24 Април, 2024
0.0334

ИНТЕРВЈУ ГЕШОВСКИ: ЕЛС како најголема доставна компанија нуди партнерство за правни и физички лица во разработен и профитабилен бизнис

Објавено во: Економија 18 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Продажбата на АД Пошта на Северна Македонија треба да се случи што побрзо. Жално е ако државата не успее да создаде услови, транспарентост и фер натпревар низ целиот процес, вели во интервју за Фактор Игор Гешовски, сопственик на Еко логистик сервис (ЕЛС), најголемата приватна доставна компанија во земјава. Тој има силни амбиции за развојот на компанијата годинава, а според граѓаните станува збор за приватна пошта која ужива најголема доверба и кај клиентите. На анкетата која Фактор ја спроведе пред крајот на минатата година речиси 50 отсто од вкупниот број гласачи одговорија дека ЕЛС е најдобра компанија меѓу повеќето други.  

Гешовски: Ние од формирањето сме во постојан раст и развој, што резултира со позитивни резултати и поголемо присуство на терен, а веројатно тоа е една од причините што ја имаме довербата на корисниците за нашите услуги. Сигурно дополнителна причина се и нашите дополнителни активности во сферата на екологијата, хуманитарните услуги и поддршка на невладиниот сектор. Со тоа додаваме дополнителна вредност на самиот процес, на компанијата и на нас самите. Сакам да истакнам дека ваквото ниво на доверба на нашата команија не прави да бидеме уште повеќе посветени на граѓаните и општеството. Затоа и во иднина ќе продолжиме да градиме поголеми вредности, дополнителни услуги и да бидеме поблиску до нашите корисници и до граѓаните.

Како ова се вреднува во земјава? Во какви услови функционирате? Вие добивте награда со престижно признание за Македонски квалитет 2021 година која ја додели претседателот Стево Пендаровски.


Гешовски: Веројатно оваа награда се должи на тоа што и претходно го споменав. Но, една од важните работи која би сакал да ја истакнам е дека нашите најголеми клиенти кои ни ја дале нивната доверба немаат заминато од нашата компанија низ целиот минат период. Голем број од тие компании оперираат и во другите држави во регионот и ние се споредуваме со тамошните сервиси и услугите и квалитетот што го даваме се на тоа ниво каде што ни ја даваат нивната доверба и се уште работат со нас. Еден дел од заслугата за квалитет се должи на нашата поставеност, пакетот услуги и софтверските решенија што ги имаме поставено на пазарот и ги нудиме. Но, со сигурност огромен дел од заслугата за ова признание се должи на тимот и луѓето вклучени во извршување на задачите, кои во овие тешки времиња и вонредни услови наоѓаат сила и се вклучени, а и целосно се посветени во предизвиците на секојдневието.

ПОШТА РАБОТИ СО ЗАГУБИ, А ДАВА ПОНИСКИ ЦЕНИ

Владата соопшти дека има намера да ја продава АД Пошта на Северна Македонија. Нејзиното работење во последниот период носеше и загуби, што според вас е клучно да се стори сега?

Гешовски: Генерално мојот став е познат на јавноста. Околу продажбата сакам да кажам дека треба да се случи што е можно поскоро. Жално е ако државата не успее да создаде услови на транспарентост и фер натпревар низ целиот процес и ако не отвори јавни трибини или тркалезни маси околу ова прашање. Не треба да дозволиме да направиме услови за продажба, каде странските компании ќе имаат приоритет или ќе се стават услови само тие да конкурираат. Околу состојбата, поставеноста на АД Пошта на Северна Македонија и работењето треба да земе учество и одговорност и централната власт. Прво, мора да бидеме свесни дека во светот во тренд е растењето на приватните даватели на услуги или приватните пошти и има приватни пошти кои се со поголем финансиски учинок и поголем сервис од државните пошти. Кај нас тоа не може да биде случај бидејќи државата и дава монополистичка и бенефицирана поставеност на АД Пошта на Северна Македонија на пазарот на поштенски услуги. Иако долги години поштата е една од најголемите загубари под државна капа, државата не се обидува да промени нешто посериозно и да внесе професионалци во оваа област, или меѓународни консултанти или начинот на работење со што ќе се промени состојбата во оваа државна комапнија. Сите овие бенефиции како што се цени без ДДВ, вработување на луѓе под договор, меѓународен национален сервис за пратки, поставеност, дозволи за вршење банкарски услуги, заштитена цена за писма и други би ги искористила странската компанија доколку им овозможат едноставно да ја преземат АД Пошта на Северна Македонија. Зачудувачки е што државната пошта иако работи со огромни загуби дава пониски цени од приватните оператори, што е не природно бидејќи има дотација од државата и не е пазарно ориентирана. Но и покрај тоа, освен во делот на монополистичката положба за писма до 50 грама, во другите видови на услуги поголемиот дел од сервисите за достава го имаат приватните пошти. Напоменувам дека при започнување на преговори на државата со ЕУ едно од прашањата кои ќе биде отворено е и состојбата и положбата на АД Пошта на Северна Македонија на пазарот.


А како од друга страна е регулиран пазарот? Се зборува за потребата за измени на Законот за поштенско работење?

Гешовски:Агенцијата за пошти во РСМ е регулаторно тело кое работи под одредени закони и правилници кои ги донела државата и е надзор за контрола и спроведување на регулативите утврдени со законот. Сакам да укажам дека Агенцијата постојано се обидува да ја промени состојбата и да ги подобри условите во врска со работењето. За таа цел има подршка од ЕУ и има повикано консултати од Шпанија. Сепак, Агенцијата може да изигра важна улога пред се со барање за измена на Закон за поштенско работење, со правилници, со барање на утврдување на минимални цени бидејќи само еден пример ќе ви укажам за носење на нотарско писмо цената за услугата за носење на ваков тип пратки е непроменете а е донесена повеќе од 10 години. Секако треба да се обезбеди назависно финансирање на Агенцијата, затоа што најголем финансиер е АД Пошта на Северна Македонија. Тоа е контрадикторно затоа што органот е финансиран од тој што треба да биде контролиран, а има ред други недостатоци. Верувам дека раководниот тим на Агенцијата ќе успее да понуди нови законски решенија и измени на правилниците за да се подобри состојбата и работењето во оваа област.

ДОЗВОЛА ЗА ФИНАНСИСКИ УСЛУГИ И ЗА ПРИВАТНИТЕ ПОШТИ

А кои се клучните аномалии на пазарот?

Гешовски: Пред се би сакал да нагласам дека оваа дејност секаде во светот е либерализирана освен за одредени видови на пратки. Секако либерализацијата ќе доведе до подобра услуга која ќе ја нудат приватните пошти. Секојдневно сме сведоци на тоа дека денес секој што има возило доставува пратки, се испраќаат пратки по такси компании, диви велосипедисти и многу други начини на достава. Со воведување на поштарска лиценца, ќе добиеме професионални доставувачи кои ќе мора да бидат униформирани, препознатливи и ќе поседуваат легитимација за доставувач што би довело до лоцирање и минимизирање на проблематичните доставувачи и јакнење на цел овој сектор. Исто така сакам да нагласам дека ние како приватни пошти без разлика на големината треба да се обединиме за да го подобриме квалитетот и регулацијата на пазарот како и размена на искуства во врска со проблематичните испраќачи и примачи на пратки. Сакам да нагласам дека државата е нем набљудувач во врска со оваа растечка дејност. Мора итно да се донесе егулатива која ќе овозможи доставувачите да имаат одредени локации и простори каде ќе можат слободно да застанат со своето возило да достават пратка што би се имплментирало најлесно преку паркинг службите. Тука би ги споменал и трговските центри кои го забавуваат цел овој процес затоа што доставните служби се принудени да чекаат во редот за истовар и прием на роба во истите наместо да има одреден простор или посебен систем кој ќе овозможи непречено превземање на пратки. Морам да истакнам дека разочарувачки е фактот дека во оваа дејност немаме никакви конкретни мерки односно поддршка од државата. На пример државната пошта која добива специјални бенефиции, финансиска поддршка (дотација) и монополизација, што директно доведува до нееднаквост и нелојална конкуренција. На овој начин излегува дека државата е повеќе заинтересирана за поддршка на загубарите отколку за фирмите кои имаат растечки тренд и каде има простор за уште поголем и побрз раст. Министерството за финансии мора да интервенира во законот и да обезбеди дозвола да можеме да вршиме финансиски услуги за прибирање финасии од клиенти и задржување на истите одреден период се додека купувачот не потврди дека производот е во ред па потоа ние како сектор да го исплатиме производот на нашиот клиент. Оваа пракса се применува секаде и треба да се примени и кај нас. Мислам дека на овој начин ќе се зголеми довербата на online трговијата. Тоа е многу важен сегмент кој се користи секаде во светот со системи (апликации) како на пример PAYPAL и многу други алатки кои веќе функционираат во развиените земји. Исто така треба да размислуваме напредно и во чекор со новата технологија за алатки кои ќе ни го олеснат работењето. На пример со воведување на дигитална фискална сметка самата држава ќе добие поголема контрола и целосна евиденција, а на останатите сектори ќе им го олесни цел овој процес на фискализација и дигитализација.


Каква е позицијата на Македонија во однос на останатите земји во овој сектор?

Гешовски:За 2021 година на европско ниво има покачување на оваа дејност од над 40 отсто, но во Македонија има официјални податоци дека растот е над 80 отсто, но доколку ги вброиме и оние не евидентирани (не регулирани) пратки од дивите доставувачи овој процент надминува 100 проценти. Но сепак во иднина очекуваме тој раст да се зголемува бидејќи овој бизнис е рангиран помеѓу првите 5 перспективни бизниси. Во регионот не котираме добро, можам да кажам дека сме на последно место во Европа. Во целиот регион за време на пандемијата доставните служби од регионот како Србија, Романија и Бугарија, одиграа важна улога во доставата на лекови и суплементи, до оние на кои им беше потребно, дали поради неможност да излезат поради карантинот, хронично болните, постари лица или неподвижните лица и истите доставувачи беа прогласени за херои. Кај нас системот не овозможи да се направи добар и непречен сервис во оваа гранка. Државните пошти во регионов како и нашата државна пошта АД Пошти на Северна Македонија би требало да се отворат кон приватните пошти за некој вид партнерска соработка или поддршка и мислам дека тоа е Вин-Вин комбинација. Во моментов регионалната достава на пратки е оставена на големите странски компании кои нудат високи цени на овие услуги.Со иницијативата за отворен балкан ќе добиеме шанса ние од локални пошти да прераснеме во регионални пошти каде ќе нудиме поквалитетна, побрза и поевина услуга. Факт е кај нас дека компаниите за мебел и техника сеуште сами се организираат за доставата, што не е пример во другите земји каде масовно преминуваат на outsourcing.

ЛОКАЛНИ КАНЦЕЛАРИИ

Кои се Вашите планoви за 2022 година?

Гешовски: Развојот на ЕЛС пред се ќе се темели на нови технологии и пракси затоа што тежнееме да бидеме дел од глобалниот поштенски бизнис. Веќе работиме на имплементирање на нови системски решенија, подобрување на грижата за корисници. ЕЛС како приватна доставна компанија која поседува најмногу канцеларии, луѓе и возила во следниот период сакаме да им понудиме на неколку институции отворена соработка за да ги прецизираме начините за достава и би направиле меморандум за протоколите како би било најдобро да се достават пратките кои им се потребни на клиентите на банките особено во овој период на пандемијата. Ние сме спремни да помогнеме во едукација на кадри и да се поврземе со образовните институции за да луѓето се специјализираат за оваа дејност и на тој начин да си обезбедат подобра егзистенција. Ние како една од најголемите доставни компании во земјава досега немаме користено државна помош ниту сме соработувале со некоја државна институција и оваа година планираме да се вклучиме во јавните набавки и да настапиме со наша понуда на единствените услуги кои ги нудиме како супер брзи пратки, Македонија во иститот ден и сите оние услуги каде мислиме дека можеме да одговориме на потребите секаде каде што се бара оваа услуга. 


Исто така ќе се обидеме да станеме претпознатлив регионален провајдер, пред се поради големите e-commerce сајтови кои се недостапни во овој регион поради неможноста за квалитетна доставна услуга и сервис, со што ќе го поедноставиме процесот на достапност на производите многу побрзо, поквалитетно и пред се поевтино за разлика од големите интернационални пошти кои оваа услуга ја наплаќаат прескапо за стандардот со кој живееме. Исто така на овој начин ќе воспоставиме излез на македонските e-commerce трговци на регионалните и светските пазари, што ќе претставува голема гордост како за нас како компанија така и за нашата држава. За овој програм мислиме да бараме поддршка и од државата бидејќи се работи за меѓуграничен транспорт и одредени регулативи кои би требало да се поедностават. Секако тука спаѓа и дополнително проширување на веќе постоечката мрежа на ЕЛС преку отварање на самата компанија кон приватни компании и лица кои се заинтересирани локално да бидат наши партнери во доставата и развојот на компанијата. ЕЛС веќе извесен период работи на принципот достава на пратки во локалните канцеларии низ Македонија во истиот ден. На овој начин сме единствени кои ја нудиме оваа услуга и токму поради тоа планираме отварање на партнерски канцеларии со сите оние кои се заинтересирани за работа во овој сектор. Во овој процес на outsourcing има голем потенцијал за заработка и јас лично ги охрабрувам и јавно ги повикувам сите оние што имаат желба да соработуваат партнерски со една докажана и голема компанија како ЕЛС да не контактираат. Токму во овој период правиме анализа во градови како на пример Прилеп или Кочани каде подобро е да имаме повеќе канцеларии на помали реони каде доставата ќе биде побрза и секоја канцеларија ќе биде достапна до примателот кој ќе има можност да си ја подигне пратката на само неколку метри од својот дом. Секако дека планираме да продолжиме со еко акции на расчистување и пошумување на јавни простори како и со напорот кој го правиме за намалување на штетните издувни гасови набавувајќи електрични возила и возила на природен гас. Ќе продолжиме да даваме поддршка на невладините и хуманитарните организации со цел градење подобро општество за сите, со еден збор ќе останеме општествено одговорна компанија. Ние веќе сме тргнати по тој пат и имаме воспоставено систем и модел кој функционира одлично. Ние како современа компанија го следиме светскиот тренд, сакаме да интегрираме што поголем број компании и луге, во овој систем за да направиме подобар сервис за граѓаните не само во Македонија туку и надвор од неа. На тој начин ќе бидеме главните партнери и сервис на Македонските продавачи за излез на нивните стоки надвор од државата. Токму поради тоа нашето мото е: ЕЛС Домашен бренд-Светска услуга.

А.Т.


Можеби ќе ве интересира

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

КОИ СЕ БРАТОТ И СЕСТРАТА КОИ ЌЕ ДОБИЈАТ ДИВИДЕНДА ОД ПО 260 ИЛЈАДИ ЕВРА, А ИМА И ОД НАГРАДИ - од пиво добро се живее во Македонија

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

ГЕРМАНСКИ СИНЏИР ГИ ОТВОРА СВОИТЕ ПРВИ СУПЕРМАРКЕТИ ВО СРБИЈА - еве каде сѐ ги има и каква храна ќе се продава

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата

„Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари“: Трендафилов - ќе бараме зголемување на минималната плата