Добивај вести на Viber
Во рамките на повеќедневната турнеја низ азиските земји, премиерот Никола Груевски и владината делегација што ја предводи денеска се во посета на специјалниот административниот регион Хонг Конг, кој е дел од Народна Република Кина. Таму то се сретна со претседателот на Извршниот совет на Хонг Конг Лунг Чун-јинг, со кого во фокусот на разговорите било унапредувањето на економската соработка, соопшти владината прес-служба.
Беше разговарано и за можностите за остварување на соработка и на полето на филмската индустрија помеѓу субјекти од овој сектор од двете страни. Имајќи ја предвид развиената филмска индустрија во Хонг Конг, премиерот Груевски ги претстави и можностите кои нашата земја ги овозможува за субјектите од филмската продукција и за снимање на сцени од филмови во Република Македонија, пред се преку даночните ослободувања и поврат во висина од 20 проценти кои се нудат на филмските продукции, стои во владиното соопштение.
„Разговаравме за договорот за одбегнување на двојното оданочување и за договорот за заштита на инвестициите. Отворивме и други полиња каде што би можело во иднина да има соработка, како што се туризмот и филмската индустрија“, изјавил премиерот Груевски по средбата.
„Хонг Конг е отворена економија и ги повикуваме македонските бизнисмени за соработка, а хонгконшките бизнисмени имаат отворен ум за соработка со странски партнери. Гледаме напред во соработката со македонската Влада и македонските бизнисмени“, изјави по средбата Лунг Чун-јинг.
И во Хонг Конг македонската делегација ќе одржи бизнис форум за презентација на инвестициските можности во земјата.