Грчка партија е против тоа Македонија да влезе во НАТО
Објавено во: Балкан 11 Јули, 2018
Претседателката на Движењето за промена, Фофи Генимата, во интервју за грчката телевизија Алфа го кажа својот став дека Македонија сега не треба да добие покана за членство во НАТО, туку откако ќе се завршат сите обврски предвидени во Договорот.
„Да не се даде поканата сега, бидејќи ќе се најдеме пред свршен чин. Нашата земја не треба сега да ги даде сите нејзини адути, без да бидеме сигурни дали другата страна ќе успее да ги заврши сите обврски што ги има преземено“ – рече Генимата.
Претседателката на Движењето за промени смета дека постои простор, па дури и во последен момент за подобрување на Договорот од Преспа и објасни дека нејзината партија, уште од прв момент наведе две работи поради кои не можат да го поддржат решението меѓу Македонија и Грција.
Смета дека секако постои сложено име со географска одредница, но реално не постои ерга омнес, кога владата дава македонска националност и македонски јазик. Овие работи, сами по себе вели дека го задржуваат јадрото на иредентизмот, а со тоа, не затвораат стари сметки, туку отвораат нови.
Лидерката на оваа партија смета дека Договорот може да се подобри.Инаку, Македонија попладнево доби покана за членство во НАТО, и тоа го соопшти на прес-конференција генералниот секретар Јенс Столтенберг.