27 Септември, 2024
0.0293

Има ли само една вистина во Русија - Како Путин држи се под контрола?

Објавено во: Македонија 30 Март, 2023

Добивај вести на Viber

Една година по бруталната војна во Украина и натаму поддршката за Путин на анкетите за популарност е многу висока. Сепак, за да се разбере зошто е тоа така треба да се анализираат повеќе фактори, меѓу кои континуитетот на војната, која трае во некаква форма од 2014 година, и стандардните тези на Кремљ преку долготрајната пропаганда за „марионетските“ власти во Киев, застрашувањето на рускиот народ од „западното зло“ и безбедносните закани со проширувањето на НАТО, кои им се сервираат на Русите.

По една година војна сите државни медиуми се целосно наклонети на Кремљ, додека во меѓувреме речиси сите приватни медиуми кои беа критички настроени се затворени. Дел од руските новинари пребегнаа во западните земји, а дел се префрлија на онлајн платформите, некои дури и ја прифатија државната етикета „странски агент“, за да продолжат со работа.

За состојбите со војната и законот за дезинформации кој беше променет по инвазијата врз Украина и како тој влијае на начинот на работа на руските медиуми и новинари, разговараме со Афродита Рамос, македонска новинарка која работеше во Москва и има одлично познавање на локалните прилики.

Ја прашавме кои се главните начини на кои се известуваше за војната во изминатата година, каде да потсетиме дека дури е забрането воопшто да се користи терминот „војна" наместо пропишаната формула „специјална воена операција“ од Кремљ.
„Иако во Русија за разлика од Украина, нема официјално објавување на воена состојба, законите кои се донесени ја одразуваат вистинската состојба – државата не само што е во војна, туку се соочува и со граѓанска непослушност“, вели Рамос.

За новинарски текст во затвор

Со комбинацијата на законите за „странски агенти“ и „дезинформации за руските воени сили“, новинарите може да завршат и в затвор, со што режимот на Путин воспостави и се уште одржува цврста контрола врз домашните медиуми.

„За новинарите тука не престанува законодавниот лавиринт во кој можат да се најдат за „погрешна“ перспектива на настаните. Било која критика за војната или за неетичкото однесување на руската армија во Украина, може да резултира со парична казна, принудна работа или пак затворска казна до 15 години. До овој момент, највисоката казна по овој закон е дадена на опозиционерот и новинар Илија Јашин, кој беше осуден на 8,5 години затвор за „фејкови“ за руската армија, поточно за дејствијата во Буча“, посочува Рамос.

Но, спротивно од очекувањата, приватните медиуми не згаснаа целосно, што покажува дека има простор за објава на спротивставени ставови.

„Колку се поригорозни законите кои тенденциозно ја уништуваат слободата на изразување, толку повеќе креативност изразуваат медиумите.  Благодарение на виртуелните приватни мрежи (VPN) и социјалните медиуми како Telegram, Instagram и YouTube, „странските агенти“ успеваат да ја информираат руската публика. Нивниот начин на работа подразбира известување за Русија без всушност да се наоѓаат таму, бидејќи поголемиот дел од нив се во политички егзил. Балтичките држави примија голем дел од руските новинари, а Србија, Грузија и Казахстан се исто така популарни дестинации“, ни открива Рамос.

Веруваат ли Русите во „денацификација и демилитаризација“ на Украина?

Една од главните пораки на Путин, со која пред домашната јавност ја оправда инвазијата е „денацификација и демилитаризација“ на Украина, но прашањето е колку рускиот народ навистина верува во овие причини за крвопролевањата.

„Официјалната позиција на Кремљ која се пренесува преку руските медиуми, варира околу неколку теми, но не сите се поддржани со суштествени докази и поради тоа за голем дел од граѓаните, особено помладата популација, се неубедливи. Имено, фашистичкото однесување на украинските националисти, демонизацијата на Западот како колективно зло и спасување на Украинците од т. н. продажни западни марионетки се ударните наслови во медиумите, кои реалистично не можат да се докажат со бројни и несоборливи факти. Но, секој обид да се прикаже друга реалност, наидува на жесток одговор од државата според новите закони кои беа донесени или проширени“, смета Рамос.

Од недостигот на информации за обемот на уништувањето и цивилните жртви предизвикано од руските воени сили и особено приватната армија „Вагнер“, повозрасното население во Русија, кое претежно се информира гледајќи телевизија, речиси и да нема целосна слика или барем не сака да види што всушност се случува во Украина.

Дури и со младата публика, која е прозападна и има либерални сфаќање, тешко е да се очекува дека нешто брзо или неочекувано ќе се промени во Русија, особено во делот на поддршката за постапките на Путин, што му овозможува да води долготрајна војна, која продолжува со несмален интензитет и по обемот на уништување и по бројот на човечки жртви.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

СДСМ: Мицкоски да го праша Орбан зошто унгарскиот амбасадор гласал за одвојување на Македонија и Албанија

СДСМ: Мицкоски да го праша Орбан зошто унгарскиот амбасадор гласал за одвојување на Македонија и Албанија

(ФОТО) ГОРИ СТРНИШТЕ: Чад кај Миладиновци

(ФОТО) ГОРИ СТРНИШТЕ: Чад кај Миладиновци

ГО ОДБИЈА ОРБАН: Бугарите не сакаат посредници за односите со Македонија

ГО ОДБИЈА ОРБАН: Бугарите не сакаат посредници за односите со Македонија

MAКСИМ НА СРЕДБА СО РУСКИОТ АМБАСАДОР: Во кумановските училишта ќе се учи рускиот јазик

MAКСИМ НА СРЕДБА СО РУСКИОТ АМБАСАДОР: Во кумановските училишта ќе се учи рускиот јазик

БУГАРСКИ НОВИНАРИ И АНАЛИТИЧАРИ: Во Македонија се очекува јасен став од албанските партии, го споменаа и Орбан

БУГАРСКИ НОВИНАРИ И АНАЛИТИЧАРИ: Во Македонија се очекува јасен став од албанските партии, го споменаа и Орбан

РАДЕВ ЗА КОЧНИЦАТА ЗА МАКЕДОНИЈА: Tоа се логични последици од она што се случува во Скопје и Тирана

РАДЕВ ЗА КОЧНИЦАТА ЗА МАКЕДОНИЈА: Tоа се логични последици од она што се случува во Скопје и Тирана

СОСТОЈБАТА СО ПРЕВЕНТИВНИТЕ ПРЕГЛЕДИ: Колку граѓаните ги користат овие здравствени услуги во Македонија?

СОСТОЈБАТА СО ПРЕВЕНТИВНИТЕ ПРЕГЛЕДИ: Колку граѓаните ги користат овие здравствени услуги во Македонија?

„Заев и Филипче лажеа дека Македонија ги почнала преговорите“: Митева од ВМРО вели „само СДС и ДУИ се апстрахираат од одговорност“

„Заев и Филипче лажеа дека Македонија ги почнала преговорите“: Митева од ВМРО вели „само СДС и ДУИ се апстрахираат од одговорност“

Орбан: Заемот за Македонија не е кинески кредит, не смееме да даваме кинески пари на други

Орбан: Заемот за Македонија не е кинески кредит, не смееме да даваме кинески пари на други