Граѓаните се за активирање на невработените лица на пазарот на труд, а не за увоз на работници
Објавено во: Економија 26 Април, 2023
Фактор анкетираше повеќе граѓани, при што сите го делат ставот дека наместо државата да увезува работници од странство, треба на пазарот на труд да се активираат луѓето кои долги години се невработени и се во евиденцијата на Агенцијата за вработување.
Тие објаснуваат дека меѓу невработените има и луѓе со високо образование, магистратури, докторати. Според граѓаните, државата со повисоки плати треба да ги мотивира невработените активно да бараат работа. Велат дека ако нема услови за високи плати, треба да се обезбедат барем достоинствени приходи за пристоен живот.
„Би требало да ги вработат сите луѓе кои се невработени и се на евиденција во Бирото за вработување. Таму има многу луѓе со завршен факултет. Син ми е дипломиран психолог, отиде да работи во странство, а да имаше добра плата овде, би работел. Но, немаме фабрики, нема каде да се работи. Треба да има средни плати, да може да се помине месецот“, вели повозрасна кумановка.
Граѓаните се зачудени како тоа нема работници за пополнување на празните места во стопанството, а податоците покажуваат дека имаме висока бројка на невработени.
„Мора да им дадат мотивација. Со пари, повисоки плати, подобри услови за работа. Луѓето нормално дека ќе менуваат работно место, ќе менуваат професија, но да им се понуди нешто повеќе. И односот кон работниците да биде подобар“, рече Вукица Јовановска, граѓанка.
Граѓаните велат дека за самиот поединец не е добро со години да биде без работа, да биде неактивен, да зависи од некој друг член на семејството и да не придонесува за заедницата.
„Нашите невработени треба да ги вработуваат. Да ги покачат платите и да има повеќе работа, инаку сите избегаа“, вели Билјана Додевска, граѓанка.
Зоран Кочоски од агенцијата Коузон објаснува дека во Македонија се битни два моменти, тоа што немаме внатрешна миграција на работната сила и фактот дека секој не прифаќа да работи што било, односно проблем се квалификациите.
„Ако имате огласи за вработување во внатрешноста, ние немаме работна сила која мигрира од поголем град кон помал поради работа. Колку луѓе би отишле од Скопје да работат на пример во Радовиш? Ако јас имам завршено средно економско училиште, а се бараат работници за во текстил, дали ќе прифатам? Не. Ако сум правник по професија, а се бара градежник, секако дека нема да ја прифатам таа работа. Во Македонија секогаш ќе има работници кои ќе тврдат дека очекувањата не се исполнети за одредено работно место. За да има економски раст, Македонија треба да увезе работници час поскоро, но ако тоа е неконтролирано и помасовно, може да доведе до демографски промени“, вели Кочоски.
Oд Агенцијата за вработување велат дека во согласност со годишните оперативните планови, имаат повеќе мерки за зголемување на вработеноста, а опфатени се и ранливите групи и долгорочно невработените лица.
„Во изминатиот период долгорочно невработените лица беа вклучени во мерките за вработување, а во согласност со Оперативниот план за 2023 година невработените лица ќе можат да бидат вклучени во повеќе видови обуки како што се: Обука на работно место кај конкретен работодавач, Обука на работно место со субвенционирано вработување, Обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, Стручни обуки според барање на работодавачите, Обуки за побарувани занимања, Обуки за возачи за Ц, ЦЕ и Д категорија, Обуки за развој на дигитални вештини и др. Невработените лица од евиденцијата на АВРСМ со незавршено средно стручно образование кои спаѓаат во ранливите целни групи, меѓу кои и долгорочно невработените лица (над 12 месеци во евиденција на невработени лица) можат да се вклучат и во пилот мерката Втора шанса“, додаваат од Агенцијата за вработување.
Велат дека целта на мерката е да им се овозможи на невработените лица кои бараат работа да завршат средно стручно образование и да добијат формална диплома, што не ја стекнале додека биле вклучени во редовното образование. Вклучувањето на невработените лица во програмитe, односно мерките за вработување се врши врз основа на транспарентни процеси за аплицирање, а може да се врши и со посредување или директно упатување во активните мерки за вработување.
„Активирањето на невработените лица односно нивното мотивирање за активно барање работа и вклучување во активните програми и мерки за вработување се врши и преку услугите за вработување како што се услугите за информирање, советувaње и мотивирање, преку посредувањето при вработување согласно барањата на работодавачите и друго. Една од услугите за активација на невработените лица е услугата СИМ Советување и мотивација за корисниците на гарантирана минимална помош, која се состои од интензивна психо-социјална поддршка на корисниците пред да се вклучат во активна мерка за вработување, како и менторска поддршка која е најинтензивна во периодот кога корисникот се вклучува во обука или друга активна мерка за вработување, а со намален интензитетот откако корисникот ќе се вработи и интегрира на пазарот на труд“, објаснуваат од Агенцијата за вработување.
Според податоците на Агенцијата за вработување, во март годинава во земјава имало 108.675 невработени лица. Најголем дел од невработените се без основно образование, само со основно, со незавршено средно или само со средно образование. Но, во евиденцијата на невработени има и 824 лица со завршена виша школа, 7.076 со факултет, 614 магистри и 17 доктори на науки.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/bannafarsai
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.