид е резултат на грешки во проектирањето, ненавремено решавање на имотно-правни односи на првиот автопат и изместување на трасата на вториот.
Ова станува јасно од вчерашниот разговор на премиерот Заев со кинеската амбасадорка Лин Лисје.
Заев најави средба во најскоро време со кинескиот изведувач и со другите вклучени страни во проектите со цел изнаоѓање брзо решение.
Овие два автопати се градат со кредит од 500 милиони долари од кинеската Ексим банка а ги гради кинеската компанија Синехидро со подизведувачи „Гранит“ и „Бетон“.
Автопатот до Штип требаше да биде пуштен на 1 мај годинава, а Кичево – Охрид би требало да биде завршен до крајот на февруари 2018 година.
Во меѓувреме, СЈО покрена предистражни постапки за начинот на водење на тендерската постапка.
„Тратекторија“ се води против 4 лица, поранешни високи владини функционери кои во втората половина на 2012 и 2013 презеле повеќе дејства во однос на избор на компанија за изградба на автопатот Миладиновци – Штип и Тетово – Охрид, со што нанеле штета на буџетот од 155 милиони 117 илјади 172 евра и за истиот износ и овозможиле на компанијата изведувач да се стекне со имотна корист. Првоосомничен е екс премиерот.
Од доказите произлегува дека 4 службени лица во изборот на компанија изведувач ја избегнале процедурата за избор на кинеската Влада и на ЕКСИМ банка како заемодавач.
Изборот требало да го направат според домашното законодавство и ќе достават документација до кинеската Влада која пак ќе ја достави до кинеските компании за кои постои регистар. Но тие спротивно на процедурата ги доставиле до кинеските компании.