Грчката полиција уапси македонски државјанин
Објавено во: Балкан 23 Март, 2019
Во Грција e уапсен македонски државјанин, кој се барал со германска потерница.
При влез во земјата, тој е уапсен, а по него германските власти распишале потерница за учество во мрежа што пред 13 години крадела податоци од картички на банкомати, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.
Тој во 2006 година од два банкомати во градот Минхен, украл податоци и лозинки на кредитни и дебитни картички со поставување на микроскопски чипови што ги снимале податоците и со поставување на дополнителна тастатура. Заедно со уште две лица со украдените податоци правеле картички – клонови и подигале пари во различни земји, предизвикувајќи штета од над 1.3 милиони евра, од кои над 200 илјади само во Германија. Мрежата била активна и во Северна Македонија, Грција, Италија, Франција и Бугарија.
Уапсениот е изведен пред јавен обвинител во Солун, а во следниот период надлежниот суд ќе одлучи дали ќе биде екстрадиран во Германија или не.