И Вучиќ ќе амнестира?
Објавено во: Балкан 18 Март, 2019
Српскиот претседател, Александар Вучиќ попушти.
Тој ќе ги помилува сите уапсени учесници на антивладините протести што се одржаа во саботата, освен оние што извршиле насилство.
„Оние што ќе побараат помилување, ќе бидат ослободени“, изјавил висок извор од кабинетот на Вучиќ за „Блиц“.
Српскиот весник на својата интернет-страница објави дека помилувањето се однесува на сите, освен на лицата што во зградата на Радио-телевизија Србија влегоа со моторна пила и им се закануваа на новинарите. Нема да бидат помилувани ниту лицата што нападнале полицајци пред претседателството на Србија.
„Танјуг“ објави дека Вучиќ побарал сите учесници на протестот што добиле прекршочни казни поради насилниот упад во РТС и во текот на протестот пред претседателството на Србија да бидат помилувани.
Вчера демонстрантите дадоа рок денеска до 15 часот, да се ослободат приведените.Пред новинарите српскиот претседател изјави дека е подготвен да ја отвори темата за РТС и дека сака дијалог со граѓаните.
Разговори со некои опозициски политичари Вучиќ истакна дека нема да има.