Добивај вести на Viber
Жителите на скопската населба Железара и околните населби попладнево протестираа против загадувањето од оџаците на фабриката „Макстил“, која е во непосредна близина на нивните домови.
Со паролата „СТОП за загадувањето на Скопје од Железарница“ тие го блокираа главниот влез на фабриката и побараа итна примена на еколошки стандарди или престанок со работа.
Граѓаните на протестот побараа државата да ги натера двата индустриски гиганта Макстил и Југохром да престанат да загадуваат, а доколку не успее, да ги затвори двете фабрики.
„Собирите во иднина ќе се радикализираат и сигурно нема да бидеме во овој број, туку многу повеќе и ќе бидеме многу поактивни. Затоа што овие луѓе страдаат, нивните деца заболуваат“, вели еден од организаторите на протестот.
Граѓаните се оградуваат од сите политички влијанија и велат дека мотив за протестот е исклучиво грижата за нивното и за здравјето на нивните деца.