Има места за криење и постојат сомнежи дека дел од борците од Азов останале во челичарницата
Објавено во: Свет 26 Мај, 2022
Можно е да има уште украински војници во челичарницата „Азовстал“ во украинскиот град Мариупол.
Ова го вели заменик-началникот на полицијата на Доњецката Народна Република, Едуард Басурин. Тој рече дека имале слаба координација меѓу нивните команданти. Вели дека има места за криење.
„Некоординираноста на генералната команда во „Азовстал“ доведе до тоа секој да живее на свој начин, секој да се крие во своето ќоше, па можно е да најдеме заостанати украински војници“, изјави Басурин, а пренесува Тасс.
Тој додава дека „целосното чистење“ на „Азовстал“ може да трае две до три недели бидејќи се работи за голема територија.
На 20 мај руското Министерство за одбрана објави дека челичарницата е целосно ослободена. Над 20.000 луѓе, главно цивили, се убиени во и околу Мариупол за време на руската инвазија.
Врховниот суд на Русија денеска ќе го разгледа случајот со признавањето на украинскиот Азовски полк како терористичка организација, се наведува на веб-страницата на Министерството за правда.