Груевски: Македонија ќе си ја потврди слободата и независноста
Објавено во: Македонија 08 Октомври, 2017
Лидерот на опозицијата Никола Груевски како што се ближи крајот на кампањата се повеќе се обидува да го врати стариот препознатлив печат на ветувања на голем број на проекти за граѓаните, но никако не изостануваат ниту политичките обвинувања кон СДСМ кои се најголемото зло според него како и закана за националните интереси на Македонија и ширењето на параноја.
„Ниту една закана нема да не натера да клекнеме на колена. Сите ние заеднички сме Македонија. СДСМ нема да донесе добро за никого. Тие можат само да затвораат работни места, да ги намалат приходите, да им го земат лебот на луѓето. Да донесат несигурна иднина за нашите деца. Тие се реална пречка. Пречка за подобро образование. Пречка за подобри услуги во здравството. Тие се пречка за повеќе работни места, економски раст и развој на Република Македонија. Тие се само пречка“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од вечерашниот митинг во Пробиштип. Според Груевски, власта е во паника зашто знае дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи.
Што и да направите, што и да смислите, Македонија ќе ви одговори, ќе згрми громогласно и ќе си ја потврди својата слобода и независност. Македонија ќе продолжи да ја чува својата слободна волја на граѓаните, изјави Груевски.
Осврнувајќи се на предизборната програма, кандидатот за градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Тоневски вети дека Пробиштип ќе добие пречистителна станица, нови детски катчиња, пречистителна станица за отпадни води, а ќе се инвестира и во инфраструктурата, како и во културата.
„На 15 октомври повторно ќе избереме дела, ќе избереме проекти, ќе избереме програма со нови инвестиции за уште подобар Пробиштип. Во наредните четири години ќе продолжиме со инвестиции во подобрување на инфарструктурата, ќе продолжиме со доасфалтирање и реконструкции на улици“, рече Тоневски.